За магичниот реализам во „Џипси меџик“ на Столе Попов (3)

Антиупатства за лична употреба

(филмофилски импресии)

***

Како и во „Оган“, во „Дае“ дијалогот го заменуваат звуци – додека таму беше застрашувачкото блуење на големите машини, тука звучната кулиса е поразновидна. Реката, ветерот, топотот на коњите на номадско-чергарската дружина, ритамот на тапаните, завивањето на трубите… мајсторски и натурално се доловени, а пред сѐ – криците на „невидливата“ породилка, внатре во еден од шаторите, мајката по која е насловен филмот (Дае=мајка). Во вака исполнетиот простор, се испреплетуваат меѓучовечките, роднински и племенски односи. Сценариото на филмот за доаѓањето на светот на новороденчето што се совпаѓа со прославата на Ѓурѓовден, најголемиот ромски празник, е на Анте Поповски, мајсторот на поетскиот збор, но во „Дае“ зборови речиси нема, освен гласните воздишки на породилката, пратени од звуците на околината и природата. На тој начин се озвучува автентичната примарна сликовност на филмот, при што режисерот во трансформацијата на сценариото во магична визуелна приказна има моќни соработници во камерманот Мишо Самоиловски и монтажерот Димитар Грбевски. Колективната енергија на јавниот простор, наспроти прикриениот невидлив приватен простор на шаторот, создаваат богата ритмичка магија со што, целосно заслужено, филмот беше номиниран за „Оскар“ во категоријата „најдобар краткометражен документарен филм“.

***

Меѓу дузината впечатливи ликови во ремек-делото на Маркес се издвојува Мелкијадес, човекот со ромско потекло, кој во Макондо се враќа од мртвите зашто не може да поднесе осаменост. Овој пророк, шаман што раскажува за она што ќе се случи, изграден слоевито, што низ креативната логика во визуелното го добива она што е зад видливото, е извонреден пример како ликот(вите) во уметничкото дело, во лабораторијата на творецот ги одмоткуваат своите карактери.

Во жанрот на долгометражниот игран филм, работата врз различноста на ликовите и нивните меѓусебни односи е особено важна. Додека во „Дае“, главниот јунак е колективот, чергарската дружина, а дијалогот е заменет со филмски читливи (со повремени, ефектни секвенци на тишина) звуци од околината и природата, во „Џипси меџик“ постои галерија индивидуи со изразени карактери од различна возраст, кои се конструирани психолошки со мноштво дијалози што се активирачи на филмското дејствие. Сценарист на филмот (во кое соработувал и Попов) e Владимир Блажевски, кој десетина години претходно го режираше впечатливиот „Хај-фај“, но по сценарио на Горан Стефановски, базирано, пак, врз неговата позната театарска пиеса. Подоцна, Блажевски како сценарист (во „Големата вода“ на Иво Трајков, 2004) или во двојна улога, како режисер и сценарист (во „Панкот не е мртов“, 2011) ќе го ефектуира својот сценаристички потенцијал во разгранета мрежа од филмски ликови и ситуации.

Во сценариото за „Големата вода“ ќе се соочи со моќна текстуална предлошка, романот на Чинго. Со право Јасмина Мојсиева-Гушева, еден од најдоследните толкувачи на делото на Чинго, во неговото книжевно писмо ги издвојува влијанијата на поетиката на магичниот реализам: „Се мешаат ирационалните сили, судбината, демоните, злобниците, доброделниците, случајните непријатели, неочекувани пријатели“. Магичното во „Големата вода“, пишува авторката: „… треба да се сфати како продолжување на напорите што подлабоко да се осознае реалноста преку откривање на сликовитите претстави од другата страна на хоризонтот“. Во постапката на премин од богат книжевен текст во успешен филм сценаристот ја користи адаптацијата како почетен стадиум во придвижување на текстуално-визуелните интеракции, потоа следи суштинската трансформација на литературата во „седма уметност“.

Во „Џипси Меџик“, пак, Блажевски и Попов го прифатија креативниот предизвик од страниците на големата „книга на животот“, во случајов од автентичниот свет на маргинализираните Роми, да создадат јазично сочно, „нецензурирано“ сценарио што потоа, низ специфичните медиумски визуелни квалитети, ќе оживее во филмот.

(продолжува)