5. Вештината на раскажувањето, како и секој занает, се учи и искушува за време на целиот писателски живот. Притоа раскажувачот треба да ги совлада овие две суштински задачи во третманот кон ткивото на текстот: првата, да не подлегне на сентименталноста, а да не се откаже од стилската доследност што во контекстот на определена содржина ја повикува иронијата или чувствителноста, и што е многу важно, да го согледува дејствието однатре, со очите на ликот или камерата. Секако, раскажувачкиот занает подразбира учители, не можеш да бидеш подобар писател ако не си добар, посветен читател што добива совети, помош од големите мајстори. Отвореноста на читателскиот хоризонт, внимателното ослушкување (читање), го храни сопствениот имагинативен извор, и тоа не само во борхесовска или екоовска смисла туку и кај писатели меѓусебно толку различни како Џојс и Набоков. А вториот, или првиот услов (зашто се преплетени) за човек со амбиција да стане писател е непорекливата важност на сопственото животно искуство што не е само натрупување впечатоци, доживувања, средби, туку мора да биде поткрепено со прераспределување на тоа искуство во слоевите на (не)совршената човечност.
Дали ќе стигне да ги напише сите свои приказни? Големите раскажувачи како По, Мопасан, Чехов, Кафка, и покрај кусите животи, создадоа ремек-дела на раскажувачката уметност, Пирандело пишуваше раскази секој ден, веројатно од желба да зачува што повеќе. Писателот со своето дејствување се обидува да се спротивстави на неумоливиот проток на времето. Времето не запира, но добрата книга, како и композицијата, како и сликата, добиваат шанса да го опфатат „мигот на вечноста“.
Сѐ уште заспивам со книга во рака. Читам и препрочитувам, подготвен тоа неповторливо доживување во читањето добра книга да го складирам во библиотеката на впечатоци и аргументи. Читањето никогаш не е случајно!
6. Секојдневна глетка на градскиот сообраќај – велосипедистите не внимаваат на пешаците, автомобилистите не внимаваат на велосипедистите, моторџиите не внимаваат на автомобилите – буквален пример на социјална негрижа и себичност. Како и расфрланото ѓубре по парковите, тротоарите и улиците, додека преполнетите контејнери со денови чекаат да бидат растоварени.
Ако е така, политичкото животно, според точната аристотеловска определба пред милениуми, во современиот свет, од навивач се помеша со социјален негрижник, категории што, инаку, не би требало да одат заедно, зашто политичкиот ангажман, освен потврдата на гордото самочувство за политичка припадност, е да се подобрат економските, социјалните, еколошките состојби во татковината, од спротивна страна, пак, на социјално безобѕирниот не му е гајле за социолошката и еколошката девастација, ако тој не е директно загрозен.
Писателот би требало да поседува наратолошко-оптичка способност, да ги согледува работите подлабоко за потоа, во своето пишување, да ја користи таа способност во обликувањето на атмосферата и карактерите. А што со ангажираноста во неговата литература? „Ние“, „Животинската фарма“, „Храбриот нов свет“, дистописки дела што во младоста со возбуда ги голташе како да се загрижувачки, но и научнофантастични настројувања, денес се претркуваат со отуѓената, преблиска и пребрза стварност. Понекогаш му се чини дека неговиот книжевен од е пребавен пред експресните промени што ја стегаат човечноста, не давајќи ѝ да дојде до здив.
Но занаетот што го одбра е предодреден да одбира од тоа мноштво брзопотезни, но далекосежни промени, за да го изостри окото (и она внатрешното). За поточно да пишува.
































