Славица Јанешлиева, деканка на Факултетот за ликовни уметности
Факултетот за ликовни уметности годинава одбележува 45 години од своето основање. Какви активности се предвидени во чест на јубилејот?
– Официјалниот датум на роденденот е 31 март. Сите активности што годинава ги има факултетот ќе бидат под закрилата на јубилејот. Веќе реализиравме работилница од областа на конзервацијата и реставрацијата со универзитетот „Западна Атика“ во Атина, отворивме изложба од втората сесија на летната школа на ФЛУ „Њу арт фор(у)м“. Главен настан е ретроспективната изложба на наставниот кадар од ФЛУ во Музејот на современата уметност во Скопје (3 април, 19 ч.). Во април е промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти, официјално именување на предавалницата и библиотека на ФЛУ во чест на нашиот професор Душан Перчинков, во мај студентските изложби „Драгутин Аврамовски-Гуте“, „Четири мајстори на модернизмот“, „Петар Хаџи-Бошков“, „Ванчо Ѓеоргиев“, „Борко Лазески“, Годишната изложба на ФЛУ на крајот од академската година (два дена на две локации), во јуни одржување на третата сесија од Летната школа на ФЛУ и во декември изложбата „Мал формат“. Наесен имаме неколку гостувачки изложби и предавања во галериите на факултетот. Планирана е и активност за пријателите на факултетот во објектот „Сули-ан“ во есенските месеци. Договорено е и со МРТ континуирано, до крајот на годината, да се емитуваат емисии за ФЛУ и за нашите реномирани уметници и наедно наши професори.
Какви се впечатоците од одржаната работилница „Од дијагностика до конзервација?
– Впечатоците на студентите и на професорите се одлични. Тридневната работилница во организација на ФЛУ, а со активен ангажман на Марија Сотировска Богдановска, беше интензивна, но исклучително корисна. Ги продлабочуваме воспоставените контакти со универзитетот „Западна Атика“, со цел да овозможиме пошироки познавања и настава од областа на конзервацијата и реставрацијата, попрецизно практични знаења и дијагностички техники за зачувување на уметничките дела за студентите што го изучуваат овој предмет. На работилницата учествуваа 17 студенти, а предавачи и обучувачи беа: Стаматис Бојатзис, Екатерини Малеа, Георгиос Панагиарис, Василике Аргиропулос и Ставрула Рапти. Професорите од Атина носеа вредна соодветна опрема, неопходна за демонстрација на техниките за дијагностика и зачувување. Нашата држава има недостиг од кадар, но и лаборатории и опрема од оваа област и треба стратегиски и системски да се работи на создавање услови и студиски програми. Тоа треба да се реализира со заеднички договор и план на сите засегнати институции (Министерството за култура, Министерството за образование, Националниот конзерваторски центар и УКИМ). Имаме изборен предмет од областа на конзервацијата и реставрацијата уште од 1980-тите години, но ги немаме потребните услови (просторни, опрема и вработен наставен кадар) за да едуцираме професионални кадри со диплома исклучиво од оваа област. Разговараме за заедничка диплома со атинскиот универзитет. Расположение има од двете страни.
Што ќе опфати ретроспективната изложба на 3 април во МСУ, која ќе биде централен настан?
– Изложбата обединува дела од наставниот и соработнички кадар на ФЛУ од основањето досега, значи ќе претстави речиси половина век македонско ликовно творештво. Изложени ќе бидат дела од 45 автори. Тематски, изразно, стилски и во форма на изведување делата се различни и во духот на времето кога се создадени, па така ќе има слики, графики, скулптури, уметнички објекти и инсталации, фотографии, видео, звук и перформанс. Изложени ќе бидат дела од колекцијата на МСУ и дела во сопственост на авторите. Ќе се потрудиме да понудиме и документарен преглед (фотографии, документи, публикации, активности и слично) од историјата и да вклучиме и документарен материјал за наши истакнати алумни. Секако, значајно е и публикувањето на Монографијата по повод 45 години ФЛУ, која ќе биде промовирана на изложбата.
ФЛУ отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување нови уметнички хоризонти… Како успевате во таквата мисија?
– Уметничкото образование не негува само креативност туку поттикнува истражување, анализирање, интерпретирање и креативно решавање проблеми. Сето напоменато го развива критичкото размислување, што е нужна вештина во образованието, успехот во кариерата и секојдневниот живот, овозможувајќи им на поединците да размислуваат појасно и критички во различни контексти. Уметностите се моќен аспект на цивилизацијата како форми на експресија, кои ги рефлектираат културните и општествените вредности на времето. Тие се уникатни „знаења“, кои на индивидуалците или на групите им овозможуваат пренесување идеи, емоции и приказни, средство за комуникација и можност за менување на светогледот. Факултетот 45 години посветено ги негува и развива ликовниот талент, академските достигнувања, визуелното творештво, македонската ликовна и културна сцена. Од секоја генерација се издвојуваат студенти што активно ќе се посветат во пронаоѓањето на личниот творечки израз и градењето уметничка кариера или на едукацијата, на визуелните комуникации и креативните индустрии, но сите 1.530 дипломирани и 232 магистирани студенти, заедно со основоположниците, придонесуваат кон негувањето на вистинските културни вредности и развојот на современата ликовна сцена.
Факултетот е сместен е во три објекти, еден во „Сули-ан“ и другите два во населбата Тафталиџе. Во каква состојба се, дали се соочувате со технички проблеми, простор, финансии..?
– Секако дека се соочуваме со проблеми. Најголем проблем во моментов е намалената кадровска состојба. Министерството за финансии веќе 12 години нема дадено согласност за вработување на административните места, кои се ослободени поради пензионирање или од други причини. Работиме со мал административен капацитет и принудени сме од скромните сопствени средства хонорарно да ангажираме лица за да можеме административно да функционираме. На ФЛУ имаме само еден асистент во редовен работен однос. Студиските програми мора да бидат во согласност со времето во кое живееме, но наставниот кадар е преоптоварен со настава и факултетот е принуден од сопствени средства да ангажира стручен професионален кадар за да може да реализира современа наставна програма. Сличните институции во соседството, со ист број на катедри и студиски програми, имаат четири пати повеќе наставен и соработнички кадар од нас. Вчудовидени се како успеваме! ФЛУ има мал број студенти (поради својата специфичност), но големи трошоци (се ангажираат модели за позирање, се набавуваат материјали: хартии, бои, гипс, дрво, метал, бетон, специфични алатки, машини и опрема, неопходна дигитална опрема). Школарината е мала и не е реална. Од неа не може да се покријат трошоците, а државата, односно Министерството за образование и наука, не ги додава потребните средства како што е пропишано во Законот за високо образование. ФЛУ е можеби единствениот факултет што функционира во три објекти на две различни локации. Би било фантастично, и за студентите и за наставниот кадар, да се обединиме во еден објект. И покрај нашата грижа за „Сули-ан“ и континуираното одржување и вложување, покривната конструкција ја демонстрира својата старост од 50 години, ѕидните површини се ронат, големите стаклени површини од 1970-тите години не ја следат современата звучна и топлинска изолација. Во ателјеата за литографија и конзервација и реставрација имаме мувла и влага и престојот на студентите не е можен. Одводната, фекална и електричната инсталација се застарени (од 1970-тите години) и постојано ги покажуваат недостатоците. Подготвуваме проект за санација, но тоа оди многу бавно и без вистинска поддршка од државните институции. „Сули-ан“ и два ката во зградата „Педагошка“ не се специфично конструирани простори за потребите на ваков факултет. Тие се приспособувани и адаптирани за да можат да ги задоволат нашите потреби. Единствено скулпторските ателјеа (монтажен и привремен објект) од 1990-тите години се направен според некакви стандарди. Потребата за реновирање, адаптација и набавка на специфична опрема и машини е итна.
Првата генерација професори ја сочинуваа најеминентните македонски уметници, па успевате ли да го одржите нивото на квалитет на наставниот кадар?
– Покрај основачите, доајените на македонската модерна ликовна уметност, наставниот кадар на ФЛУ е континуирано составен од исклучителни автори, активни визуелни творци со богато творечко и изложувачко искуство на домашната и меѓународната сцена. За жал, поранешното темпо на зголемување и обновување на кадарот веќе долги години не се следи и подмладување на кадарот е неопходно. Во моментов сме 17 наставници и една асистентка, но имаме ангажирани стручњаци од праксата (реномирани професионалци) и млади демонстратори. Сега имаме повеќе предмети со кои ги покриваме содржините што ги следат современото творештво, техники, технологии и теории. Бројката на вработен наставен и соработнички кадар не е зголемена од крајот на 1980-тите години, а се очекува од високото образование да нуди нови и современи содржини, поквалитетни студиски програми, да едуцира повеќе студенти, да учествува на меѓународни проекти за вмрежување и обезбедување финансиски средства, да се грижи за своите објекти, да вложува во нови лаборатории и ателјеа итн. За да напредува високото образование, во него мора континуирано да се вложува.
Дали одржувате научноистражувачка дејност и соработка со сродни институции во земјата и во странство?
– Факултетот му посветува исклучително внимание на овој сегмент. Можеби континуитетот беше намален одреден период, но во последниве две години сме детерминирани кон обновување на постојните и градење нови контакти, особено со меѓународно вмрежување. Соработуваме со дел од единиците од УКИМ, МСУ, Националната галерија, Културно-информативниот центар, МКЦ, ЦАЦ, НУБ, Музејот на градот Скопје, Конзерваторскиот центар и др., како и со средните училишта, чиј наставен кадар се вклучува во иницијативите за соработка. Соработуваме и со приватниот сектор, работејќи на издигнувањето на свеста за општествена одговорност и вложување во вистински вредности. Имаме и блиска соработка со факултетите и академиите од Белград, Сараево, Нови Сад, Сплит, Софија, Атина, Солун, Љубљана, Тилбург, Косовска Митровица… Имаме голем број билатерални и договори Еразмус+ и работиме на обезбедување средства и од европските фондови, па и пошироко. Активни сме и во мрежите CEEPUS и COST.
Дали е пракса на ФЛУ да гостуваат визитинг-професори од други образовни институции?
– Официјални визитинг-професори во 45-годишното работење на ФЛУ многу ретко сме имале. Тоа се должи главно на скромните финансии, но имаме многу гостувачки предавања од реномирани уметници и професори. Изминативе две години амбасадите на Австрија, Грција и Италија во нашата земја покажуваат интерес за соработка со нашиот факултет и со нивен ангажман имаме воспоставено контакти и реализирано гостувачки предавања. Нашиот наставен кадар има голема мрежа на меѓународни познанства со истакнати професионалци и ја користиме секоја можност, про боно да реализираме нивно претставување, предавање или презентација пред нашите студенти.
Колку можеме да бидеме задоволни од новите генерации што се образоваат на ФЛУ?
– Секоја генерација си има свои специфичности, но енергијата и љубопитноста на младите луѓе се константни. Секако дека мојата генерација поинаку го доживуваше високото образование од новите генерации, но ние се оформувавме како личности во поинакви општествени услови. УКИМ и ФЛУ посветуваат внимание и активности што ги потенцираат вистинските вредности и квалитетното високо образование. Сепак, за сфаќањата и перцепциите на младите генерации улога играат: општеството во целина, средното и основното образование, како и животните вредности што се пласираат уште од најрана возраст, односно дома – во семејството. Во секоја генерација има понекоја ѕвезда, која порано или подоцна ќе засвети посилно. Имаме добри студенти, кои се вредни, активни, мотивирани и желни за знаење и вештини. Додека студираат на ФЛУ ги инволвираме во различни творечки и изложувачки предизвици. Дали и колку ќе истраат тие во потрагата по индивидуален творечки израз и професионална активност по завршувањето на факултетот, останува времето да покаже. Има премногу државни и приватни универзитети, а и низа самонаречени академии. Нашата држава е мала и толкав број високообразовни институции не ни се потребни. Конкуренцијата е секогаш корисна, но само ако е фер и лојална.