Рецензија
- Кон третиот шоукејс на Загрепскиот театар на младите во Загреб, кој се одржа од 5 до 8 февруари 2026
Загрепскиот театар на младите е мека за театарските иновации, театар со сцена и ансамбл што нудат бескрајни можности за нови промислувања и имагинации на театарските режии и актерските креации. По третпат овој исклучително интересен театар го организира својот шоукејс презентирајќи им ја на театарските критичари и продуценти својата театарска лична карта, својот репертоар, кој не само што е разновиден туку, на некој начин, е и инспиративен. Оваа година изборот вклучи во шоукејсот неколку претстави.
„Драма без наслов“ во адаптација на Жељка Удовичиќ и во режија на Паоло Маџели, претстава што на некој начин е средба на првиот драмски дериват на А.П. Чехов, кој подоцна го добива името по главниот лик, Платонов, со денешните конструкти на отуѓувањето и поетиката на пропаѓањето. Претстава што Маџели како стар театарски волк ја вовлекува во имагинариумот на самиот театарски простор, во една исклучително пиранделовска алегоричност, која проблемот на отуѓувањето и духовната пропаст го отелотворува низ театарскиот цинизам. Една особено интересна галерија од ликови што излегуваат и влегуваат во тој чуден, празен театарски простор, кој подразбира и сцена и публика отворајќи ги чудовишните несогласувања чии митски димензии или се претвораат во реквизити или се излеваат со секоја човечка неверба. Сјајна концептуална поместеност, која нуди размисла за многу деструкции што ни ги нуди современиот свет, сето тоа низ театарското лице и опачина.
„Макс, Миша и офанзивата Тет“, претстава работена по гигантскиот роман на современиот норвешки прозаист и драматичар Јохан Харштад, во адаптација на Вид Хрибар и во режија на Ивица Буљан, претстава што со еден особено питок театарски јазик зборува за животната фабула, која генерациски е исплавена преку духовната формулација на Џим Морисон, Виетнамската војна, секако со голем акцент врз емиграцијата како животна трансверзала што го менува цивилизацискиот тек на социјалниот и политички живот на Америка прекршен низ животот на Макс Хансен (извонредна актерска креација на Уго Корани), театарски режисер што се дави во мочуриштето на погубноста, coming of age приказна од која Ивица Буљан прави претстава што лежи врз мелодичноста токму на таа емигрантска сага од чии трошки се обидува да се нахрани цело семејство, кое заминувајќи преку барата си ја превртело својата животна филозофија наопаку. „Макс, Миша и офанзивата Тет“ е претстава во која мудриот приод на Ивица Буљан инсистира на елегичноста, која од друга страна ја потенцира целата меланхоличност што ја носи времето во кое се одвива дејството. Буљан со својот транспарентен, во исто време и комплексен концепт, нè упатува на некое минато, кое секако е многу малку наше, но е минато од кое сме ги проголтале само горчливите ронки, а оние најубавите сме им ги оставиле на другите, време што човековата цивилизација ќе го памети најмногу по прекинатите младости и залудно отсонуваните идеали.
„Татко, мајка и син седат на масата и долго молчат“, работена по драмскиот текст на Ивор Мартиниќ, а во режија на Александар Швабиќ, е камерна претстава што зборува за дисфункционалноста на семејството и неисполнетите копнежи, психолошка драма што ни донесува многу интересна актерска енергија и прекрасно одиграни ликови.
„Киселина“, претстава во продукција со Националниот драмски театар од Вилнус, Литванија, по текст на познатата хрватска драмска писателка Тена Штивичиќ, а во режија на литванскиот режисер Антанас Обчарскас, е многу чудно театарско доживување, кое се базира врз внатрешните пулсирања и меѓучовечки односи при поставувањето на театарската претстава, претстава што ѕирнува во оние места во театарскиот простор што не се видливи за публиката, а кои и тоа како влијаат врз развојот на театарската претстава и секако претстава што со себе носи една друга дистанца, а тоа е дистанцата на „веќе одживеаното“, со оглед на тоа што круцијалната драмска предлошка се занимава со документарен филм посветен на подготовките на нова премиера на еден балет; драмски текст и режисерска постановка што имаат големо значење затоа што се дијаметрално различен начин на мислење од она што го гледаме во театарските концепти во Хрватска.
И конечно „Јазикот на копачката“, драмски текст на Филип Грујиќ и Иван Ергиќ, кој се занимава со другата, многу болна страна на спортот, драма што зборува за големиот подем и болниот пад на еден млад фудбалер, и сето тоа низ сјајното режисерско видување на Борут Шепаровиќ, претстава што конечно зборува за горчливата страна на спортот, кој многу брзо станува „профитабилен“, а уште побрзо и деструктивен. Оваа претстава е една од најтрофејните претстави на овој театар во овие последни неколку години со оглед на тоа што на јубилејното, 70-то по ред Стериино позорје беше овенчана со шест награди, меѓу кои и наградата за најдобар драмски текст и наградата за најдобра претстава од публиката, како и наградата за најдобра претстава на Гавелините вечери за 2025 година.
Загрепскиот театар на младите е театарски бренд од висока провиниенција, театарска куќа што секогаш одушевува со своите претстави, со својата оригиналност и висока актуелност, театар што со овој шоукејс ни донесе и актерска возбуда со креациите на Уго Корани, Луција Шербеџија, Лука Кнез, Хрвојка Беговиќ, Франо Машковиќ, Дорис Шариќ Кукуљица, Бернард Томиќ, Ракан Рушаидат и други актерски персоналитети чија духовна присутност е драгоцена не само за театарот во Хрватска туку и за Европскиот театарски простор. Носејќи ја со себе сета инспиративност, овој театар низ овој шоукејс ни приреди и средба со европската театарска актуелност, артикулирајќи ги својата оригиналност и ангажираност низ театарските продукции, кои не само што одушевија туку и инспирираа.
Сашо Огненовски
































