Загадочниот одговор на мистичниот Абел

Рецензија

Со нетрпение чекав да го гледам унгарскиот филм „Објаснување за сѐ“ (2023) на Габор Реиз, а впрочем се убедив дека чекањето се исплатеше. Ова е трет негов игран филм по комедијата „Од некоја необјаснива причина“ (2014), по што продолжува да работи со ист ентузијастички шарм и во следниот „Лоши поеми“ (2018). „Објаснување за сѐ“ е награден за најдобар филм на фестивалот во Венеција во селекцијата „Хоризонти“ и е најкомпактно дело, но амбициозен чекор во споредба со претходните. Не треба да се занемарат умешните совпаѓања на перспективната конструкција, кои се клучен ротор за динамичното дејство.
Главниот лик е тинејџерот Абел, кој го толкува одличниот Гаспер Адони Волш, кој во текот на лажливото лето безумно се вљубува во својата најдобра пријателка Јанка (Лила Кизлингер). Нејзините страсни импулсни клокоци се наменети за либералниот професор по историја Јакаб, а Аморовите стрели од Абел грубо ги отфрла. Потврдна афирмација за талентот на Лила Кизлингер е наградата „сребрена мечка“ за споредна улога на Берлиналето во филмот „Шумо секаде те гледам“ (2021) со неполни 20 години. Јакоб е безмилосен и егоистичен професор што чека Абел да направи погрешен чекор за да го понижи, а првата пригода миговно ја користи и го бутка на испитот. Секако, иако ова не е главната причина тој ја посочува значката на реверот од Абел симболизирајќи ја десничарската партија предводена од фашистичките замисли на Орбан. За да биде кавгата поголема, како главен виновник го посочува таткото, кој е симпатизер на истоимената партија. Тинејџерот е препуштен сам на себе, немајќи поддршка од никого целосно се предава на својата бесценета слобода возејќи со точакот низ булеварите на Будимпешта до раните утрински часови. Ерика е млада новинарка, која дознава за училишниот инцидент и тука насетува одлична можност да направи интервју со Абел, сметајќи да собере поени за работно место во десничарскиот весник. И сѐ ќе беше во ред доколку нејзината малициозна уредничка не одлучи да ја ротира приказната во своја корист. Инстинктите на Ерика се точни, но етички двојбени и филмот спирално влегува во перцептивно и суптилно (пре)испитување. Реиз има топла хумана оптичка порака во фабулата, која може да премине во морничава алегорија или застрашувачка реторика во правец меѓу Јакаб и Абел, вклучувајќи ги и неговите родители.

Тоа е поткрепено со брзиот објектив од раката на Кристоф Бечеши, кој користи уникатна, но примамлива летна светлина, која како да ни потшепнува за ова фијаско што поскоро да заврши. Таткото Ѓорѓи е архитект, кој често еквилибрира со својот бихевијорален статус меѓу границата на нетрпеливост и лутина. Својот близок соработник Балаш сака да го разубеди од зацртаните мисли да не заминува во Данска по работа туку да остане во Унгарија, а во некои моменти кај него проработува и антисемитската жичка. Веќе жестоко раскаран со Јакаб околу ставот и историјатот на земјата, тој е транспарентен гласач на Фидес, кој помогнал Орбан да дојде на власт.
Во меѓунасловите: „Абел во дивината“ или „Вторникот на Ѓорѓи претворен во мизерија“ загатката на „Објаснување“ се соочува со моментните проблеми на својата земја, но и за Јакаб кому не му одговара „првата“ брзина и затоа бурно префрла во трета. Кога доаѓа до конфликт меѓу Абел и таткото, сценаристичкиот тандем Реиз и Шулце внимателно одолева при својата постапка да не претера со должината на сцената. Нарцисоидниот Ѓорѓи првпат покажува емпатични ноти кон синот, кога тој му признава дека се чувствува бедно, нема концентрациски капацитет за да го положи матурскиот испит. Реиз со кратките кадри ја нагласува цела вжештеност на општеството во кое моментално се наоѓа, а може да кажеме тоа е едно од „Објаснувањата за сѐ“. Иако постои пркосно чувство на изолација, која поттикнува дел од расправата со овој безмалку нацистички потег што се стреми да прерасне во национален инцидент, малку се земјите што не сочувствуваат со проблемите на поединецот. Користејќи меѓунаслови повторно нѐ потсеќа на паметната монтажа на сцената, Реиз внимателно сака неговиот филм да биде интригантен.
Публиката да биде сведок на неизвесноста при сложувањето на последниот дел од мозаикот како урнек, а слободата може да се спомне, но не да биде видлива во целост. Иако е снимен само за 20 дена, но подолго монтиран од Реиз и Горацза, задоволство е да се гледа овој филм и добар мотивациски поттик за генерациите од училишните клупи каде што се одигрува оваа блескава мелодрама. Секако Реиз е име на кое треба да сметаме во иднина и доколку продолжи да работи со овој динамизам, нема да биде впишан само во трезорот на унгарската туку во европската кинематографија.