Велот на романтичната среќа

Рецензија

Овој пат решив да го гледам британскиот филм „Времето што го имаме“ бидејќи некои пријатели ми потврдија дека овој филм не смее да се пропушти. Филмот можеби би имал различна наративна структура доколку не беа вклучени англиските ѕвезди Флоренс Пиу и Ендрју Гарфилд. Во почетната сцена, крупниот план од камерата се фокусира на пријатното лице од Алмут (Флоренс Пиу). Таа трча низ градски парк, а се прашуваме кон што цели? Дали се во прашање нејзините кулинарски вештини, копнежот за дете или сосема друга загатка? Од нејзината благородна душа сјаат сончевите зраци на позитивизмот, а паралелно во ритамот на дишење ја следат мелодичните акорди на Брајс Деснер, еден од членовите на култните „Нешнл“.
Ендрју Гарфилд (Тобиас) е речиси разведен, со својата ќерка ја запознава Алмут. Потоа филмот има дигресиски скок сличен на оној како во книгата „Плочки“ на Кортосар каде што првичното дејство прескокнува неколку етапи и галопирачки се враќа кон почетокот. Ирскиот маг Џон Кроули успешно ја врши својата работа, а на залутаните скептични замки приоѓа со оптимистички елан како храбар жонглер. Алмут има сообраќајна несреќа во која Тоби едвај успева да остане жив. Некои од помладите фанови ќе се присетат на Ендрју Гарфилд, кој е достојна замена на анемичниот физикус на Тоби Мегваер („Спајдермен“). Алмут е бунтовна девојка што работи како искусна готвачка и за кус период меѓу неа и Тобиас пламнуваат страсни искри и започнуваат љубовна врска. Иако Тобиас е речиси разведен, таа му возвраќа во иста мера и замислениот сон почнува да станува реалност. Во манирот на еден од најголемите мајстори на неореализмот како што е Фелини таа се пораѓа на бензинска пумпа. Но, кога се отвора Пандорината кутија, Алмут дознава за подмолната болест, рак на матката. Но за неа тоа не претставува никаква пречка да се откаже од Европското првенство во готвење бидејќи нејзината филантропска моќ не дозволува откажување и покрај проблемите. Таа френетично е внесена во подготовките и во една ситуација заборава да ја земе ќерката од училиште, а контракциските болки се зголемуваат сѐ почесто. Во знак на солидарна поддршка, нејзината асистентка се потшишува кратко како неа, но во исто време тоа е и адреналинска инјекција за триумф. Таа стоички се соочува со болеста на сличен начин како кога лавицата го демне својот плен. Тобиас максимално ја поддржува и покрај честите меѓусебни расправии. Најголемо внимание покажува кога треба да оди на хемотерапија, а за тоа не се потребни само нерви туку и дополнителна среќа.

На една домашна средба, родителите на Алмут ја прикажуваат снимката. Тука дознаваме за нејзината некогашна успешна репрезентативна кариера кога ги бранела боите на Велика Британија во уметничко лизгање. Пред почетокот на Европското првенство во готвење одлучува да ги внесе сопругот и ќерката во светот на лизгањето, а ќерката ги прави почетните пируети како нејзина наследничка. Тобиас згрчено се движи со лизгалките како под него да има кревет со шајки. Следува Европското првенство во Италија и, секако, најверна публика се сопругот и ќерката. Тука постигнува феноменални резултати но…
Флорена Пиу е едно од најсвежите изненадувања во британскиот филм, а очигледно ја има формулата на успехот: безумно сексапилна со актерска дарба и слична сензуалност како Кејт Винслет. За самиот крај можеме да заклучиме „Времето што го имаме“ спаѓа во самиот врв на најдобрите британски филмови во последната декада, а за тоа секако е заслужна Флоренс Пиу. „Ајриш тајмс“ ја нарече впечатлива, а реномираниот „Варајети“ – феноменална актерка што умее да прави одлични трансформации. Убаво е да напомнеме дека оваа улога како да е создадена за Флоренс бидејќи има слични автобиографски податоци (татко готвач, мајка танчарка), но и неколку номинации за „оскар“ и наградите БАФТА. Ендрју Гарфилд исто така има свој добар перформанс, не толку добар како филмската принцеза од Оксфорд, Флоренс, па тоа нека биде дополнителен мотивациски импулс да не го пропуштите овој филмски бисер!