Мартин Иванов, филмски монтажер
Документарниот игран филм „Патување пеш“, во режија на Тамара Котевска, го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, која ја следи одисејата на Амал преку два континента. Филмот се снимаше две години, на територија од повеќе од десет земји, меѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во реализацијата на филмот учествуваше и филмскиот монтажер Мартин Иванов.
Од каде потекна идејата за „Одење пеш“?
– Документарниот филм „Патување пеш“ e инспириран од истоимениот уметнички проект, произлезен од театарската претстава „Џунглата“ (2015), продуцирана од „Гуд ченс тиатар“. Претставата е насловена според неофицијално именуваниот бегалски камп во близината на Кале, Франција – „Џунгла“, каде што привремено биле сместувани бегалци што чекале азил во Франција и во Велика Британија и каде што е подготвувана и изведувана оваа претстава во самите почетоци. Инспирирана од еден лик од претставата, екипата од театарската продукција се одлучува да ја прошири приказната и да го разработи проблемот на децата бегалци на поголема сцена – европскиот континент. Оттаму произлегла идејата преку масивен театарски проект да се реконструира патешествието на малата бегалка Амал, од турско-сириската граница сè до Велика Британија. „Гуд ченс тиатар“ заедно со јужноафриканската компанија за производство на кукли и продукција на куклени претстави „Хендспринг папет“ ја создава куклата Амал како симбол на сите деца бегалци. Филмот „Патување пеш“ го документира тоа патешествие и создава нова перспектива, која функционира посебно како филм што може да се гледа самостојно, без да ви треба предзнаење од претходните театарски поставки.
Каква симболика носи џиновската кукла?
– Куклата е висока 3,5 метри за да биде значително видлива, да привлече внимание и да биде невозможно да се игнорира во јавниот простор. Таа ги претставува илјадниците раселени деца што побегнале од војна и насилен прогон и на кои итно им е потребна поддршка за да добијат основни услови за растење: храна, дом, здравствена заштита и образование. Накратко – да живеат нормално. Амал е водена од куклари, што само по себе ја дава симболиката на условеноста на бегалците да се движат по туѓи желби и насоки, а од друга страна таа не е сама – ја има поддршката во патувањето од уметници-куклари со слична судбина. Амал станува симбол за храброст и надеж. Името Амал на арапски значи „надеж“.
Што сѐ е прикажано низ призмата на Амал и како изгледа миграцијата на бегалците од Сирија низ призмата на Амал?
– Низ призмата на Амал се гледа сето она што ние на „безбедно“ не можеме да го видиме. Преку нејзините очи ги гледаме хоророт на војната, растурањето на „гнездото“, присилната разделба со најблиските, жегата на блискоисточните предели, бескрајното и неизвесно медитеранско море, неприфаќањето и прифаќањето во Европа, хипокризијата на „слободниот свет“ и целокупната апсурдност на војните. Според мене, иако во филмот приказната се раскажува низ очите на бегалче од Сирија, „Патување пеш“ е филм за секој присилен бегалец, без разлика на етничката, верската, националната, идеолошката и географската одредница.
Како се одвиваше снимањето, колку време ја следевте Амал и беше ли лесно/тешко да се монтира филм со таков необичен актер во главната улога?
– Моето претходно монтажерско искуство во голем дел беше базирано на „сечење“ и „лепење“ играни филмови. „Патување пеш“ се случи во момент кога по игра на случајност станав дел од првата сезона на „Редакција“. Од денешна перспектива, ова го гледам како подготовка за она што ми ја дефинира кариерата во годините што следуваа – монтирање документарни форми. Откако ја завршивме последната епизода на „Редакција“, отпатував во Грац, каде што работев на краток игран филм по препорака на снимателот Самир Љума. Во текот на монтажата на тој филм добив повик од Тамара Котевска за монтажа на „Патување пеш“. Набрзина ми го соопшти датумот за почеток на снимањето и така, штом се вратив во Скопје, само се препакував и за неколку дена бев на пат за Газијантеп, Турција, од каде што започна целата авантура. На Тамара ѝ беше важно да монтираме по пат за да имаме појасна слика за формата на филмот. На почетокот имав лажна самодоверба, за набрзо да сфатам дека сум во заблуда. Уште од првите снимачки денови бевме натрупани со часови и часови видеоматеријал што требаше да го прегледаме и да му најдеме смисла. Како што го добивав материјалот, мојата самодоверба пропорционално опаѓаше и во еден момент се најдов во пустина полна со ситни мониста на кои требаше да им се најдат „глава и опаш“. Добро го паметам моментот кога споивме два кадри, крупен план на Амал и нејзин субјективен кадар. Бевме возбудени како таа одеднаш „оживеа“ пред нас. Се шегувавме користејќи ја познатата реплика од филмот Франкенштајн (1931): „She’s alive, she’s alive“. Ова беше мала победа, решение на микрониво. Макросликата беше градена низ двегодишно макотрпно „пешачење“ во монтажа.
Посетивте десетина земји, зошто беше потребно да се долови перспективата на бегалците во разни области, преку различни видици?
– Сириските бегалци се движат по две главни маршрути. Едната е источномедитеранската маршрута по копно, која проаѓа низ Балканскиот Полуостров, а другата е источномедитеранска маршрута по море што заобиколува голем дел од балканското копно проаѓајќи од Грција кон Италија преку Средоземно Море. Продуцентите од патувачкиот перформанс ја имаа одбрано медитеранската маршрута по море и така бевме условени да ја следиме Амал по тој пат. Самото патешествие налагаше следење на Амал и, следствено на тоа, незамисливо е да се снима документарен филм за бегалци на една локација, освен ако не се заглавени во бегалски камп, што во овој случај не беше така.
Што Ве радува особено по завршувањето на овој комплексен филм и кои се Вашите лични очекувања за него?
– Ако се земе предвид фактот дека и по толку снимени филмови за светски несреќи и проблеми сè уште се случуваат локални и глобални трагедии, тогаш не ми останува ништо друго освен да бидам реален, а со тоа и беспомошен во врска со ставот дека кој било филм ќе го излечи светот и дека по кој било филм ќе прекинат сите војни, светскиот глад и проблемите со климатските промени. Уметноста не може да го смени светот, може да ги смени луѓето, а луѓето се светот. Она во што сè уште цврсто верувам е дека уметноста може духовно да влијае кај индивидуи и колку-толку, тука-таму, некаде, да ја амортизира човечката деструктивна природа.