Францускиот институт во Скопје поканува на изложбата „Урбани пејзажи“ на македонскиот уметник Рафаел Ристовски, која ќе се одржи денеска, во 18 часот, во Францускиот институт во Скопје.
Фотографиите на Рафаел Ристовски се направени за време на уметничкиот престој во резиденцијата во Меѓународниот град на уметностите во Париз, каде што секоја година престојуваат повеќе од 300 уметници од целиот свет.
Овој престој е дел од соработката помеѓу македонското Министерството за култура и Градот на уметностите (Cité des Arts), во чии рамки секоја година македонски уметници добиваат можност да престојуваат во Париз, од каде што црпат инспирација, создаваат нови дела и се вмрежуваат со меѓународната уметничка сцена.
Кураторка на изложбата е Мелоди Робин, која ги истражува влијанијата на париското искуство врз делата на македонскиот уметник и дијалозите помеѓу локалната и меѓународната естетика.
Модераторка на уметничката средба е Јана Луловска, мултимедијална уметница, која во 2023 година исто така беше на уметничка резиденција во Меѓународниот град на уметностите во Париз.
– Во своето творештво, Рафаел Ристовски ја користи фотографијата како примарен медиум, но не само за документирање. Преку дигитално уредување, урбаните пејзажи се трансформираат во симболични светови каде што секој елемент добива подлабока, метафорична димензија. Акцентот е ставен на „урбаната природа“ – обичните улици, архитектурата, разни објекти и други детали што често се занемарени, но се комплексни и воедно мистериозни. Престојот во Париз му додаде слој свежина на неговото творештво; мешавината на стара и нова архитектура, мирот и хаосот на градот, секојдневните банални нешта и безброј други мали детали – сето тоа ја инспирираше оваа нова серија – информираат од Францускиот институт во Скопје.

































