(Кон шоукејсот „Генерација после 9“ на „Театар Нови“ од Варшава, Полска, 4-6 септември 2025 година.)
„Не е театарот неопходен, туку нешто сосема друго. Преминување на границите меѓу тебе и мене“, е една од најпознатите сентенци на големиот полски театарски уметник, теоретичар и воопшто голем мислител Јержи Гротовски. Гротовски, Кантор, Јароцки, Гжегожевски, Шајна, а еве сега и Варликовски, се театарски уметници чии парадигми многу често го менувале лицето на европскиот театар. Храбри, радикални, но и револуционерни, ја понудиле својата специфика менувајќи многу изразни средства, но и есенцијата на театарската промисла воопшто. Шоукејсот на „Театар Нови“, кој работи под раководство на големиот полски режисер Кжиштоф Варликовски, едноставно наречен „Генерација после 9“, понуди некои сосема нови начини на мислење, возбудливи, на многу наврати загадочни, но сеедно повторно радикални и смели. Овој шоукејс одушеви со големиот број на претстави (осумнаесет), но и со исклучителната ангажираност со актуелната состојба на светот. Во воведот на шоукејсот се појавува сентенцата: „Граничниот театар истекува од нас, огради, ѕидови, граници…“ Безидејноста и стравот се најголемите клинички симптоми на сите општества во светот во кој владее заканата од војна од сите страни. И секако: „…од кого треба да се плашиме повеќе: од ‘нив’ или од ‘нас’? Каде се повлекува границата меѓу нив? Можеме ли да си дозволиме постојано да талкаме во погрешна насока? Ќе најдеме ли цвет од папрат во шумата некаде на овие кривулести патеки? И каква форма ќе добие, бидејќи и онака не постои?“ Во пустината создадена од чаури и човечки трупови, безидејноста е најголемата закана. Полскиот шоукејс безрезервно влезе во театарската аналитика на овие преференции и на публиката од сите страни на светот ѝ понуди претстави со дијаметрално различни начини на мислење и со различни изразни средства. Во трите магични театарски денови навлеговме во една сосема поинаква суштина на театарската уметност, секако ја проследивме линијата на театарската филозофија, која на некој начин е некакво продолжување на прекомпонирањето и преоформувањето на театарскиот израз на големите полски театарски уметници. Покрај „Театар Нови“, претставите можевме да ги проследиме и во галеријата „Студио“, каде што своевремено твореле Јозеф Шајна и Јежи Гжегожевски, како и на многу интересни места во Варшава каде што театарот го најде својот дом за да ја пренесе пораката што предупредува и интригира.
Овие три мошне интересни театарски денови во „Театар Нови“ ни ги понудија претставите: „Патување, патување, лимоново патување“ на уметницата Богуслава Шуберт, „Феминистичкиот килџој прирачник“, во режија на Мина Манка, а во продукција на Тераз Полиж, „Космички дом“ на Линас Лапелите во продукција на ТР Варшава, „Не ме учи!“ на Војчех Груѕински и Марија Магдалена Козловска, во продукција на „Зодијак – центар за нов танц“, Војчех Груѕински и „Театар Нови“ од Варшава, стендап-перформансот „Ќе се омажиш ли за мене?“ на Игор Шугалев, „Елена“ на Магдалена Дабровска, во продукција на Александар Зелверович, Театарската академија во Варшава, одделот на Бјалсток, „Виење“ на Камил Бјалашек, во продукција на Еврејскиот театар Истер Рејчел и Ида Каминска – Центарот за еврејска култура, „Бескрајна кутија“ на Хана Умеда и Сада Ханасаки, во продукција на Хана Умеда, „Сценарио на најлошиот случај“ на Александра Јакубчак, во продукција на павилјонот Познањ, „Органца“ на Лезби Пенсоњари, во продукција на ТР Варшава, „Есенција“ на Едмунд Кремпински и Јакуб Дилевски, во продукција на ТР Варшава, „Мимезис“ на Наталија Сакович, во продукција на ТР Варшава, „Тики така“ на Марчин Мјетуш, во продукција на Комуна Варшава, „Го сакам балетот“ на Рамона Нагабчинска, во продукција на „Театар Комуна“, „Јас сум добро (сѐ е слатко со мене)“ на Чезари Томашевски, во продукција на „Студио театар галерија“, „Таа стои на сред бојното поле“ на Магда Шпехт, во продукција на ЕФЕКТ, Базар-фестивалот од Прага, Драмскиот театар „Густав Холоубек“, „Непоколебливата љубов на Ив Адамс“ на Олга Чјешковска, во продукција на Хелена Морѕајевска и Националниот театар „Стари“ од Краков, како и „Наречи ме Џеј“ на Агата Машкиевич, во продукција на Кореографската асоцијација, во копродукција со „Театар Комуна“ од Варшава, Мануфактура ЦДЦН и други копродуценти.
Овој голем број на претстави експериментираа во театарскиот простор на најразлични начини, користејќи ги бескрајните можности на театарскиот израз, па, така, проследивме претстави што зборуваа многу и во 40 минути од своето траење, претстави што силно го користеа раскажувачкиот театар за со своите лични исповеди да допрат до нас, како и претстави што на многу интересен начин се обидуваа да ја комбинираат кореографијата со физичкото дејство доловувајќи ни ја својата животна филозофија или можеби своето искуство од социјалната и политичка трагика на дваесет и првиот век. Еден од најинтересните и најиновативни театарски проекти е „Не ме учи!“ на Војчех Груѕински и Марија Магдалена Козловска, кореодрама што е изградена од голите тела на актерите и минимализмот на вкусот, допирот, чудните дамки, огледалото, непрепознавањето и пресечениот здив. Седумдесетминутната кореодрама е вруток на емоции визуализирани од двајцата актери, кои тонејќи и излегувајќи од пластичната покривка се обидуваат да го артикулираат гневот на студентот кон својот професор, генерализирајќи и опишувајќи ја темата на разрушување на личноста и борбата за нејзиниот интегритет. Овие двајца сјајни актери врз себе го навлекуваат своето голо тело како костим и до последен здив го одигруваат, го танцуваат и го контекстуализираат својот бунт, кој полека се претвора во револуционерност. Груѕински и Козловска со оваа претстава проговоруваат на еден сосема поинаков начин, земајќи го како основа тој „сиромашен“ театар на Гротовски за да го надградат со емоцијата стисната во прецизно одбраната партитура на движења, претстава што отвори доста дилеми во нас како гледачи, но отвори и едно врело од нови театарски изразни средства. Александра Јакубчак и Роб Вашиевич во својата претстава „Сценарио на најлошиот случај“, користејќи го раскажувачкиот театар, нѐ водат во светот на анксиозноста и растројството.
Автобиографска претстава на Александра Јакубчак, која својот мотив го наоѓа во искуството со анксиозноста, всушност е обид сцената да се претвори во простор на преиспитување на анксиозноста како излез или можеби како креативен потенцијал. Претставата е полна со исповед, со меморија, со спомени, со дилеми, но и со коментари што нѐ освестуваат и ни наметнуваат да се соочиме самите со она што го потиснуваме длабоко во себе: бесот и очајот. Овде ќе споменеме и една од најинтересните претстави – „Го сакам балетот“ на Рамона Нагабчинска, претстава што е хибрид од класичен балет и современ танц, претстава што четирите балерини Рамона Нагабчинска, Александра Борис, Каролина Крачковска и Иза Шостак во еден момент ја претвораат во гнев, бунт, дисторзија и недоследност. Обидувајќи се да ја преживеат својата недоследност во идентитетска смисла, тие околу ридот од употребени балетанки го одигруваат својот филозофски данс макабр, навлегувајќи во гамата на несреќното недоразбирање. Оваа претстава плени со својата совршена усогласеност на класичниот балет со современиот танцов израз, кој докрај му опонира на неговата дисциплина, притоа градејќи еден наратив што не само што е контроверзен туку е и изразно иновативен. Една од особено впечатливите претстави беше претставата „Непоколебливата љубов на Ив Адамс“ на Олга Чјешковска, во продукција на Националниот театар „Стари“ од Краков, претстава што ја раскажува потресната приказна за полската Еврејка Хава Злочевер, која е првата анархистка што на деветнаесет години заминува во Њујорк за да работи како шивачка, но го отвора и првиот лезбејски клуб менувајќи го името во Ив Адамс. Таа како квир-активистка го доживува протерувањето од во тоа време конзервативната Америка за да се врати во Париз,од каде што заедно со нејзината љубовница е депортирана во Аушвиц Биркенау, каде што и го завршува својот живот. Оваа исклучително интересна претстава ги отвора прашањата на квир-активизмот и политиката: Колку интимата и ориентацијата можат да бидат во колизија и колку политиката навлегува во порите на интимата? Олга Чјешковска гради двочасовна претстава густа со коментари и раскажувачки театар, претстава што својата вознемиреност ја артикулира преку исповедни форми, но и преку извонредна визуализација со документарните елементи за Ив Адамс.
Повторно ќе се навратам на големиот театарски уметник Јержи Гротовски и неговата максима, која вели: „Важно е да ја искористиме улогата како трамбулина, шанса да учиме и да си играме со она што се крие зад нашите маски. Креативноста, особено кога станува збор за глума, е безгранична искреност, но дисциплинирана“. Шоукејсот на „Театар Нови“ од Варшава беше токму тоа: театар со голема искреност, со безгранична смелост, со огромна театарска дисциплина, но со незапирлив артизам, кој плени и инспирира, а и нѐ потсетува на она дека низ овие, главно млади уметници, се крие некој нов Гротовски, Кантор, Јароцки, Шајна…
Рецензија на Сашо Огненовски