(Африм А. Реџепи, Хуманологија, Институт за македонска литература, Скопје, 2021)
Творецот на протонизмот, професорот и поет Ѓеке Маринај, за својата теорија се инспирира од градбата, од структурата на атомот. Додека електроните кружат во орбити, компактното јадро на атомот е составено од протони и неутрони. Бројот на протоните го дефинира атомскиот број на елементот, така, според Менделеевиот систем, водородот е бројот еден, јагленородот – шест, кислородот – осум…
Методолошката основа на протонизмот на Маринај, во толкувањето на Реџепи, се базира на стаменоста на протонот, односно, пренесено во полето на книжевната критика, тоа би подразбирало објективност во процесот на проверка на вистината, низ откривање на јаките точки (позитивните протони) и на слабите (негативните електрони), притоа ослободувајќи се од товарот на идеологијата, од политичките принуди, од локалните, вонкнижевни интереси. Во таа насока, петте опстојни начела на протонизмот би биле: 1. Вистината – преку доследна вредносна анализа на книжевното дело, 2. Истражување – процес преку кој објективно и постапно се конструира вредносниот суд тој се наметнува на читателите, 3. Враќање – позитивно соочување и потпирање на претходното критичко искуство, 4. Протосемиотика – интересна комбинација меѓу протонизмот и семиотиката што може да служи како ефикасно орудие во лоцирањето на слабостите на негативната критика, 5. Етика – афирмација на убавината и хармонијата на книжевното дело преку принципот „бело/горе“.
Протонистичката интерпретација на книжевното дело, потпирајќи се на своите пет начела, има особено значење во балканскиот книжевен контекст, што критериумски евидентно страда поради експресните „пумпања“ на книжевно просечни дела, поради политички (тикантски) и клановски фактори што се вовлекуваат во величањето или спротивно, во запоставувањето на определениот автор и неговите книги. Секако дека оној што го оценува поседува (потребна) доза субјективност што може да даде два спротивни ефекти – во историјата на книжевноста големи критичарски имиња не секогаш ги препознале вредносните потенцијали во делата на своите современици, но неретко се случувало тие да превреднуваат и да извлечат на виделина дело и писател што биле неправедно подзаборавени.
Оттаму, позитивната естетика и протонизмот може да се сфатат и како своевидна реакција на интернет-поплавата што длабоко ја зафати и книжевноста – не само што книгата се третира како продукт туку нејзината продажност е мерило за нејзината оправданост. Неретко, естетското вреднување на книжевното дело се фрла во втор план, се замаглува, се игнорира на сметка на бројот на продадени примероци, дури, што е поопасно, прекумерно се велича, одвојувајќи се од неопходните естетски мерила. Сѐ повеќе фалат компаративни вредносни и поетички согледби на претходните и современи национални и меѓународни автори, со што се осиромашува популарноста на социјалните мрежи, отвора индивидуални, алтернативни, ментално досетливи можности за промоција на сопствените ставови, но во полето на литературата (и уметноста воопшто) се создава збрка, рекламирање и натурање моментални, често вонкнижевни интереси.
Да заклучам: досегашниот научен опус на Африм А. Реџепи се одликуваше со внесеност и доследност во истражувањата. Во книгата „Хуманологија“, пренесувајќи ни ги, со приврзено познавање, актуелните естетски концепти на Денис Датон и на Ѓеке Маринај, кај Реџепи се открива уште еден силен авторски исчекор во ослободеното љубопитство и потребата да се навлезе во смислата и опстанокот на современата уметност, но и опстанокот на хуманиот свет.