ЗА ЧИТАЊЕТО

(од мојата 16. до 23. година, гимназија и факултет)

Некои книги беа дел од училишната и студентска лектира (што тогаш ја читавме редовно, некогаш по задача, некогаш со страст), а другите откритија на љубопитниот студент по литература. Но и едните и другите ги одделувам како книги што додека ги читав бев залепен за нив од првата до последната страница, што речиси ме доведе до Стендалов синдром, забрзано чукање на срцето од восхит и вџашеност. Кога книгата го освојува младиот читател, тој е приврзан и пристрасен, внесен во читањето не го забележува минувањето на часовите. Занесот на читањето, како што тој може да го исполни времето кај младиот читател!, го нурнува во бескрајната разноликост на книжевната храна, за тој доживотно да остане доброволен уживател на нејзиното богатство.
Кои се моите први суштински книжевни откритија што ме насочија во мојата непрекината занесеност вo читањето?
Како некој вид премин, паралелен со пубертетот, „Клетниците“ на Иго, „Тивкиот Дон“ на Шолохов и „Мемоарите“ на Казанова, потоа (се трудам, колку што можам, да ја насочам меморијата хронолошки):
Сервантес – „Дон Кихот“
Х. Милер – „Sexus“
Ромен Ролан – „Жан Кристоф“
Дикенс – „Големите исчекувања“
Стендал – „Пармскиот картузијански манастир“
Достоевски – „Злосторство и казна“
Толстој – „Ана Каренина“
Хесе – „Игра со стаклени бисери“
Ман – „Волшебниот брег“
Флобер – „Г-ѓа Бовари“
Ками – „Странецот“
Раскази на Чехов, Мопасан, Кафка, Андриќ, Хемингвеј
Булгаков – „Мајсторот и Маргарита“
Џојс – „Даблинци“
Јурсенар – „Хадриановите мемоари“
Калвино – „Баронот на дрво“
Раскази на По, О’Хенри, Пирандело, Селинџер, Буцати
Ман – „Смрт во Венеција“
Борхес – „Алеф“
Андриќ – „Проклета авлија“
Црњански – „Роман за Лондон“
Есеи на С. Цвајг, В. Вулф, М. Цветаева, И. Еренбург
Маркес – „Сто години самотија“
Набоков – „Лолита“
Шулц – „Продавниците со боја на цимет“
В.Вулф – „Г-ѓа Даловеј“
Селин – „Патување до крајот на ноќта“
Оваа листа на најчитани книги подоцна се дополнуваше и менуваше со други книги и други писатели, но она што ме радува од денешен аспект на читателски ветеран е што и тогаш, кога се втурнував во интензивните откритија на растењето – експериментирања, сентиментални соочувања со можности и неможности, радости и разочарувања – не штедев на времето за читање. Ја барав слободата во движењето на телото и мислата, а ја поткрепував со книгите!
Сега, во разговор со млади писатели, кога им кажувам за непроценливото читателско искуство од младоста, некогаш ми велат: „Сте трошеле многу време на читање. Јас не читам толку. За да не трпам влијанија“.
Книжевните влијанија се креативни двигатели за младиот писател, им велам, затоа книгите и постојат. Да бидат пронајдени (откритие!) и читани (инспирација!).