Во камерната сала на Филхармонијата се одржа главниот концерт со кој започна 11-то издание на „Виолин фест“ – фестивалот каде што соништата имаат гудало, а секоја нота е чекор поблиску до иднината.
– Овде нема натпревар. Нема гламур. Само чиста музика и храбри млади луѓе што свират како да им зависи животот од тоа. И можеби навистина им зависи – бидејќи кога си млад, а музиката ти е сè, оваа сцена значи повеќе од аплауз. Фестивалот постои за да им даде простор. Звук. Слушатели… И ако некогаш сте се запрашале како изгледа надежта – дојдете да ја слушнете. Во очите на децата. Во движењата на рацете. Во воздухот што трепери од страст – вели виолинистот Владимир Костов, идеен творец на овој фестивал.
На сцената, годинава ќе блеснат виолинисти од Македонија, Србија и од Косово, а ќе ги придружува пијанистката Марија Вршкова.
Престижниот фестивал „Виолин фест“, познат по својата мисија да ѝ даде сцена на младата виолинска иднина, годинава го одбележува своето 11-то издание – и почна со симболично враќање таму каде што сè започна, во Битола. Пред главниот концерт што ќе се одржи вечерва, фестивалот започна со офф-програма во Битола, градот што отсекогаш дишел музика. Град со традиција, со училишта што изградиле генерации музичари и со атмосфера што потсетува дека културата не е украс, туку суштина.
Фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори исто така водат од Битола. Од училишните клупи до големите сцени – неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат „Виолин фест“ како простор каде што младите таленти добиваат глас, шанса и публика што слуша со отворено срце.
– Оваа година, фестивалот не е само уште едно издание. Тој е посветеноста на виолината како инструмент – од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи продолжи – истакнува Костов.