Оттргнување од заборав на еден од најзначајните македонски уметници
На ден Илинден годинава ќе се обнови традиционалната манифестација „Порта Љубица“, со избор и на неизложувани дела, заслуга на семејството на уметникот, особено на синот Рубенс. Тоа не е само чин на сеќавање туку и оттргнување од заборав на творештвото на Вангел Наумовски, еден од најзначајните македонски уметници, толку присутна тенденција во ова време на атрофија на свеста и етиката.
Со основите елементи на ликовната култура Вангел Наумовски се стекнал во втората половина на 1940-тите години. Своите први обиди во сликарството ги направил во 1950-тите години, со нагласен афинитет за теми од народниот живот и историјата, како и за пејзажи од неговиот роднокрај. Со нив стана познат како сликар наивец, а малку подоцна, со натамошна еволуција на неговиот стил, неговите слики беа оценети како „посебна варијанта на наивност“ (Борис Петковски). Сепак, во текот на повеќе години делото на Вангел Наумовски се афирмираше, не толку прецизно во редот на веќе познатата „југословенска наива“. Неговите постигнувања беа забележани прво од македонската, потоа уште погласно од хрватската критика, со натамошна афирмација и на меѓународен план. Вангел Наумовски со сликата „Мало острово во прегратка на цветови“ од 1962 година и други слики, како „Црна лулка на светлиот живот“ (1963), „Љубовен сон во космичка градина“ (1964), „Весела ливада“ (1969), не само што најави значајна промена туку и формираше, особено во 1970-тите години, сликарско и цртачко творештво со лично артикулирани и оригинални белези.
Вангел Наумовски постепено се афирмираше како современ уметник: не сакаше повеќе (оправдано) да го нарекуваат сликар наивец. Не мируваше туку смело отвораше нови поглавја во творештвото, различни според стилските и техничките карактеристики, упорно настојуваше да создава „варијации на иста тема“, што е одлика на уметници со интегритет. Во неговото сликарство, со препознатлив авторски идиом, стана јасно дека нема и не може да има место за темни мисли ниту болка во груби варијанти. Нивното место го зазеде еден идеализиран свет „од соништата“, но поттикнат од мотивите на доживеаната стварност раскошно распослана во пределите на родното Скребатно и целиот охридски крај, исполнет со светлина и хармонија во природата, речиси недопрена од човечката „цивилизација“. Покрај интимната вокација, не мала улога во создавањето на овој аркадиски распеан свет на уметникот одигра неговото ангажирање како цртач на флората и фауната во Хидробиолошкиот завод во Охрид. На таква основа се роди еден познат, натуралистички и едновремено стилизиран измислен свет на органски и флуидни форми подложени на творечко преобразување; своевидна пантеистичка поетска визија во која човекот, машкиот и особено женскиот акт (перципиран и преку уметничка фотографија) добиле симболично сетилно значење на единство и хармонија со природата: сублимираното претставување не им дава сила на директните сетилни ефекти. Таквата суптилна „преѓа на сонот“ (особено во сликата „Бела пролет“ од 1980) се препознава и во фигуративно-апстрактните цртежи, со грижливо и методично спроведено моделирање на формата, со употреба на куси и мовлесто структурирани линии, кои имаат еротски конотации („Изворни сни“, 1968; „Свадбен венец“,1969; „Грев на младоста“ и „Крилатана галаксијата“, 1980). Кон крајот на 1960-тите години, можеби по возбудливото стапнување на човекот на тлото на Месечината, сликарот ќе почне да внесува „космички елементи“ во своите слики, што подоцна ќе резултира со нов обемен циклус на таа тема („Можна стварност“ од 1966, „Космичка катедрала“ од 1968, „Нестварна стварност“ и „Зачеток на вечноста“ од 1977). Новите платна, со недвосмислени и доволно сугестивни, промислени називи, донесоа (изложени во „Даутпашиниот амам“) ликовно и естетски крајно пречистена форма на изразување поврзана со темата: тоа се наизглед едноставни аеродинамични или стилизирани обли форми, кои личат на космички летала во рамниот чист небесен простор.
Во овие слики редуцирањето на формата не значи осиромашување на содржината („Распуштена галаксија“, 1979; „Хоризонтална галаксија“ и „Галаксија од другата страна на сонцето“, „Чиста галаксија“ сите од 1980; „Поларна галаксија“, 1986). Естетиката на вешто и сигурно дизајнираните необични и преобразени облици го достигна својот врв. Елегантната обла, извиена линија ќе нѐ упати на историската сецесија – новата уметност, а кружните форми и чистите бои на некои примери од уметноста на Истокот, како и на националната изворна традиција. Таквите решенија, во различен контекст се наоѓаат во делата на Хоан Миро, Ханас Арп, Ернст Вилхелм Нај и многу други. Колоритните кружни форми и нивните односи сугерираат нотни, звучни, како и визуелни сигнали кон реципиентот. Пред некои слики некој може да се потсети на музиката на Вивалди, како „Во слава на природата“ (меѓу другите и сликите: „Тишина на распеаната ноќ“, 1970; „Мајско утро“, „Мајски насмевки“ од 1972; „Бисери на младоста“, 1973; „Тоа не е сон“, „Охридско време“, „Разиграни девојки“ сите од 1975; „Сунѓер и алги“, „Подводен пејзаж“ итн.).
Надреалистот Салвадор Дали, откако ја видел изложбата во галеријата „Мона Лиза“ во Париз во 1970 година, го искажал следното проникливо мислење: „Ова е сликар на бајките. Тој е сликар наивец, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните сликари наивци. Кај Наумовски има елементи што може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“.
Во 1983 година е објавена луксузната монографија „Вангел Наумовски, Езеро, Афиони, Ерос“ од угледниот критичар и публицист Ото Бихаљи-Мерин. Книгата изобилува со извонредни објасненија, а ќе ги наведам следните: „Го посетував скромниот стан на сликарот и видов како насетувајќи бара, трагајќи ги слика македонските народни митови. Тој беше инфантилно одделен од својата околина и инстинктивно ѝ се подаваше на безвременоста. А тоа е она наивното во него“.
Вангел Наумовски во 1960-тите и 1970-тите години го формираше својот најпознат „класичен стил“ покрај другите истражувања и стилски творечки достигнувања. Во делата од тој период доаѓаат до израз неговите клучни и карактеристични мотиви обвиени со препознатливите белези на уметничката фантазија и одделни надреални призвуци. Темните тонови се урамнотежени, главно надраснати од светлите чисти хроматски тонови и форми контурирани и експресивни со доминантните ритмички кружни линии. Критичарот Хајзе за стилот на цртањето на Оскар Кокошка забележал: „Со извивање и кружење на линиите станува очевидно она што е инаку скриено“. Тоа се следните платна насликани со маслени бои: „Црна лулка на светлиот живот“, 1963; „Жена во бавча“, 1964; „Охридски девојки“, 1965; „Коегзистенција на светлината и мракот“, „Срцето на животот“, „Предел во воздух“, сите од 1967; потоа „Градина на сончевото зајдување“, „Визија што лебди“ од 1968; како и „Можна стварност“, „Сончева долина“, „Расцутени огнови“ од 1969 година.
Сликата „Езерска невеста“ од 1973 година, ремек-дело, и целата колекција на болницата за костозглобни болести е своевиден „Храм на уметноста“, која дејствува благотворно и смирувачки на човекот. Бранкуши вели „убавината е апсолутна правда“, а Шопенхауер вели „убавината ветува среќа“. На сликите го препознаваме мотивот на бавча цветна како и „Рајска градина“, која лебди меѓу земјата и небото. Сината боја симболизира и небо и вода, еден меѓупростор. Ако за Кронин „Ѕвездите гледаат од небото“, за Вангел Наумовски ѕвездите се стилизирани цветови. Сите праформи, растителни или органски фигуративни форми се проткаени со „течна“ боена материја, која ѝ дава фантастичен призвук на целата сликовна претстава. Таквите издолжувања и разлевања, како и топчестите облици, може да нѐ потсетат на некои Далиеви решенија, особено скулптурите на Б. Хепфорт, на Л. Фонтана, како и на А. Калдер и други.
Во 1970-тите и 1980-тите Вангел Наумовски ги наслика и следните дела: „Атлантида“ (1977), „Спирална галаксија“ (1981), „Вечност“ (1982), „Бел космос“ (1983), „Охридска порта“ (1984) итн. Насловите на сликите се поетски срочени,упатувајќи нѐ на асоцијативните значења за делото.
За Иван Рабузин критиката забележа дека овој уметник слика „идеализирана реконструкција на светот“, а неговите слики „се преконструкција на рајот“. Вангел Наумовски ја доловил „магичната сила на наивноста“ кога сликал во ателје, а некогаш „на пејзаж“. Со поимот „стаклена градина“, В. Бењамин ги поврзал достоинството и занесот во творештвото.
Во 1990-тите години Вангел Наумовски смело го отфрла предметното во интерес на слободно градење арабескни полуотворени линии, кои добиле широки вибрантни форми врз мазната површина на сликарската хартија. Во нив е внесено сеќавање на природата, во една пречистена форма со понагласено свртување кон гестот и внатрешните пориви на уметникот. Во некои дела сликарот внел и понекој „цветен“ мотив.
Вангел Наумовски на пијано изведуваше музички импровизации (објавени на цеде) со забележлива концентрација, кои на моменти дејствуваа збунувачки. Меѓу овие музички творби и цртежите од последниот период може да се повлечат поврзувачки нишки. Линеарните цртежи во боја, слични на детски шарања, без средиште, имаат ослободувачки и неинтересен карактер. Тие се беспредметни сами по себе, но со асоцијативни закривени црти. Во разбрануваниот сплет на линии инстинктивно и самоволно се внесени звучни ефекти, како и сеизмографски набележаните внатрешни импулси.
Вангел Наумовски се занимаваше со дизајн на резба, а во скулпторското дело „Љубов“ (1969, алуминиум), поставено во дворот на уметниковото ателје, како и гипсените обоени скулптури обликувани според класичниот модерен концепт на органски облици, се синтетизирани фигуративното и апстрактните облици. Во 1960-тите години Вангел Наумовски изработи мали гипсени архитектонско-скулптурални објекти или „Скулптури за живеење“, како „Езерска вила“ од 1965 година и други (во соработка со арх. Б. Марковски); иако се инспирирани од охридскиот амбиент, ниту еден модел досега не е реализиран. Овие модели се изложувани во Рим во 1967 година. Со својата биоморфна обликовност и предвидена функционалност,, тие се сродни со органската архитектура на модернизмот, како и со некои моделатори на просторот заинтересирани за интегрирање во секојдневниот живот (Етјен Мартен со своите „Живеалишта“ или Андре Блок со неговите „Станбени скулптури“).
Досега не е реализиран ниту еден модел. Сликарството на Вангел Наумовски, кое содржи и декоративна дизајнираност на пречистените форми, отвораше можности за нови обликовни решенија, потенцијал за нови остварувања во сферата на кинематографската анимација, како и за некои амбиентални истражувања, како оние на Јајои Кусама итн. Направени се некои обиди одредени негови дела да најдат место во јавниот простор на градот Охрид, каде што тој остваруваше улога на амбасадор на македонската култура и уметноста пред светот. Беше омилен соговорник, господски елегантно облечен во бел костум, со бел шешир со широк перваз. Мотивот на „Рајска, цветна градина“ е симболична впечатлива уметничка визија, но иако „убавината не може да го промени светот“, таа може да зрачи со облагородувачка енергија. На Вангел Наумовски му пречеше мачната густина во сликите, затоа што тој сликаше светлина и хармонија во широк простор на охридската синевина. Неговите слики од агол на големите тежини што ги има денешниот свет може некому да му се видат како дела надвор од времето, но тој ја афирмираше токму оптимистичката варијанта на „денот“.