Светото тесто на поетскиот леб на Бранко Цветкоски

Рецензија

(„Од исто тесто“, Бранко Цветкоски, Макавеј – Скопје 2020)

Постојат поетски книги што имаат заветен печат, нешто слично како светите списи во Ковчегот на заветот во Библијата. Книги во кои поезијата, која Рилке ја дефинира како постоење, има сакраментална вредност. А тоа значи дека е тоа Постоење сведено не само на неговата земна проколнатичка судбинска варијанта, на мачнина (Сартр), туку и на неговата небесна, трансцендентална суштина или срцевина, која филозофите ја именуваат како есенција. Тоа е тоа кога се надминува шизмата меѓу егзистенцијата и есенцијата, меѓу она на Платон „Бог е мерка за сè“ и она на Протагора „Човекот е мерка за сè“.
Да. Но на поетите што Хајдегер ги става над филозофите им е дадено да ја надминат таа трагична шизма, спојувајќи ги во едно земното и небесното, за да ја затворат на тој начин отворената рана на човекот одделен од Бог и божественото. Она на што инсистира и Хермес Трисмегист со неговата питагорејска формула на златниот математички пресек во кој се вкрстуваат и хармонизираат земното и небесното, враќајќи ги нив во нивната андрогинска прасостојба. А таа формула, толку многу едноставна, гласи: „Она што е горе е и долу.“ По аналогија: она што е под земи е и над земи итн. Во крајната инстанца, пак, формулата на Трисмегист кажува дека Земјата е само друг образец на Небото. Според тој образец, имено, се и сликани православните источновизантиски цркви. Па и мозаиците во Равена.
Кажаното напред како аналогија, клучот што отвора сè, според Бодлер, е доволно да влеземе во самата срцевина на најновата поетска книга на Бранко Цветкоски, која е без сомнение збита синтеза на целокупната негова поезија и филозофија, на неговото пеење и мислење за битните нешта, кои, за жал, без пардон ги одмина постмодерната поезија што го фрли во кал битието, а со тоа и сакралното чувствување на светот, потчинувајќи ѝ се на киселината на иронијата и десакрализацијата како врховно поетско начело на поезијата. А, всушност, со тоа и укинувајќи ја неа. Таа збита поетска синтеза на Цветкоски во неговата најнова поетска книга е крајниот резултат на неговата потрага по суштината на Постоењето, како што е тоа по аналогија резултатот на Рилке во неговите „Орфејски сонети“ и „Дуинските елегии“. А тоа е да помине грубата егзистенција низ златната жица на есенцијата и така да се направи свадбениот прстен на нашиот кусовечен живот.

Тоа, пак, значи ако сега, најпосле, ја земаме предвид глобалната метафора архетип на книгата на Бранко Цветкоски, Тестото за неговиот свет поетски Леб, треба да видиме како функционира таа. И веднаш ќе кажеме дека нејзината функција е динамична, бидејќи во неа постојано се разменуваат земното и небесното за да ја објаснат метафизиката на постоењето. Тоа е тестото, или брашното од кое е замесено тоа пред и по изгонот од Рајот. На интелигентниот читател на книгата на нашиот поет нема да му биде тешко да го забележи тоа, дека земното е егзистенцијата (грубата живејачка), а небесното есенцијата, битното од кое е лишен човекот по изгонот од Создателот, но кое тој треба да го пронајде и осмисли повторно за да го освои загубеното средиште во кое престојуваат Бог и божественото. Со еден збор, како Хермес Трисмегист да ги израмни и помири небесното и земното. Да, Оти „Од истите божји прсти / е милуван животот / милувана е и смртта / и од ист здив / е започнат земниот / и е благословен небесниот пат“ (Од исто тесто).
И тука е тематскиот и филозофски епицентар на книгата на Цветкоски: животот и смртта, но не спротивставени, не како исклучување, туку како проткајување, спојување и надополнување. Како андрогин. Целина. Онака како што го среќаваме тоа без остаток во поезијата на Рилке. А тоа значи смртта како одуховена егзистенција што ни го осмислува и есенцијализира животот, така и се зачекорува, имено, во трансценденталниот простор на „обилната отсутност“, во исихастичко смирение, или будистичка нирвана, во егзистенцијата што е „страдание и спас во светлината“ (Пред и по животот). Тука некаде, пак, е пронајдена и точката на вечноста што престојува „во срцето на мигот“. Кон таа фокусна точка на мигот вечност еднакво гравитираат и животот и смртта.
По сето ова, можеме да кажеме дека оваа поезија на Бранко Цветкоски со своите тивки мени, сновиденија и егзистенцијални зен-мигови се остварува целосно низ струјата што извира од најскриените длабочини на битието, а притоа оставена како и нејзиниот поет да се снаоѓа како судбина на превезот на соѕвездијата меѓу животот и смртта. И тоа е, со други зборови, јанѕа, или како што велат филозофите, треперење на битието. Јанѕа, трепнеж со кој, имено, се исполнети секој збор и стих во најновата книга на нашиот поет. Тоа е една од темелните шифри, како што би рекол Јасперс, што ја објаснува нашата егзистенција. Тоа е, следејќи го Хајдегер, а имајќи ја предвид неговата егзегеза на поезијата на Хелдерлин, Рилке, Тракл и Георге, „говор на битието“. Искуствено и интуитивно до ова битно хајдегеровско откритие доаѓа и Бранко Цветкоски. Тоа е присутно во целокупната негова поезија, а сега посебно нагласено во неговата најнова поетска книга, чиј Леб е замесен од земно и небесно тесто, од тестото на егзистенцијата и есенцијата како Едно. Тоа е книга со молитвен императив, поезија на тивка аполониска екстаза, на контемплативно битие во бдение длабоко сведнато на хераклитовската река на минливоста.

И тоа е основниот контрапункт од кој се напојуваат сите ракави на поетската фуга на Бранко Цветкоски во неговата најнова поетска книга. Тоа, без груби примеси на стварноста како „мачнотија на постоењето“ (Сартр) е чистата онтолошка струја на битието што има дури и преегзистенцијално небесно потекло и ја трансцендира елементарната егзистенција во есенција, обожествувајќи ја истата таа. Тоа е, како што би рекле Индусите, спојување на Атман со Брахман, или на нашето земно со небесното божествено Јас, на самсара, земната, со кундалини, космичката енергија.
Тоа и таков е лирскиот магнет на најновата поезија на Бранко Цветкоски, артикулирана со јазикот на битието, кој меѓутоа е лишен од апстракција и е јазик на искуството, кое и покрај сета тежина на егзистенцијата оди по златна жица на преобразбата. Тоа е, со една архетипална метафоричка слика речено, јагленот што ја осмислува ноќта, минувајќи низ неа, во дијамант. Конечно, ако се земе и самиот јазик како битна егзистенција, тоа кај Бранко Цветкоски е јазик на фасцинација. Она што го бараше од него, како битна онтолошка ознака и квалитет, и Готфрид Бен. Јазикот на автентичната и длабока поезија како „говор на битието“, кој е далеку од празните постмодерни поетски спекулации потопени во киселината на иронијата и сарказмот целосно испразнет од струјата на онтологијата.
Тоа е тоа. Треба ли, пак, на крајот од овој кус есеистички зафат, кој се обиде in medias res да го осветли благо херметизираниот свет поетски Леб на нашиот поет замесен за тајната вечера на животот по изгонот од Рајот од земно и небесно тесто, да речеме, а тоа е видливо, дека неговата најнова поетска книга е врховна синтеза на целокупната негова досегашна поезија. Плус, за крај да кажеме уште и тоа дека е една од најконзистентно на тематско, филозофски и поетички план остварена книга во современата македонска поезија.

Ефтим Клетников