Го влечкаше велосипедот со издишана гума по пешачкиот премин на Илинденска, кога едно бело „пежо кортина“ во полн залет чкрипаво закочи на три сантиметри до него: „Пичка ти материна, будало пијана!“, завика грубијанот зад воланот, натопен во парфеми и со позлатен синџир околу вратот.
Го облеа ладна пот. Ги стисна дршките од велосипедот. Гадот во сино костум излезе од „пежото“ пцуејќи, и тоа му беше голема грешка. Бесот буди огромна сила, но овој пат таа дојде од спротивната страна. Го подигна целиот велосипед, сосе дупнатата гума, и го тресна гадот со тркалото по лице. Овој падна како покосен, па почна да се превиткува по асфалтот и да цимоли: „Ме уби, бе, ме уби… Не ме мавај, жити се…“
Петар застана над него, со сѐ уште дигнатиот велосипед во рацете.
Еден повозрасен човек дотрча до него и го фати за надлактицата, велејќи му: „Ама немојте, ќе го повредите човекот“. Во исто време, една жена клекна над бутнатиот насилник, се гледаше дека е од оние фини жени, вита, со уредна коса, фенирана, но не боена, дури со понекое бело влакно овде-онде, клекна до насилникот со златен синџир да помогне, но во еден момент ѝ стана непријатно што презеде толку голема акција и не знаеше што да прави следно – дали да го допре насилникот или да го праша нешто – очигледно ѝ беше незгодно, па одлучи да се исправи и да гледа лево-десно дали ќе дојде решение. Имаше волнено палто со поткрената јака и долги убави прсти, со кои реши да ја придржува јаката додека не се реши ситуацијата.
Две дечишта со ролерки стоеја и коментираа од страна: „А бе овој со велосипед тргна ауто да тепа“, и гласно се смееја.
Петар, со велосипедот подмишка како да е митралез, за миг го вкрсти погледот со жената и му се причини дека таа му го возврати со интерес. Имаше очи какви што му се допаѓаа кај жените – темни, вдлабнати, малку тажни.
Во меѓувреме повозрасниот минувач му се обрати на насилникот: „А и ти, гледаш пешачки е, што се дереш, што провоцираш?“ Кутнатиот нешто промрмори, се подисправи, го истресе палтото од сјаен полиестер и влезе во колата. Пак рече, ама потивко „пичка ти материна“, ја вклучи колата, ја врати во рикверц и замина.
Петар го спушти велосипедот и ја побара со поглед фината жена, но неа веќе ја немаше.
Едно од дечиштата го потчукна по рамо и пак гласно се изнасмеаја.