Централниот настан на осмото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ ќе се одржи денеска, во 19 часот, во прекрасниот амбиент на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. На почетокот на вечерта, присутните ќе имаат можност да проследат куса аудиоснимка изворно со гласот на Анте Поповски. Низ динамично осмислената програма ќе нè води Александра Јуруковска, која најпрво ќе презентира кус приказ на најважните карактеристики што му дадоа белег на годинешниот конкурс.
За естетските вредности на збирките на добитниците на традиционалните поетски награди, „Антево перо“ „Антев златник“ и „Антев часовник“, во продолжение ќе се осврне членот на жири-комисијата д-р Атина Цветаноска, по што ќе следува и врачување на наградите. Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинашните лауреати и авторите што беа селектирани во потесниот избор за наградите.
На крајот од вечерта Жорж и Александар Поповски од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски ќе ги презентираат активностите во рамките на целата манифестација.