Транспарентниот идентитет на емпатичноста

Рецензија

Кога е во прашање Хичкок, не е лесно да дојдете до селективниот избор. Така, на пример, бев доста неодлучен меѓу филмот „Маѓепсан“ (1945) и „Озлогласена“, кои во себе содржат несомнен саспенс (1946), па затоа одлуката падна на првиот. Филмот е базиран на новелата „Куќата на доктор Едвардс“ од Хилари Сондерс и Џон Палмер.
Констанс (Ингрид Бергман) е психијатар во болницата „Грин Манорс“ во Вермонт и при разговорот со директорот Марчусон дознава дека на негово место треба да дојде младиот Едвардс. Набрзо се заклучува дека Едвардс го има преземено идентитетот од автентичниот лекар, бидејќи тој бил негов пациент што пати од амнезија. Може да констатираме со должен пиетет дека ако сите психијатри се шармантни како неа, но и спрема другите, тоа ќе даде плод на начин како што таа е внимателна кон Џон Балентајн (Грегори Пек) во овој одличен филм. Тогаш оваа професија ги заслужува сите пофалби. За Бергманка нејзиниот метод транспарентно е прикажан и е доволна гаранција за излекување што покрај главните методи се состои и од победоносни особини. Констанс е симулација на драмска логика што внесува доверба кај публиката, а тоа наликува на бајка во која одненадеж се вљубува во Балентајн. Недоволната самодоверба го втурнува во лавиринтите на непознатото и затоа одлучува да замине за Њујорк. Набрзо Констанс му се придружува во еден од њујоршките хотели и по секоја цена сака да му помогне.
Секој солиден филм под палката на Хич(кок) содржи психолошка тензија за некој човек што е вмешан во убиство, правејќи ескапиза со можност да нема вина. „Маѓепсан“ без сомнение спаѓа во романтичните приказни со мистериозни елементи убаво профилирани во психолошки трилер. Кон трагите се наближува полициската сирена, па затоа тие одлучуваат дека најдобар избор е да го посетат професорот на Констанс, Алекс Брулов (Михаил Чехов), чие име помислив се поврзува со великанот на руското сликарство Карл Брулов, но излезе само чиста коинциденција. Но добро, станува збор за Михаил Чехов, еден од најдобрите руски глумци што излегле од школата на прочуениот театарски педагог Станиславски, инаку внук на генијот на сатирата, Чехов.

Би направиле мала дигресија за профилниот лик на Норман Лојд; тој не само што е еден од најлигавите физикуси што продефилирале на филмското платно туку во себе има доволно рафален арсенал со малициозност да создаде кавга. Овде е во улога на полициски цинакрош, но подобро го паметиме како озлогласениот професор што му го зема местото на омилениот професор Китинг (Робин Вилијамс) во ремек-делото „Друштвото на мртвите писатели“ (1989) на Питер Вир. Со здружени сили Констанс и Брулов го трасираат патот при решавање на загадочната анамнеза од главата на Балентајн и фобичните небулози. Тие се поврзани со бели линии на темна површина (траги од виљушка, линии од фустанот на Констанс, пруги од возот, паста, чаршафи). Иако постојат скокови што го прават „Маѓепсан“ апсурден или „лесен“ за решавање како совршена корелација меѓу сонот и вистината, постојат зрна што се занимаваат со Фројдовите идеи на начини што биле мошне револуционерни за тоа време. И доаѓаме до најубавата сцена; хипнотичниот танц на Балентајн, брилијантно реализиран во сценографска „режија“ на каталонскиот гениј на надреализмот, Салвадор Дали. Во анализата се поврзани главните компоненти на неговите сомнежни фрустрации, за кои чиниш нема крај на агонискиот татнеж. Минуциозниот сенс на Констанс фрагментарно ги разоткрива сонот и главните протагонисти во него. Па така, Балентајновите волуменозни очи од С. Дали се тие што го набљудуваат и очекуваат. Тука се разоткрива идентитетот на господинот од локалот, кој е во друштво на страсната танчарка што ги бакнува страсно. Тоа е никој друг туку пензионираниот директор, кој и не изгледа толку наивно. Напротив се служи со ласцивни пораки и доаѓаме сѐ поблиску до главниот осомничен за убиството на д-р Сандерс. Свежите ветрови на позитивизмот го оттргнуваат комплексот на вина кај Балентајн. Кристално јасно се присетува на своето детство потпомогнат од бихејвиоралните методи на мудриот експерт Алекс и неговата асистентка Констанс. Тоа е моментот кога не сакајќи брат му го губи животот наденувајќи се на шилците од оградата, но не по вина на Балентајн. Пругастите линии се всушност рефлексијата од скијачките патеки, кои до скоро претставуваа ноќен кошмар за него, а сега само минлива слика од случката. Смелата и храбра Констанс се соочува со Марчусон, кој му ги разоткрива фактите, но и неговата нетолерантност за д-р Едвардс. Балентајн е ослободен од секоја вина како потенцијален убиец и сега ужива во плодовите на љубовта со Констанс, кои ги навестуваат свадбените ѕвона. Ова е само потврдна сатисфакција од нивната љубовна романса од почетните кадри на филмот каде што се отвораат „Вратите на перцепцијата“ (Хексли), односно на темелната љубов.
Несомнено талентот на Ингрид Бергман е крунисан со наградата за најдобра актерка на фестивалот во Венеција, а нејзиниот партнер Грегори Пек, пак од Друштвото на филмските критичари во Њујорк е прогласен за најдобар актер. Филмот иако беше номиниран во повеќе категории за престижната холивудска награда „оскар“, радоста ја почувствува само унгарскиот музички маестро Миклош Роз, иако првенствено замислата беше за Бернард Херман. Сепак, да не заборавиме, Роз зад себе има импозантна бројка од 120 филмски композиции, а Хичкок не остава ништо на случајот. Името „Маѓепсан“ останува да биде изгравиран со златни букви во филмската историја на саспенсот, а идните генерации што доаѓаат ќе бидат маѓепсани од филмската нарација.

Александар Василевски