Во конкретнава ситуација ТВ-форматот беше најдобрата можна опција преку која не само што целосно го реализиравме фестивалот со најамбициозната програма досега туку го облагородивме телевизискиот простор со нешто навистина вредно и квалитетно. По сѐ, сепак се надеваме и веруваме дека следната година ќе се видиме во кино, каде што и припаѓаме, вели Јовановиќ
Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“
Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ доби нова димензија годинава. Се емитуваше на ТВ 24, но побуди голем интерес кај гледачите, па програмата продолжува да се емитува и да се репризира до крајот на ноември. Организаторите истакнуваат дека „Киненова“ е уште еден голем доказ дека филмската уметност лесно ќе го најде својот пат до публиката и дека какви било бариери се само предизвик и дека фестивалот доживеал неочекувана популарност дури и во услови на криза.
Од ваша перспектива, како помина „Киненова“?
– Како дел од културниот простор во Македонија, „Киненова“ имаше мисија и одговорност да го продолжи континуитетот и да придонесе во одржувањето на филмската уметност и културата во овие екстремно чудни времиња. Киното и уживањето во филмската уметност на тој начин е возвишено, тоа е еден прекрасен начин на комуникација со светот, комуникација на авторите со публиката, социјализација, размена на идеи и енергии. Но сфативме дека оваа година тоа не можеме да го имаме и се помиривме со тоа. Тоа нѐ мотивираше да бараме соодветни решенија за комуницирање на фестивалската програма. Тлеејќи сите овие години желбата и идејата што поголем број луѓе, публика, да го погледнат тоа што како фестивалски тим го подготвуваме со голем ентузијазам и љубов по шест месеци за секое издание, многу брзо се протна идејата за ТВ-формат. Сам по себе овој формат секако нуди голема видливост и достапност. Максимално ја искористивме можноста, реакциите се позитивни до толку што моравме да размислуваме за дополнителни репризи.
И за време на пандемија успеавте да го извлечете најдоброто од фестивалот. Ги поместивте сите бариери. Што е она што особено ве радува?
– Ме радува тоа што нашата порака упатена и преку слоганот „Прво филм“ беше топло и безрезервно примена од голем број гледачи. Во време на целосно опаѓање на квалитетот на содржините во медиумскиот простор и ставање на културата на страна, да имате уметнички филм во ударен термин е мошне убава работа и успех. Задоволство ми причинува и тоа што успеавме да ги договориме речиси сите филмови што ги планиравме и посакувавме за овој формат. Беше голема битка да се изработи тоа, но искрено уживавме и не се откажавме во ниту еден момент.
Понудивте богата и разнолика програма, квалитетни продукти, допревте до сечиј вкус. Што би издвоиле?
– Оваа година особено внимававме на тоа да направиме шаренолика програма во тематска, стилска или жанровска смисла. Гледавме и на тоа да вклучиме што поразлични и поегзотични кинематографии. И сметам дека успеавме. Не се трудиме да ѝ се допаднеме на публиката по секоја цена, затоа што публиката се навикнува на она што ѝ го пласирате. Ние, а особено медиумите, ја имаме одговорноста во насока на обликување на понудата на содржини или информации и конечно на начинот на перцепција на истите тие. Тоа е процес на образување што е долгорочна мисија. Во таа смисла секогаш правиме баланс помеѓу желбите, вкусовите на гледачите и нашите идеи и намери за да може таа комуникација на фестивалскиот концепт да оди помазно. Најголеми реакции побуди програмата „Посветено на Фернандо Труеба“, познатиот и признаен шпански режисер. Одличен прием имаше и програмата „Посветено на Билјана Гарванлиева“, нашата прерано почината документаристка, на која сакавме да ѝ оддадеме заслужена почит и внимание бидејќи таа постави многу високи стандарди во македонската документаристика и ја прослави низ светот. Секако дека она што нѐ радува е и добриот прием на филмовите од главната натпреварувачка програма.
Преку емитувањето на „Киненова“ во ваков формат успеавте да допрете до широк и масовен аудиториум, го направивте фестивалот достапен за секого… Кои се предностите на овој формат, а кои се маните?
– Да не се лажеме, во филм најдобро и најсоодветно се ужива во киносала, во атмосфера на социјализација со другите луѓе и директна размена на мислења. Но кога за тоа немаме можност, сите други формати, па и телевизискиот се опција и начин да се пласира уметноста и да продолжи со континуитетот. Во даденава ситуација ТВ-форматот беше најдобрата можна опција преку која не само што целосно го реализиравме фестивалот со најамбициозната програма досега туку го облагородивме телевизискиот простор со нешто навистина вредно и квалитетно. Она што го имаме како реакција е благодарност што сме овозможиле за широк аудиториум на публика во услови на голема несигурност и загриженост да ја направиме достапна фестивалската програма, секако, обликувана и спакувана според највисоки телевизиски стандарди. Иако „Киненова“ има многу свои цели како фестивал, меѓу кои првата е откривање нови филмски автори од целиот свет, оваа година ја надградивме нашата мисија поттикнувајќи ја домашната јавност на поинаква перцепција на медиумите и нивната улога во општеството. По сѐ, сепак се надеваме и веруваме дека следната година ќе се видиме во кино, каде што и припаѓаме.