7.
Нечовечноста на денешниот свет може да биде тема што го интригира, го нервира или го меланхолизира писателот (во зависност и од категоријата на која ѝ припаѓа – Трибун, Хронистерик или Номад) – терајќи го и тој да го подвижи своето пишување кон поангажиран книжевен пристап. Иако, ако достигнал пристојно ниво на писателско умеење, тој знае дека природата на успешната приказна е и во нејзиното калемење, заплеткување, отплеткување, и дека тоа ја чини поинаква од, на пример, новинската колумна, чии пак квалитети се во нејзината ударност и оперативност, но читателското искуство му вели во таа ефективна хибридност на таленти, бројот на силни писатели што во исто време се и добри новинари воопшто не е мал (Дикенс, Хашек, Хемингвеј, Орвел, Маркес, Еко, Капоте, Мајлер…). Можеби затоа жанрот на новиот журнализам, кој обилно ги користи наративните техники, создава возбудливи, читани дела.
Но и оние автори од навидум спротивната страна, како Џојс, Андриќ, Бекет, Борхес…, доразмислува писателот, ја шират, ја ангажираат читателската свест и совест, поттикнуваат да се преиспита и да се соочи со животот без кого ни тие не би пишувале, а како ќе го обликуваат, секој во својата книжевна работилница, тоа е веќе само нивна работа.
8.
Приказната може да биде раскажана целосно, од почетокот до крајот, непрекината, секогаш присутна во својата доследност, способна да напредува чекор по чекор, час по час, ден по ден… Или да се вклопува на прескок, делче ваму, делче таму, како на сложувалка, па некои полиња да останат недополнети, без да се потчинат на комплетната интеграција. Секако, и првиот и вториот третман во развивањето приказна бараат високо ниво раскажувачка умешност за да ги одржат читателската напнатост и возбуда. Еден ист автор, кога е внесен во различни приказни, може да се служи со двете постапки. И да се почувствува ослободено од командното место на претходната приказна. Но почесто авторот се резимира во моделот што одговара на неговиот карактер, стил и определен став кон пишувањето. Сепак, ако приказната е добра, без оглед дали е раскажана темелно или скоковито, ќе го натера читателот да размислува за неа, да ја препрочитува, да ја прераскажува.
9.
Фрагментите „Азбучник за возрасниот писател“ со кои ја завршив претходната книга, како и овие што сега ги запишувам „Уште неколку фусноти, низ кафе-муабет со пријателот“, во споредба со првите антиупатства што пред речиси пет децении се создадоа на стражарското место на Авала, очигледно се забележани од автор на различна, поискусна возраст. Во почетните, младешки антиупатства е видлив манифестниот тон на љубопитникот што експериментира и се искушува низ предизвици. Сегашниве фрагменти се дел од обмислувачкиот, доста опуштен, понекогаш и потсмевлив, дијалог со себеси или со пријател. Сепак, иако ги одделувам како две оддалечени фази во мојот писателски развој, би можел да ја почувствувам истата невина предаденост кон литературата што се умножува со секоја прочитана и напишана книга.
































