Свежиот импулс на младоста

Рецензија

Филмот „Амаркорд“ (1973) на Фелини е снимен со носталгичен интензитет, но и со инспиративна радост. Во превод значи „Се сеќавам“ и потекнува од дијалектот на приморскиот град од младоста на авторот, Римини. Тука не навираат само сеќавањата од љубовните фантазии во кои главните актерки се продавачки и професорки; низ неговиот дурбински филтер не изостануваат и интерните пријателски шеги, а и фамилијарните ручеци, кои завршуваат со драмски епилози.
Голем бој од авторите имаат обичај да пренесуваат слични цитати во своите филмови; таков беше случајот и со „Амаркорд“. Тоа е сцената кога екипата на Тита шета во близината на морето, а наеднаш се појавува редица од велосипедски фанатици. Тука наоѓам сличности од љубовната сторија од „Малена“ (2000) со сексапилната сењора Моника Белучи, која бруи од сексапилност. Флегматичниот чичко им се препушта на медитативните гастрономски занеси, иако покрај него се одвиваат епски расправии. Тој е член на фашистичката партија на Мусолини, а неговиот брат Аурелио (Aрмандо Бранча) со гротескен гручовски лик ги има насочено симпатиите спрема комунизмот. Во атмосферска празничност од камбанаријата, Аурелио од грамофон ја пушта Интернационалата, а за овој непромислен чин тој е брутално казнет со галонска порција рицинус.
Централен лик во филмот е адолесцентот Тита (Бруно Занин), кој низ призмата на средовечна личност ја раскажува приказната за опсесивната мисла кон кокетната примадона Градишка (Магали Ноел), која се чини не е достапна за него. Нејзиниот фокус беше насочен поскоро да се вгнезди во прегратките на некое богато конте со шармерски особини на Гари Купер. Рака на срце, Магали ја немам гледано во некој друг филм, но, според мене, неправично е маргинализирана земајќи ја реномираната селективност на филмски ведети покрај неа како Софија Лорен, Клаудија Кардинале или Џина Лолобриџида.
„Амаркорд“ е триумфален епилог на една долга подготовка и завршница на еден заводлив и блескав огномет на фантазијата. За долгорочноста е потребна визуелна сензација за да се достигне кулминација, која се трансформира во кралски облици со хроматски валери. Во друштво на веќе споменатиот „Амаркорд“ чекор до него се познатите ремек-дела: „Сладок живот“ (1960), „Осум и пол“ (1963), „Ноќите на Кабирија“ (1957), „Џулиета и духовите“ (1965) или ако сакате дури и „Улица“ (1954). Кога станува збор за Фелиниевата љубов за женски гради може да му позавиди и грамадниот Рас Мајер. Таков пример имаме во сцената кога расп(л)аметениот Тита се обидува да ја поткрене продавачката само за да ги дофати нејзините големи гради. Фелини инстинктивно танцува со внатрешниот ритам не сфаќајќи ја стилската оригиналност.

Се прашуваме дали Фелини го посвети моментот на организираната мисла, позната како фелиниевска, или го следи мелодискиот ритам на свирење додека работи. Да го изостриме бинокуларот осврнувајќи се кон ликот на загрижената мајка Миранда, која ја толкува одличната Пупела Маџо. Да признаам ми изгледаше познато како да ја бев гледал претходно од некој филм, но облаците на сомнежот се разбистрија кога ги изострив мозочните мембрани и се присетив на одличниот „Синема Парадизо“ (1988) во режија на Џузепе Торнаторе. На сличен начин како и тука и таму беше во улогата на загрижена мајка, која се грижи за синот опседнат со филмската магија. Оригиналната досетливост на Фелини доминира во две клучни сцени; првата е кога еден ученик со „шалварести“ подочници, кој многу потсетува на лик од фамилијата Адамс, одговара на табла пред класот. За жал, брутално е понижен пред наставничката, а пред него извира утринска „река“ произлезена низ долг хартиен фишек. Втората е сцената во која еден од тројцата браќа е искачен на дрво викајќи како ранет лав на цел глас дека посакува жена. Со оваа сцена Фелини се прослави како еден од најзначајните автори на комедијата со инвентивен стил.
За малку ќе изумев, но сепак не изумив. Пред многу години, една од сцените во која Фелиниевата хуманост извира на самата површина е онаа кога локалните мештани излегуваат во ноќта да го поздрават грандиозниот брод „Рекс“, а слепиот хармоникаш ги вади очилата и свирејќи вели: „Како изгледа“? Во заднина оди волшебната музика од суптилните акорди на безвременскиот Нино Рота со елегичната нумера „Ла Фогарача“. И конечно на самиот крај Градишка ги доживува моментите од свадбените ѕвона и се мажи за… За жал, ни одблиску не е некој сличен на Гари Купер, туку напротив се мажи за милитаристичкиот службеник Матео. Таа сака да ја покаже својата наметната среќа, но се оддалечува од сопругот и го фрла бидермаерот во височина посакувајќи да биде така.
Руѓеро Мастројани е брат на италијанскиот заводник Марчело, кој создава лебедови ноти на безвременскиот волшебник Нино Рота, постојан соработник на маестро Фелини.
„Амаркорд“ е добитник на фамозната статуетка „оскар“ за најдобар странски филм, но и на неколку други значајни награди. Феноменот на сеќавањето по кое нуркаат сенките на порокот, но и гревот на наивните игри, свечeните слики, празнувањата и разделбите се сублимираат во филигрански сублимирано поетично ткиво. На секоја глетка ѝ дава локален колорит изнурнат од почвата на ренесансата и ја напојува со хумор и носталгија, но и со тага и ведрина. „Амаркорд“ останува автентично ремек-дело што умее убаво да ја скрие својата преобилна љубов спрема хероите на кои им ја посвети оваа носталгична балада.