PHOTO: Grgo Jelavic/PIXSELL

Сенка Булиќ, хрватска актерка и режисерка

Сенка Булиќ е актерка и режисерка, директорка на ХНК од Вараждин и на драмската програма на Дубровничките летни игри. Таа говори за својата уметничка посветеност, за бурните води на продукцијата, но и за предизвиците со кои се сретнува во сите овие функции.

Хрватскиот театар е на високо уметничко ниво во регионот, а и пошироко. Како би ја опишале состојбата на актерската професија во Хрватска и што ѝ е потребно на хрватската актерска сцена за да стане уште подобра?
– Посетеноста на театарот е доста висока, и покрај предвидувањата дека новите медиуми и технологии ќе ја намалат потребата за одење во театар. Финансиските промени влијаат на нивото на продукцијата, но театарот сепак опстојува. Изгледа дека непосредноста, директниот контакт со актерите е нешто што публиката го поддржува. Динамична е и независната сцена и покрај проблемите со кои се соочуваат уметниците што создаваат на тој начин. Освен тоа, поради неколкуте академии во Хрватска, има поголем број актери, но пазарот сè уште е премал, па дел од луѓето не успеваат да се занимаваат со професијата за која се школувале.

Како успешна директорка на Народниот театар во Вараждин, Ви недостига ли сцената како актерка и каде ја гледате иднината на овој театар во однос на репертоарот?
– Поради продукциската работа, моментално немам многу актерски ангажмани. Ми недостигаат добри улоги, но сега сум фокусирана на продукциската работа, која е исто толку возбудлива. Понекогаш режирам, што е многу слична творечка позиција. Репертоарот во Вараждин го градиме врз односот меѓу класичниот и современиот репертоар. Ме интересираат големи автори, наслови и силни режисерски имиња. Инсистирам и на праизведби. Со ваков концепт успеавме да ја заинтересираме не само вараждинската туку и публиката што доаѓа од други краеви. Идејата е класиците да ги поставуваме со современ пристап, со денешни мотиви и причини. Ги поставуваме и новите автори, што е обврска на јавните театри, да ги прифатат новите имиња и да им понудат контекст во кој најдобро ќе се претстават.

Од неодамна сте и директорка на драмската програма на Дубровничките летни игри и го работите тоа многу успешно. Колку сте задоволни со годинашното издание и каде е местото на овој уникатен летен фестивал во европски рамки?
– Многу сум задоволна. Програмата беше одлично прифатена. Публиката реагираше фантастично. Сите наслови беа распродадени, дури и пред почетокот имавме листи на чекање. Се создаде позитивна атмосфера околу Игрите. Оваа година темата беше Медитеранот. Поставивме два наслова што во Дубровник имаа култен статус. „Кафетарија“ со извонредниот Маро Нејашмиќ Баниќ и „Еквиноцио“ во режија на Крешимир Доленчиќ со нашите актери од европски и светски кариери Зринка Цвитешиќ и Горан Вишњиќ. Зринка ја освои наградата „Орландо“ за улогата во „Еквиноцио“. Соработувавме со независната сцена и премиерно го изведовме „Џими Ќорка“ со одличниот Матија Чигир, а на крајот и „Бура“ во извонредната режија на Тауфер, генијалните костими на Алан Хранитељ, необичната и разиграна музика на Мрле и Иванка, одличната сценографија на Андреа Рондовиќ и лудите кореографски решенија на Лео Мујиќ. Годинашните Игри се паметат по различните естетики и извонредните актерски остварувања. Тоа е голем поттик за следната сезона, во која исто така продолжуваме со силни режисерски и актерски имиња.

Би ѝ се вратиле ли повторно на режијата, со оглед на тоа дека бевте исто толку успешна и како режисерка, или водењето на двете многу комплексни функции Ви одзема многу енергија?
– Водењето театар е сложена работа што бара целосна посветеност, па немам многу време за други проекти. Во последната година успеав да режирам две претстави што ми беа многу важни и тоа го усогласив со другите многубројни обврски. Тоа навистина ме интересираше и најдов начин. Станува збор за претставата „Во агонија“ во независната продукција на театарот „Хотел Булич“ и за „Глорија“, која ја работев во Риечкиот театар со одлична поделба. Освен тоа, работев и на поставување на драмската програма на фестивалот во Дубровник. Интензивна сезона, но со многу задоволство и успех.

Каде е местото на хрватскиот театар на европската и светската мапа, со оглед на тоа дека Хрватска има актерски личности што уживаат светска слава, како што се Горан Вишњиќ и Зринка Цвитешиќ, кои ги ангажиравте и во годинашното издание на Дубровничките летни игри?
– Хрватскиот театар мора да го следи тоа што се случува во Европа. Не смее да се затвора и да биде самозадоволен. Единствено во комуникација со европските и светските струи може да се позиционира како релевантен. Дел од хрватските театри се присутни во Европа преку гостувања на претстави, но сè повеќе и во продукции или копродукции. Постојат и соработки со театрите во регионот. Исто така, има низа наши драматурзи чии текстови се изведуваат во угледни европски театри.

Со што би се занимавале доколку не би биле актерка, режисерка и директорка, односно доколку не би биле целосно посветени на театарот и неговиот развој?
– Јас мислам дека без сето тоа не би била јас. Ова е моето остварување.

Сашо Огненовски