Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот за уметности од Белград со изложбата „ФЛУ Апертура“ гостува во Галеријата на ФЛУ (објект Педагошка) на Факултетот за ликовни уметности. Изложбата ќе се отвори вечерва, во 20 часот, со присуство на деканската управа на ФЛУ Белград, професори и дел од учесниците на изложбата. Изложбата ќе биде отворена до 26 ноември. Двете високообразовни институции ја продлабочуваат соработката за размена на искуства, знаења и вештини, развивање на уметничкото вмрежување, развивање можности за мобилности и заеднички проекти.
„ФЛУ Апертура“ е изложба на студенти на докторски уметнички студии (трет циклус) на Факултетот за ликовни уметности во Белград, кои започнуваат од 2007 година. Досега докторирале 170 студенти. Поставката ја сочинуваат шест одбрани уметници.
– Уште на прв поглед, она што е можеби највпечатливо е формалната разноликост на изложените дела. Селекцијата не се базира исклучиво на формалните критериуми, туку е со цел да ја илустрира и прикаже разновидноста на темите на уметничките истражувања во текот на докторските уметнички студии. Изложбата нуди актуелен увид во шест различни уметнички практики, со сите нивни возбудливи манифестации и димензии, од апстракција до фигурација, од цртеж на хартија до делегирани перформанси. Од друга страна, како што може да се забележи, тематскиот спектар се движи од интимни искуства (од секојдневието) до прашања за родот и идентитетот – вели селекторот на изложбата Немања Николиќ, доцент на ФЛУ во Белград
Уметницата Ивана Ивковиќ е препознатлива и признаена на домашната и меѓународната уметничка сцена со својот исклучително авторефлексивен пристап. Нејзината серија на фотографии е документација од перформансот „Друго тело“, нејзин истражувачки проект од областа на делегираниот перформанс. Овие дела тематски ги обработуваат темите на идентитет и род, преиспитуваат и доконструираат стереотипи на улогите на родот.
Уметникот Марко Марковиќ се претставува со монументална инсталација/цртеж изведена како графит на ѕид. Цртежот под име „Лева комора на срцето“ е создаден во 2012 година, по повод неговата самостојна изложба на ѕидот на галеријата на факултетот. Во оваа пригода, по временска дистанца подолга од деценија, Марко го враќа оригиналниот гипсен ѕид со цртежот назад на местото каде што оригинално настанал. Миодраг Манојловиќ, уметник од Бања Лука, најчесто се занимава со цртеж и анимација и со истражување на мултиформните и повеќејазичните начини на комуникација. На оваа изложба се претставува со серија од 163 цртежи од серијата „Спокој“, нацртани со молив на хартија.
Уметникот од помладата генерација Богољуб Ѓоковиќ на оваа изложба е претставен со серија монументални цртежи на кои се прикажани елементи на пејзаж преземени од сценографија на видеоигра, а настанати со испишување бројки со машина за пишување. Уметницата Лена Милановиќ првенствено ни се обраќа низ поле на геометриска слика со остри рабови, која настанува како специфичен вид на постдигитална слика. Тргнувајќи од интимни фотографии, уметницата создава ремедијација низ традиционалното сликарство проникнувајќи во длабочината на природата на дигиталната слика и нејзиниот кодиран запис. Цртежите на хартија на Александар Ракезиќ, реализирани со нестандардна сликарска техника, односно со козметички сенки за очи, прикажуваат рекламни страници од списанието „Бурда“ од осумдесеттите години на минатиот век.
– „ФЛУ Апертура“ е изложба што не ја илустрира само основната улога на Факултетот за ликовни уметности туку истовремено ја преиспитува неговата функција денес. Наедно ја повикува нашата институција да не си дозволи да влезе во едноличност, туку да остане отворена за експеримент и авантура што произлегува од постојаната желба за откривање на непознатото и сѐ уште невиденото – вели Николиќ. В.Д.