Новите владетели личеа на речиси пристојни луѓе, со крупни очи и светлосива боја на лицето што се поклопуваше со онаа на нивните долги туники со високи византиски крагни.
Окупацијата беше решена на еден точно планиран начин. Тие веќе беа толку долго присутни, неопходно вклучени во животот на луѓето, така што во преземањето на власта немаше никакви драстични несогласности со нивното претходно сесрдно учество во медиумите, економијата, медицината. И со дипломатското умеење, тие тука работеа со високо чувство за такт и решителност, во зависност од околностите. Нормално, благодарноста поради извршените зделки често се претвора во зависност, но зошто, беа убедени со право разгалените потомци на хомосапиенсот, да се товариме со такви амбивалентни размислувања, ќе им ги оставиме тие на неколкутемина филозофи и писатели, нив и така никој не ги чита.
И така, кога дојде до чинот на окупацијата, луѓето не се вознемируваа, па животот си течеше понатаму, без насилство. Дури можеше да се каже и дека продолжи да опстојува некаков вид согласност меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Барем онаква каква што е за повеќето луѓе. Ваквата пристојна состојба траеше неколку месеци.
Тогаш беа известени да се јават во неколку собирни центри, во уредно распределени групи по часови за да се избегне турканицата. Набрзо забележаа дека во нивната група повиканите беа двојки. Чекалницата беше пространа, осветлена и проветрена, сите од групата додека чекаа можеа да здивнат во удобни фотелји и да си нарачаат цеден сок, чај или кафе по желба. Одвреме-навреме од шалтерот преку микрофон ќе се слушнеше благиот глас на службеникот, кој ќе прочиташе машко и женско име, или понекогаш две машки, или понекогаш две женски, со исти или различни презимиња.
Кога дојде редот на нив, службеникот, еден од оние од понискиот ред кај окупаторите, ги погледна внимателно со своите крупни очи. Овие суштества имаа моќ да ги идентификуваат личните податоци за кого било за две-три секунди: – Добар ден. Ви следува едно топло волнено ќебе. Карирано, бордо и сино.
– За мене едно и за него едно. А имате некоја друга боја?
– Не, госпоѓо. Едно за двајцата.
– Едно ќебе за двајца?! Не доаѓа во обѕир! Не ни треба! – реагираше жената.
– Во ред, госпоѓо – мирно одговори шалтерскиот службеник. – Ако е тоа по ваш избор, ако го одбивате ќебето, нема да можам да ви го дадам… иако сум сигурен дека ќе ви затреба – жената му забележа потсмешлива трага од насмевка на работ од светлосивите усни. „На овој му наредиле да се однесува љубезно. Ама не може да си ја скрие природата“, помисли. Гледајќи ја, мажот, без да прозбори, кимна со главата. „Па, тој ме разбира!“ „Да. Те слушам сосема добро“. „Па, тоа наполно ја менува целата ситуација“, жената одеднаш почувствува некоја смиреност.
Почекаа во фотелјите да приврши прозивката на двојките за подигање ќебиња, последни се јавија една црнокоса девојка со јака вилица и долги раце и нозе и еден постар господин (татко?), ќелав и, наспроти девојката, набиен, приземнет и со дебели нозе, кој веднаш го зграпчи ќебето под мишка.
Во чекалницата влегоа неколку од окупаторите, петмина, ги изброи жената, и љубезно ги замолија присутните да ги следат.
„Овие суштества“, помисли жената, „можеби претставуваат нешто од повисоката интелигенција, но се прават многу важни“.
„Се прават дека имаат човечки особини“, ѝ одврати мажот со мисла, „но, далеку се од луѓе“.
„И што да правиме?“, праша (со мисла) жената.
„Ќе ги следиме, како мртви ладни, а потем ќе смислиме нешто“, ѝ сугерираше тој.
Сега се движеа низ некој многу голем објект, како огромен мол, со бескрајни ходници, кои одеднаш ќе се заплеткаа лево-десно во помали ходници што со стаклени кружно движечки врати се поврзуваа еден по друг. Над клучалките на вратите беа прилепени сребрени украсни плочки во облик на зајче. „Како кај Алиса“, помисли жената.
Додека така преку мисли нечујно разговараа жената и мажот, а разговараа нечујно со голема брзина, зашто и обајцата беа такви брзозборни карактери, во поворката со љубезните окупатори напред и луѓето со понекое ќебе зад нив, на жената ѝ пристуде. А не сакаше да се искара зошто не зела ќебе?: „Каде не водат овие? Многу ми е сомнително. Како…“ „Како да имаат намера некаде да нѐ изолираат“. „Знам на што мислиш. Ова за нас е како лавиринт, но тие знаат точно каде нѐ водат. А ние не ќе знаеме како да се вратиме“. Луѓето околу нив, иако некои со намуртени лица, продолжија да чекорат по петтемина љубезни водичи, кои внимаваа колоната да не се движи пребрзо. Но иако навидум одеа лежерно, наваму-натаму, лево-десно, жената и мажот веќе беа сигурни дека таквото движење е намерно, со точно определена цел да ги збунат.
„Овие нѐ водат како заробеници“, луто помисли жената, а ќелавиот господин што одеше пред нив паралелно со девојката со јака долна вилица, се сврте и ја погледна во очи, но и тој продолжи да оди со ќебето под мишка.