Брајан Рејнолдс, американски режисер
Брајан Рејнолдс е американски професор, режисер и драмски автор чија премиера „Сина сенка“ беше изведена неодамна во МКЦ, од страна на независниот театар „Златен Елец“. „Сина сенка“ е проект што за првпат се поставува во Македонија. Делото навлегува длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка.
Бевте на турнеја по Балканот со вашите предавања и работилници, но сте и широко познат како професор и драмски писател низ Европа. Која е разликата меѓу европскиот и американскиот начин на промислување на театарот?
– Финансирањето на професионалниот театар во САД доаѓа главно, ако не и целосно, од продажба на билети. Постојат „алтернативни“ сцени што значително се финансираат од донации, но бидејќи ова се одвива во долга традиција на висок ризик, односно ако театарот не донесе публика, ќе згасне, овие театарски куќи сепак се приспособуваат на мејнстримот, комерцијално одржливите естетики. Сето ова значи дека театарските творци не се подготвени да ризикуваат при создавањето театар, на пример со излегување надвор од традициите на натурализмот и реализмот што доминираат во американската театарска естетика низ целата нејзина историја, бидејќи би можеле да го загрозат својот опстанок. А бидејќи публиката не е изложена на различни форми на театар, како постдрамскиот или танцовиот театар, постои отпор кон новите форми. Наспроти ова, во Европа експериментирањето со нови форми се поттикнува со децении, а финансирањето – бидејќи е субвенционирано од државата – не зависи од продажбата на билети. Оваа структура создаде простор за иновации каков што не постои на друго место во светот.
Досега имате напишано неколку мошне значајни книги во областа на театарот. Кажете ни нешто повеќе за „трансверзалноста“ како концепт и нејзината применливост во театарската уметност?
– Ова е големо прашање, премногу обемно за целосно објаснување тука, па затоа ќе бидам покус и ќе објаснам што се обидувам да постигнам со моето драмско пишување и со создавањето театар преку Трансверзалниот театарски ансамбл, каде што сум уметнички директор. Во нашите претстави сакаме да ја „преоптовариме“ публиката со кодови – зборови, наратив, слики, елементи на дизајн – кои интермедијално дејствуваат заедно со релативно еднаква вредност, со цел да предизвикаат постфеноменолошки доживувања. Тоа се т.н. неискусливи искуства што водат кон трансцендентни состојби, отворајќи простор за алтернативни патеки на мисли-чувства, бидејќи вообичаените регистри за создавање смисла не важат. Повратните кругови се заменуваат со повратни текови. Ова ослободува огромни количества хемиски супстанции во мозокот – серотонин, допамин, пролактин – создавајќи засилена интензивност, што го прави искуството незаборавно, длабоко врежано, како ретроактивен белег за кристализација на субјективноста, кога субјективноста метафорично излетува надвор од границите на сопствената „субјективна територија“ – концептуалниот, емоционалниот и физичкиот опсег на индивидуалното искуство воспоставено низ процесите на социјализација, како на пример начинот на кој човек е вкоренет во образовните апарати како што се училиштето, семејството и црквата, во една идеологија преку општествените механизми на вина, срам и страв. Оттука, кога публиката е изложена на трансверзален театар, таа доживува поништување на сетилото, егото или обврската – проширување или деконструкција на субјективната територија – само за таа, штом трансверзалноста се повлече и проработат механизмите за справување, повторно да се преконфигурира поинаку, неповратно засегната на невронално и свесно ниво, така што враќањето кон трансверзалниот театар станува примамливо, всадувајќи еден вид рецидивизам во субјектот, дури трансдуцирајќи го во интензивист, што ги тера луѓето постојано да се враќаат по уште – по уште трансверзалност! Трансверзалниот театар, поради изненадувањата што ги овозможува – префрлајќи ја публиката од секојдневната свест во моторикувана свест преку висцералектрика – висцерално, интелектуално, електрично – и фракталактиката – проширување и повлекување – станува како дрога – поттикнувајќи ја публиката во патување слично на ЛСД, универзализирајќи ја свеста, правејќи го искуството колективно и истовремено единечно, мултиплицитети од кои произлегуваат сингуларитети – како кристализации на субјективноста – кои самите се мултиплицитети од кои повторно произлегуваат сингуларитети. Целта е, преку научно калибрираната интермедијалност на Трансверзалниот театар – неговата трансверзална моќ – да се создадат услови за нови субјективности, особено политички субјективности – како појавни својства, во процесот на нивно реформирање во добредојдениот ало-реализам, алтернативните и подобри реалности и светови.
Како што кажавме, доста сте присутен во европскиот театарски живот. Кажете ни нешто повеќе за Трансверзалниот театар во Амстердам, но и за оној во Америка.
– Првично го основав Трансверзалниот театар со пријатели во Калифорнија во 2003 година, а кратко потоа се здруживме со пријатели во Холандија за да ја оформиме компанијата и официјално таму. Освен тоа, нема никаква разлика. Ние сме една компанија со околу 15 главни члена и околу 100 уметници што работеле со нас во различни својства во последниве дваесет години. Во просек продуцираме по две нови претстави годишно, а многу работиме и во конфликтни зони и општества што се соочуваат со големи борби. Овие проекти најчесто се соработка со локални уметници и се создаваат за да обработат важно прашање, како корупцијата во училиштата во Занзибар, или за да соберат средства за некоја цел, како извлекување девојчиња сирачиња од териториите под контрола на Талибанците.
Вие сте драмски писател со специфичен стил и карактеристична типологија на ликови. Кои мотиви најмногу ве прогонуваат кога пишувате драма?
– Сè околу мене е неверојатно смирено во споредба со она што се случува во мојата глава. Претпоставувам дека ова важи за многу луѓе, животот може да биде екстатичен и блажен, но и хорор до точка кога посакуваме да престане. Во моите драми се обидувам да ја однесам публиката на патување до екстремите, бидејќи токму таму, верувам, сме најживи, без разлика дали тие моменти се нашите најдобри или најлоши.
Конечно имавте премиера во Македонија, што е навистина значаен настан за нашиот театарски живот. Вашите импресии од поставката на „Сина сенка“?
– Длабоко сум им благодарен на театарот „Златен Елец“, на исклучителната режисерка Тамара Стојаноска, на одличните актери и на извонредниот тим дизајнери, затоа што ги надминаа моите очекувања и отидоа многу подалеку од тоа што можев да го замислам. Особено ми се допадна како Тамара го разви емоционалниот немир преку движење и повторување. Сценографијата, звукот и светлото совршено кореспондираа со овие избори, пренесувајќи го хаосот на главниот лик во свеста на гледачите, засилувајќи го вознемирувачкиот напон од драмата до блескава кулминација.
Професор сте на Универзитетот во Калифорнија, Ирвајн. Вашето си-ви е забележително по големиот број изведби на вашите драми, силното академско присуство и големиот број научни трудови од областа на театарските студии. Кои се вашите следни интереси во областа на театарската аналитика?
– Благодарам за прашањето. Ме интересира подлабоко да истражам како точно може да се дизајнира и испорача театар така што шансите да инспирира луѓе да им помогнат на други или позитивно да го променат сопствениот живот ќе станат поголеми. Кој е формулативниот и естетскиот модел за ефективен политички театар или театар што поттикнува сочувство, кое го дефинирам како емпатија плус потреба за дејствување? Често имам нереални амбиции за тоа што сакам да постигне театарот, но барем тоа ме тера постојано да се трудам повеќе и да сакам да бидам подобар.
Дали Брајан Рејнолдс, ценет театарски професор што не само што пишува за театар туку повремено го практикува и како актер, би преминал на други книжевни жанрови? Ќе го изненади ли литературниот свет (не само театарскиот) со, да речеме, поетска збирка или обемна проза?
– Многу го ценам ова прашање затоа што често размислувам и повремено се обидувам да се изразам преку други творечки модуси. Жанрот во кој најмногу работам е критичката теорија, интердисциплинарна општествена и културна филозофија што ги критикува идеолошките и репресивни структури со цел да ги промени во насока на поголема социјална еднаквост. Исто така имам продадено неколку сценарија низ годините, иако ниедно не е екранизирано. А неодамна продадов и графички роман, кој ќе излезе следното лето. Но жанрот што навистина сакам подлабоко да го истражам е визуелната уметност. Во меѓувреме, најзначајниот начин надвор од театарот и академијата, но кој сепак, би рекол, е изведувачки, преку кој ја изразувам креативноста се екстремното планинско скијање и возењето мотори по мотокрос-патеки. Мојата страст за овие изведувачки форми е постара од сите други интереси и се надевам дека ќе продолжам со нив уште многу години. Го сакам тоа затоа што бара ментална и физичка интензивност каква што не сум искусил во ништо друго.
Вашиот краток преглед на балканските театарски движења и театарските истражувања во просторите на поранешна Југославија?
– Не можам да кажам дека сум видел доволно театар на Балканот за да генерализирам за неговите традиции и трендови, а и би се воздржал од тоа. Можам да кажам дека бев исклучително импресиониран од поставката на „Сина сенка“ на театарот „Златен Елец“ и од извонредната креативност на неговата режисерка. Ако нивната работа барем малку е репрезентативна за балканскиот театар, тогаш би рекол дека Балканот создава еден од најимпресивните театри во светот.
Сашо Огненовски

































