Мементо за Гане Тодоровски по повод 95 години од раѓањето
За Ураганот Гане Тодоровски во македонската книжевност доста е пишувано и темелно се елаборирани неговите поетски, научни и книжевно-историски дострели. Тој, несомнено, е еден од фундаментите врз кои се надградува современата македонска поезија во втората половина на 20 век. За тоа творештво и понатаму ќе се пишува, бидејќи неговите траги се неизбришливи во македонскиот поетски пантеон. Повод за овој текст е моето сеќавање на Гане пред сѐ како поет и човек кого бескрајно го почитував и од него научив многу тајни за поетскиот занает. Зошто во насловот го употребувам атрибутот Ураган? Затоа што Гане навистина беше тоа – поетска сила што уриваше и на која сите ѝ се восхитуваа.
Мојата генерација порасна со неговата поезија и се сеќавам дека просто се натпреварувавме кој ќе каже повеќе стихови од него. И навистина првата песна од македонски поет што ја научив напамет беше неговата „Македонски монолог“. И до ден-денес барам дополнителни објаснувања за сите дилеми и прашања што таа ги отвори, кои, за жал, сѐ уште стојат отворени во нашата сегашност. Во врска со тоа важно присуство во близината на Гане, можам да кажам дека мојата генерација, се разбира дел од неа, просто се натпреваруваше кој повеќе ќе каже за своето дружење со Големиот Поет. Така поминавме многу ноќи во кои слушавме и разговаравме за поезијата и убавините на зборот. Се сеќавам дека меѓу многуте стихови што тогаш ги кажувавме беше неговата песна „Песната што треба да ја напишам“ и додека со нетрпение го чекавме во бифето на факултетот, да му завршат часовите, го повторувавме нејзиниот крај:…ако си тргнал да стануваш поет/крстот под мишка/и молкома/(со право на избор за брзо или бавно приближување)/и молкома/кон своето распетие!/ Такви мигови и ноќи имаше многу. Кој сакаше, од тоа дружење можеше многу да научи, зашто поезијата не се учи од книги и во читалници. Таа треба да се доживее и буквално да се препише од животот.
Веќе кажав, предмет на ова мое мементо е поетот и човекот Гане Тодоровски. Неговата општествена верификација како професор, општественик и амбасадор е другата голема страна на неговата личност. За тоа богатство треба посебно да се пишува и да се размислува за неговите пораки. Јас пишувам за Гане онаков како што го запознав, го почитував и му се восхитував. Секогаш, и од студентските денови и од новинарското катадневие. Посебно ме направи горд фактот што во последните избрани дела на Гане тој ставил три мои интервјуа што во текот на времето ги правевме за многу теми. Тој човек, покрај големиот поетски талент, беше ризница полна со знаење, искуство и предизвици. Затоа моето почитување е безгранично. Зашто Гане беше човек со визија. Во едно од споменатите интервјуа му поставив прашање за објавувањето книги, мислев на хиперпродукцијата (тоа беше година во која Гане објави десетина книги). Ми одговори едноставно: „Братислав, не заборавај каде живееш. Овде ако не се појавуваш постојано, ќе исчезнеш!“
И навистина оваа пророчка визија на Гане денес се покажува жално точна.
Вториот дел на ова мое сеќавање на Гане Тодоровски го посветувам на заедничкото уредување на списанието за книжевност и култура АКТ и на заедничките патувања. Во АКТ Гане беше член на Редакцијата од првиот број, па до крајот на неговиот живот. Неговото присуство во Редакцијата му даваше посебна тежина на списанието, а неговите прилози остануваат како трајни белези во македонската книжевна периодика. Со Гане имав чест да патувам на неколку патувања што беа посветени на книжевното преставување на Македонија во светот. Најголем впечаток ми оставија патувањата во Русија (денес кога Русија и руската литература се ставени на „чумавиот столб“ можеби некому нема да му се допадне ова, но Русија отсекогаш ја почитувала нашата книжевност). Бевме поканети на фестивали, но најважната посета беше кога задно со Богомил Ѓузел бевме во Москва за да подготвиме антологија на современата руска поезија. Подоцна таа антологија излезе во издание на „Струшките вечери на поезијата“, со наслов „Епидемија на слободата“. Гане ни овозможи средби со многу влијателни луѓе од руската книжевност и бевме пречекани на највисоко ниво (пред сѐ мислам на нивното почитување на нашиот јазик и поезија). Тие денови беа полни со динамика и, колку и да сакавме, не можевме да бидеме секаде каде што бевме поканети. Бевме сместени во грандиозниот хотел „Русија“, за кој Гане на шега велеше: „Oвде трезен можеш да излезеш, но на враќање мораш да го потплатиш рецепционерот да те однесе до собата.“ Хотелот имаше десетици влеза и стотици соби, а барот работеше 24/7 и таму секогаш имаше „жедни музи“ од сите временски зони на Русија. На крајот одморивме во Тихонскиот манастир, каде што најголемите руски умови ги минувале своите последни мигови во тихување. Тоа тихување за Гане продолжува и денес во неговото Кожле, каде што од високо ја гледа Македонија и нејзината судбина.
Ми беше чест што те запознав и што многу работи научив од тебе, Гане.
Во прилог на ова сеќавање го приложувам и моето поетско слово за единствениот Гане Тодоровски.
Автор: Братислав Ташковски
Слово за Гане!
(В крвта ни остана едно недоречување…
Гане Тодоровски „Македонски монолог“)
Да, Учителе, останаа уште многу работи кои треба
да се кажат.
Бегајќи од напишаното сепак нè сместија во фуснота
И нашата храброст заврши без никој да не нè праша за тоа.
Оваа земја денес остана бранета само со зборови
И не постои никаква топлина за да го згрее студенилото меѓу нас.
Одамна се прашувам дали навистина ни е потребен Фројд
За денес да се обидеме да се разбереме малку повеќе
самите?
И гледај, со годините стануваме сè понеразбирливи
И за тоа објаснување ќе ни требаат чети психолози
За да ни го дообјаснат, сега во новиот век, нашето
себепремолчување.
И гледај чудо, денес навистина самите се нарековме
тоа што сме
(Горди Македонци а даночни обврзници,
административни поданици и
морски туристи од сосем друга земја!?)
И сета вода вардарска не може да го измие тоа
нарекување
Бидејќи се преброивме погрешно водени од тапоглавци.
И навистина, ако вака постоиме, јас не знам до кога ќе
постоиме.
И денес нема повеќе фрази за да го скријат нашето
предавство
Голомразицата е тука и таа како јанѕа нè стресува
Дека може некои луди глави повторно да нè раздадат
како европска понадица.
Но тоа проклетство далеку било. Не можеме да имаме
Друга Македонија, Учителе, и никаде на светот не постои такво место за нас.
Зошто кај ќе ѝ биде алот на таа земја ако нѐ нема нас
Ако не говори македонскиот јазик од нашите грла?
Не, нам не ни е местото во Атласот на изгубените народи,
Нам не ни се потребни убедувања дека така ќе било
подобро.
Ти ја затече оваа земја на крстопат и пееше со една чудна
Поетска статистика како сме опкружени со душмани
и хипокрити
И тогаш порачуваше да си ги собереме умот и нашите
свети коски
За конечно да започнеме самите да се домакедончиме.
Но што направивме за тоа да го сториме?
Со голема горчина во душата денес велам ништо Учителе,
Бидејќи само ги заменивме хипокритите со наши,
Поасални од претходните кои наместо
белградоцентрични
Станаа бриселоцентрични во намерата да останеме
без Македонија.
Којзнае каде ќе нѐ води таа голомразица, но темнината
е голема
И навистина не знам што можеме да направиме за да
побегнеме од таа судбина?
Твоите зборови, и на уште многу малку како тебе,
остануваат. Те
споменуваат со желба да те заборават за да ја дотуркаат темнината докрај.
Внуците ни се раѓаат по Германии, Шведски, Дански,
а тие во Америкине и
Канадине никогаш не ни слушнале за македонскиот јазик.
И во еден таков ѕвералник тивко си пееме:
… и покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
Навистина, Учителе:
В крвта ни остана едно недоречување…
Братислав Ташковски