6. Секојдневна глетка на градскиот сообраќај – велосипедистите не внимаваат на пешаците, автомобилистите не внимаваат на велосипедистите, моторџиите не внимаваат на автомобилите – буквален пример на социјална негрижа и себичност. Како и расфрланото ѓубре по парковите, тротоарите и улиците, додека преполнетите контејнери со денови чекаат да бидат растоварени.
Ако е така, политичкото животно, според точната аристотеловска определба пред милениуми, во современиот свет, од навивач се помеша со социјален негрижник, категории што, инаку, не би требало да одат заедно, зашто политичкиот ангажман, освен потврдата на гордото самочувство за политичка припадност, е да се подобрат економските, социјалните, еколошките состојби во татковината, од спротивна страна, пак, на социјално безобѕирниот не му е гајле за социолошката и еколошката девастација ако тој не е дирекно загрозен.
Писателот би требало да поседува наратолошко-оптичка способност, да ги согледува работите подлабоко за потоа, во своето пишување, да ја користи таа способност во обликувањето на атмосферата и карактерите. А што со ангажираноста во неговата литература? „Ние“, „Животинската фарма“, „Храбриот нов свет“, дистописки дела што во младоста со возбуда ги голташе како да се загрижувачки, но и научнофантастични настројувања, денес се претркуваат со отуѓената преблиска и пребрза стварност. Понекогаш му се чини дека неговиот книжевен од е пребавен пред експресните промени што ја стегаат човечноста, не давајќи ѝ да дојде до здив.
Но занаетот што го одбра е предодреден да одбира од тоа мноштво брзопотезни, но далекосежни промени, за да го изостри окото (и она внатрешното). За поточно да пишува.
7.
Нечовечноста на денешниот свет може да биде тема што го интригира, го нервира или го меланхолизира писателот (во зависност и од категоријата на која ѝ припаѓа – Трибун, Хронистерик или Номад) – терајќи го и тој да го подвижи своето пишување кон поангажиран книжевен пристап. Иако, ако достигнал пристојно ниво на писателско умеење, тој знае дека природата на успешната приказна е и во нејзиното калемење, заплеткување, отплеткување и дека тоа ја чини поинаква од, на пример, новинската колумна, чии пак квалитети се во нејзината ударност и оперативност, но читателското искуство му вели во таа ефективна хибридност на таленти, бројот на силни писатели што во исто време се и добри новинари воопшто не е мал (Хашек, Хемингвеј, Орвел, Маркес, Еко, Капоте, Мајлер…). Можеби затоа жанрот на новиот журнализам, што обилно ги користи наративните техники, создава возбудливи, читани дела.
Но и оние автори од навидум спротивната страна, како Џојс, Андриќ, Бекет, Борхес…, доразмислува писателот, ја шират, ја ангажираат читателската свест и совест, поттикнуваат да се преиспита и да се соочи со животот без кого ни тие не би пишувале, а како ќе го обликуваат, секој во својата книжевна работилница, тоа е веќе само нивна работа.
8.
Приказната може да биде раскажана целосно, од почетокот до крајот, непрекината, секогаш присутна во својата доследност, способна да напредува чекор по чекор, час по час, ден по ден… Или да се вклопува на прескок, делче ваму, делче таму, како на сложувалка, па некои полиња да останат недополнети, без да се потчинат на комплетната интеграција. Секако, и првиот и вториот третман во развивањето приказна бараат високо ниво раскажувачка умешност за да ги одржат читателската напнатост и возбуда. Еден ист автор, кога е внесен во различни приказни, може да се служи со двете постапки. И да се почувствува ослободено од командното место на претходната приказна. Но почесто авторот се резимира во моделот што одговара на неговиот карактер, стил и определен став кон пишувањето. Сепак, ако приказната е добра, без оглед дали е раскажана темелно или скоковито, ќе го натера читателот да размислува за неа, да ја препрочитува, да ја прераскажува.
9.
Фрагментите „Азбучник за возрасниот писател“ со кои ја завршив претходната книга, како и овие што сега ги запишувам „Уште неколку фусноти, низ кафе-муабет со пријателот“, во споредба со првите антиупатства што пред речиси пет децении се создадоа на стражарското место на Авала, очевидно се забележани од автор на различна, поискусна возраст. Во почетните, младешки антиупатства е видлив манифестниот тон на љубопитникот што експериментира и се искушува низ предизвици. Сегашниве фрагменти се дел од обмислувачкиот, прилично опуштен, понекогаш и потсмевлив, дијалог со себеси или со пријател. Сепак, иако ги одделувам како две оддалечени фази во мојот писателски развој, би можел да ја почувствувам истата невина предаденост кон литературата што се умножува со секоја прочитана и напишана книга.


































