- (Кон првата театарска изложба на „Хартефакт“ од Белград, Србија, во Сараево, Босна и Херцеговина, 12-14 септември 2025 година)
Театарската уметност секогаш има потреба од тематско обединување, па така, платформите за нејзино претставување се еден од начините да се отвори вратата кон театарските претстави обединети под една тема или од една институција. „Сараевскиот театарски шоукејс“ е огромен театарски потег што не препознава само презентација на независниот театар од регионот туку ги отвора и другите сегменти на театарскиот менаџмент, театарското пишување, како и театарската критика. Тој со себе ја носи грамадноста на театарскиот универзум каде што самата театарска претстава како уметнички чин не е единственото што би можела да го понуди театарската уметност. Овој настан направи големи напори да одговори на круцијалните прашања што се однесуваат на театарот како синтетичка уметност: каде, кога, зошто и кому? Овие навидум опасни прашања го позиционираат самиот театарски чин во еден регион, но ги препознаваат и неговите чинители, кои не се само актерите и режисерите туку и продуцентите, критичарите, менаџерите. Овој масивен настан по мислењето на авторот на овие редови е специфичен токму по овие нешта. Неговата сеопфатност укажува не само на театарските промислувања во регионот на поранешна Југославија туку и на она што значи реорганизирање, прочит и понатамошно позиционирање на театарската уметност, што во секој случај е од особено значење најмногу за независните продукции, кои на многу наврати се оставени на виулиците на себеснаоѓањето и самопрезентирањето. „Сараевскиот театарски шоукејс“ во овие три дена, покрај претставите, понуди и други шест различни програми како: Театарски маркет, кој означува платформа курирана за театарски проекти пред релевантни претставници на театарот, Резиденцијална програма, во која се селектирани млади театарски уметници од разни места на регионот (режисери, драмски автори, критичари) што ја имаа можноста во петдневниот престој во Сараево да ја прошират својата мрежа на интерес и да ги развијат своите промислувања од областа на театарската уметност, како и да ги презентираат своите концепти, идеи и промисли, Ателје-програмата, една особено интересна програма за млади драмски автори, кои работејќи врз своите нови дела во менторство на релевантни драмски автори како што се Билјана Србљановиќ и Ивор Мартиниќ ја развиваат својата умешност и ги отвораат своите креативни можности. Театарските разговори ги отворија можностите за вмрежување во постојните театарски мрежи што се одвиваа на 13 и 14 септември, а кои беа модерирани од значајни театарски мислители како Ивана Вукович, Аса Рихардсдотир, „Зелената лабораторија“, една многу интересна програма што на еден конференциски начин ги обединува театарските мислители да проговорат за есенциите на современиот театар, за продукциските практики, развивањето на публиката итн. и од програмата Индустриска презентација, која се чини дека е од особена важност за театарските продуценти што своите идни проекти им ги нудат на театарските професионалци од Европа и светот, со особен фокус на современите социјални и културни предизвици. Заедно со театарските претстави овие програми ни укажуваат на тежината на продуцирањето на театарската претстава во регион што сè уште плива во транзициските води, каде што и предизвиците и мотивирањето сè уште ги имаат своите сонди во траумите и недоразбирањата од минатото.
Настанот во Сараево ни понуди и шест исклучително интересни театарски проекти: „Самоубиството како социјален факт“ во концепт и режија на Ана Јанковиќ, во изведба на Ива Илинчиќ и во продукција на театарот „Битеф“ од Белград, Србија, претстава што нè соочи со два театарски израза: минимализмот и кабаретскиот театар, претстава што говори за една социјална бездна и интимна небрежност во која самоубиството како крајна консеквенца го отвора феноменолошкото препрочитување на животната филозофија, преглазирана со иронија, која навистина нè замислува затоа што колку и да се обидуваме да бидеме цинични кон нашите загуби во животот, сепак нивното влијание е огромно врз деструктурирањето на нашата личност. Особено интересно театарско промислување, кое на многу интересен начин ги спои овие две дијаметрално различни театарски форми во една претстава; „Машина“, во режија, кореографија и изведба на Бојана Робинсон и во продукција на Бојана Робинсон и „Институтот 0.1“ од Љубљана, Словенија, е монодрамска форма што се обидува да ја визуализира релацијата меѓу човекот и машината; „Хинкеман“, театарски проект на независната театарска група „Златен Елец“ од Скопје, Македонија, исклучително возбудлива театарска претстава, која, според драмскиот текст на Ернст Толер, користејќи ги циркуските елементи и постдрамскиот израз, ја раскажува приказната за човекот што, раскинат од војната, се обидува повторно да влезе во својот животен тек; „Ова е мојата вистина, кажи ја ти твојата“, монодрама во стендап-стил на Јасна Жмак, во продукција на центарот за драмска уметност „Виа негатива“, Градот на жените од Хрватска и Словенија, претстава што го понесе гран прито на минатогодишниот „Битеф“ и која зборува за уметничката артикулација на сексуалното искуство на еден пријатен и хумористичен (ироничен) начин, парче театар што на некој начин може и да влезе во тој раскажувачки театар со мала напластеност на проблематизирањето на непостојаноста и неодлучноста; „Подрум“, исклучително храбра претстава по текстот на Армин Бехрем во режија на Ајла Бешлиќ, а во продукција на сараевскиот Воен театар и „Рилстејџ“ од Босна и Херцеговина, која го отвора прашањето на интимната амбивалентност во која хомосексуализмот и бисексуализмот се појави што се под покривот на несфатливоста во конзервативните и патријархални средини и конечно претставата „ПРИШТИНА. Однапред смислено убиство на сонот“ во режија на Блерта Незирај, а во продукција на Мултимедијалниот центар од Приштина, Косово, која зборува за Реџеп Лучи, архитект, еден од татковците на модерна Приштина и модерно урбано Косово, човек што својот глас против тишината на урбаната мафија ја плаќа со живот, исто така раскажувачки театар што отворено зборува за корупцијата што никогаш не е искоренета во овие региони.
„Сараевскиот театарски шоукејс“ ни покажа дека независниот театар е од огромно значење за театарското промислување на овие простори. Шесте претстави што проговорија за горливите проблеми во регионот и шесте други програми што ја отворија вратата кон длабоко и многузначенско вмрежување на театарските уметници направија ова претставување на театарските претстави уште со своето прво издание да биде од големо значење и за уметниците, но и за театарските практичари. Институционалниот театар има сосема друг начин на организирање, кој во многу случаи на публиката ѝ нуди конвенција, додека независниот театар, користејќи ја својата актуелност станува глас на сето она што значи длабок социјален, општествен и политички проблем во државата. „Хартефакт“, како организатор на овој настан, го покажа просторот каде што независниот театар може да биде релевантен на повеќе нивоа и да биде особено опасен конкурент на институционалниот театар. Вмрежувањето на уметниците и развивањето на сите елементи на театарската уметност е предзнак за едно театарско време што допрва доаѓа и кое ќе покаже многу артизам, многу храброст и голема бунтовност.


































