Триумфот на победата над дијаболизмот

Рецензија

„Само ние двајцата“ е снимен според познатата книга „Љубов во шумата“ на Ерик Рејнхарт во 2014 година. Еминентното списание „Да се чита“ ја прогласи меѓу најзначајните книги за таа година. Авторката Валери Донзели заедно со Одри Диван ја адаптира возбудливата психолошка мелодрама. Носители на дејството во приказната се две еминентни актерски имиња на францускиот филм каде што посебен акцент се става на женскиот лик.
„Само ние двајцата“ (2024) ја имаше премиерата на Филмскиот фестивал во Кан, а наиде на одличен прием кај филмската критика, но не беа помали аплаузите и кај гледачите. Луцидното око на Донзели не остава ништо на случајноста. Сумираните впечатоци потсетуваат на цитатите од култните филмски класици, како „Опседната“ на Хичкок и „Стела Далас“ на Кинг Видор. Сепак, најголемо заедништво пронаоѓаме во „Писмото на непознатата жена“ од Mакс Офулс, каде што значаен белег остава двоецот Џоан Фонтејн и францускиот бонвиван Луј Жорден. Психолошката мелодрама „Само ние двајцата“ има порака од секојдневното опкружување. Голем број млади девојки, но и повозрасни жени, се вклештени во чемерот на прангите на деспотизмот. Тоа се должи на егоистичните сопрузи, кои се во сојуз со љубоморната суета. И пред да започне со работа на сценариото, Донзели веќе имаше зацртана цел кој ќе биде во насловната женска улога, а честа ѝ припадна на харизматичната убавица Вирџин Ефира. Таа е едно од најзначајните лица на францускиот филм, а во раскошниот талент се уверивме во ремек-делото „Таа“ на Пол Верховен. Од друга страна, пак, според голем број критичарски имиња, таа го достигнува зенитот со „Бенедета“ (2021). За својот професионализам е наградена со најзначајната француска награда „Цезар“ во „Повторна средба во Париз“ (2022).
Партнер во филмот ѝ е Мелвил Пупе, кој исто така има висока репутација, а женските обожаватели го паметат од „Случајна средба“ (2023). Ефира го толкува двојниот лик на близначки. Бланш (Вирџин Ефира) на забава го запознава Грегор преку нејзината сестра близначка Роуз, која смета дека не само што направила добар избор туку и го пронашла својот идеален маж од соништата. Нивната врска сѐ повеќе се продлабочува и добива драстични размери на страст. Иако Роуз гледа со резерва спрема Грегор, Бланш сепак одлучува љубовта да ја круниса со брак. Од мегаломанскиот Париз, каде што живеат нејзините родители, се отселуваат во Кан и започнуваат нов, се чини идиличен живот. Набрзо добиваат две деца, а работната концентрација како учителка кај неа постепено се намалува. Иако Роуз е насочена кон семејството, започнуваат првичните импулси на сомнежи спрема сопругот. Секојдневното враќање од „работа“ во доцните часови кај неа предизвикува дополнителна нетрпеливост.

Не знам дали гледачите ја делат енигмата која е вистинската професија на Грегор, но јас останав вчудовиден. Инфериорноста од ден на ден се зголемува спрема неа и децата. Тоа е доволен знак таа да се втурне во лавиринтите на љубопитноста. Преку социјалните мрежи запознава атрактивен маж, но не паѓа веднаш на неговите заводливи гестови. Сепак, при следната средба не може да одолее и се нурнува во вителот на сексуалниот оган. Вистински пекол следува при нејзиното враќање дома кога ја пречекува сопругот видно дионизиски расположен и започнува со тортурата. Грегор има разработено агентско-стратегиска методологија на мазохизам. Преку ден е во улога на добар сопруг и хармоничен татко, а навечер го покажува вистинското лице на дијаболизам. Како резултат на константната „љубов“ на Грегор со чашката, Роуз е принудена длабоко во ноќта да раскажува до детали за својата љубовна афера. И покрај нејзиниот стоицизам, таа не успева докрај во својата намера и сепак признава. Одличниот перформанс на трансформација на Ефира е впечатлив во сцената при обидот за самоубиство кога се покајува бидејќи преживува, а ненаситната малициозност кај Грегор сѐ повеќе се зголемува. Одличната камера го дава фокусот на среќното лице од Роуз, а во заднина оди мелодија на триумфот што го надигрува Грегор. Таа им се придружува на својот син и сестрата на егзотична морска плажа, а Грегор ги слуша „милозвучните“ сирени од полицијата како се приближуваат и размислува за својот долгогодишен „oдмор“ во затворските ќелии на Париз.