За разлика од младоста, кога патувањата по шините ми беа преполнети со најразновидни случки, подоцна ретко се возев со воз. Сепак ќе се сеќавам на тие проретчени труцкави часови во некогаш удобни, некогаш расклатени вагони, можеби затоа што, по некоја намерна случајност, ме тераа, истиот ден кога ќе стигнев на скопската железничка станица и локомотивата ќе го стивнеше своето забрзано збивтање, да запишам нешто инспирирано од мислите и глетките што минуваа и се менуваа додека возот се провлекуваше низ најразлични секвенци од природата и општеството.
Токму од едно такво набљудување од прозорецот на вагонот се роди хаикуто:
Возот се лизга, низ прозорецот гледаш: стрип за патување.
Сосем поинаква беше атмосферата во еден поспан патнички воз: „Можеби Чехов со право го советувал младиот писател Телешов кога му говорел дека патувањето со воз во III класа е вистинска шанса да се дојде до добри приказни, но, за жал, во целиот вагон на патничкиот воз ’Горбачов’, освен мене, имаше уште еден чичко, заспан врз вреќа пиперки. Каква корист од тоа што се исполнуваа сите предуслови што Чехов ги наведува. Се качив од една посивена провинциска станица, возот патува бавно и долго, а јас, и покрај неколку испиени шприцери во станичното бифе, подготвен сум да бидам љубопитен и внимателен соговорник. Навистина, на секои петнаесетина минути, ’Горбачов’ запира, вратите се отвораат како на секоја стоковна куќа, но нови патници – нема“.
За среќа, со себе носев бележниче и молив, па, додека чичкото и натаму ’рчеше, започнав да го пишувам расказот „Девојките од Горби“, кој потоа, откако се вратив дома, заброди во водите на фантастиката. Иако дејството на расказот ме водеше во некои други предели, и таму се пренесе матната надвисната атмосфера на празниот вагон што се клати.
Возот клучно се вовлече и во расказот „Папрадишки“ од збирката бајки од левиот џеб „Човечулец“. Во оваа детективска бајка возот не е само превозно средство, туку внатре, во него, се случуваат најважните настани: „Сѐ почна од една, најблаго речена, несекојдневна средба во купето од прва класа во експресниот воз Белград – Скопје. Некаде два часа по Ниш, кога веќе се насетуваше крајот на моето патување, а возот, поради застарените шини, почна нерамномерно да ја менува брзината, де побавно, де побрзо, кога, донесено од гром се појави, наспроти мене, во празното хупа, едно… момче. Од никаде!“.
Нараторот на оваа приказна е Белгиец, сонародник на прочуениот Херкул Поаро, но иако не е детектив, туку градежен инженер пратен по деловна задача во Скопје, и тој поседува извесно изострено чувство за истражување. Да не прераскажувам, ако сака љубопитниот читател, ќе си го најде четивото во „Човечулецот“, само да напоменам дека возот останува до крајот на расказот, дури и во сонот на Белгиецот: „… во сонот веќе патував во воз, многу помодерен и многу побрз од оној со којшто дојдов во Папрадиште, кој како да не возеше по шини (не се слушаше она вообичаено клопотарење), туку како да се лизгаше низ воздух. Бев во купе со еден помлад човек во фармерки и избледена маичка со куси ракави што некогаш, одамна, беа омилена облека на младите. Младичот затекнато зјапаше во мене.
Почувствував дека возот забрзува“.