ЗБОГУМ, МЛАДОСТ МОЈА, 3

(приказна за една мелодија)

Ме распоредија во единицата на воената полиција на Авала. Бев, во сета таа изнасилена регрутска процедура, сепак, на некој начин, задоволен. Но не за долго. Белград беше близу, ама и не баш близу. Патот од касарната на Авала до градот со автобус, па и со добронамерен автостоп, траеше предолго. Освен тоа, веднаш се почна со строга и исцрпувачка обука на родот воена полиција, со постојани терени, вежби со стрелба и марширање. Еднаш не издржав, едновремено гневен и депримиран, и се протнав надвор низ жиците на касарната. Ме фатија (се подразбира, воена полиција) и добив месечна забрана за излегување.
Гледано низ таквите факти, сега ми е јасно зошто тогаш се чувствував како бутнат и затворен во една истоштувачки наредбодавна средина. Нема шанси во следните единаесет месеци, си мислев, некој да дојде да ме спаси. Ама се случи! Низ касарната се прошири веста дека ќе се формира забавен армиски ансамбл за да го разведрува расположението на војниците и старешините. Се пријавив за клавијатурист. И за чудо, ме примија, односно немав противкандидат. Само ми фалеше инструмент. Старото електрично пијано. Се договоривме со Влада да го „допремиме“ до касарната. Фативме автобус од Белград, преку Рипањ до Прњавор, па оттаму пеш до касарната.
Патот до касарната ни помина во постојан разговор. Тој во јакна и фармерки, јас во униформа, пијаното во багажникот на автобусот. Потоа, носејќи го пијаното заеднички во раце, задишани, но не престанувајќи да разговараме, до влезната порта на касарната. Беше тоа еден од оние важни разговори на секојдневни теми, за кој отпосле, по години, не се сеќавате за што сте разговарале, но ги паметите сликите на живите гестикулации, заемната смеа и чувството на другарство. Се простивме кај стражарницата на влезот, се гушнавме, го презедов пијаното и продолжив понатаму.
Така, во следните два месеци, нашиот мешан војнички состав од народњаци и рокери (Мики Џафер, на пример, свиреше гитара и пееше придружни вокали) им го сервираше во културно-забавните мигови истиот мешан репертоар на генералите, полковниците и помладите старешини. Додека една ноќ пејачот Милидраг не побегна од касарната во непознат правец. По неколку дена го пронајдоа, но ансамблот моментално доби забрана за работа. Ме вратија на војничките должности – стражарење, патроли и слично до крајот на воениот рок, а електричното пијано му го вратив на Влада за да ме сочека во станот кај татко му и мајка му кога ќе се симнам од униформата.
Но, кога низ секакви перипетии успеав да го завршам воениот рок, цивилството ми се чинеше некако сменето од она пред војската. Фигурите на вечерните шетачи по Калемегдан, под бледата светлина на полукружната месечина, како да ме отпраќаа од една завршена етапа од мојот живот. Бев оженет, ги привршував постдипломските, заедно со уште двајцата потстанари во Грачаничка се подготвував за селидба, но каде, кога, сѐ уште не ми беше јасно, иако знаев дека ќе се случи.
За тоа време Влада и момците од „Звук улице“ упорно вежбаа и настапуваа. Повремено им се придружував, но сѐ поретко. Некаде кон почетокот на 1979 година, на концертот во „Дадов“, седев во публиката додека членовите на „Звук улице“ најавија една моја композиција. Станав да им отпоздравам, но беше јасно дека веќе не сум во бендот.

(продолжува)