По повод Деновите на поезијата

Пред 26 години во Париз е востановен интернационалниот Ден на поезијата – 21 март, којшто секоја година се одбележува со поетски читања во светот и во Македонија, а веќе втора година, во тие рамки, од страна на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ се организира и како градско фестивалско повеќедневно чествување на поетската реч. Годинава го чествуваме одложено, небаре во согласие со исто така одложениот излив на благодатта и сончевината на пролетта. Деновите на поезијата, прославувајќи ја, наедно настојуваат да ја реафирмираат акустичката изведба на поетската реч не само како вековно споделувано човечко искуство чијшто запис е несомнено витален дел од нашата, не само духовна, туку и физичка меморија, туку и како моќно средиште од кое сѐ уште е можно и повеќе од потребно, во спрега со другите уметности да се изрекува и обликува светот. Всушност самото востановување на Денот/Деновите на поезијата е послание. Овие денови се задача, мисија и повик за преоткривање на светот на поезијата во изнаоѓање нови алтернативни начини на нејзина промоција како витален и незаменлив, ненадоместлив простор на човековиот израз и креација.
Прочуената песна „Илјада и седумстото шеесет и второ лето“ што ја слушнавме како увод во денешното чествување, најдобро посочува на кој начин поезијата моќно нѐ обединува во срце што отчукува со единствен дамар, сеедно дали нејзината изведба ја слушаме збрани или во осама, крај езерото, или некаде во далечниот свет. За оваа песна мојата колешка Валентина Миронска-Христовска ќе напише дека е „вистинска народна химна“ на Македонците. И навистина, таа песна толку природно живее во колективната меморија, што многумина, всушност не без основа, мислат дека е народна, а не авторска песна на Григор Прличев што тој ќе ја напише во 1872 година во чест на првиот, по многу години, словенски архиепископ, Натанаил Кучевишки (од скопското село Кучевиште), по столетното отсуство на словенска служба под охридските црковни кубиња. Во радоста при пресретот на Натанаил Кучевишки на брегот на Охридско Езеро, како тогашен учител во Охрид, Прличев ќе ја опее и излее сета 110-годишната народна жалост, којашто живее во нашите срца и денес како жив и огнен проглас што пламти со светлината на нашето вековно постоење во речта и словото. Иако напишана за пречекот на „словенскиот владика“, песната првпат е испеана на Прличевата свадба, како што самиот тој наведува во неговата „Автобиографија“. За неа уште ќе забележи: „таа песна ни помогна во искоренувањето на грцизмот многу повеќе од сите наши прежни подвизи“ (Прличев, Автобиографија, 1995:131).

Годинава, кога ја чествуваме 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во рамките на Деновите на поезијата, наедно ги чествуваме и стиховите на македонските поети, кои низ вековите го зачувале нашето слово, го оплодиле во сопствениот поетски вознес и секогаш кога ги читаме, го рецитираме или ги пееме нивните стихови, одново ни го пренесуваат како завет што многукратно се оплодува во нашата активна рецепција низ духот на новите времиња што навеваат.
Заедничкиот подвиг на струшките браќа, Димитар и Константин Миладинови, кои со своите животи ќе го платат печатењето на зборникот на македонската народна поезија, толку моќно одекнува што на непријателите на македонската реч не ќе им достаса нивното погубување. Сохранети се безимени во тајност, да не би да нивниот гроб свети како светилиште за недоброј одочестија и поклоненија. „Сите почти песни се чуени од жени“, ќе напише Константин Миладинов во неговиот „Предговор“ на зборникот, во кој го опишува народниот консензус во однос на женското паметење, орото сретсело при изведбата на македонската народна песна, нејзиниот обреден карактер, кој во женското паметење го чувал и дочувал културниот идентитет на заедницата низ вековите премрежиња. Во овој предговор, Константин Миладинов ќе го опише и кодот на македонската народна песна, нејзиниот стих, метрика и соодветни теми, а врз основа на тоа знаење, и самиот ќе ги испише своите вдахновени стихови на македонскиот романтизам и преродбата. Јас го нарекувам „син на женското усно предание“, а таква е и судбината на зборникот составен од струшките браќа, женска, од типот „мое име – твое презиме“, зашто ќе бидат принудени да се согласат од зборникот да се извадат нотните записи на третиот брат, музикологот Наум Миладинов, за да се подотвори место меѓу македонските народни песни, многубројни, за оние тројчка дополнително редакциски во Хрватска вброени народни песни од Бугарија, наречени „источни“, наспроти македонските, конечно вброени како „западни“. Но воопшто не мора да знаеме кои се кои. Надмоќната македонска песна во зборникот веднаш се препознава по акустичката блискост со која ни се обраќа македонската реч. Истата она со која Константин Миладинов во Русија – во настојување таму да го реализира проектот на печатењето на „македонските народни песни“, како што самиот оттаму пишува во едно негово писмо од 1860 – ќе ги испее носталгичните стихови на песната „Т’га за југ“, со која секоја година одново се пали огнот на „Струшките вечери на поезијата“, а огнометот над Дрим симболично го означува распрснувањето на нејзината светотворна, светлосна крошна над нас.
Го чествуваме годинава и пргавиот и упорит дух на галичанецот Ѓоргија М. Пулевски, во знакот на две значајни годишнини во неговото разнообразно книжевно дело: 150-годишнината од објавата на неговиот тријазичен речник, во кој македонската лексика се јавува напоредно со албанската и турската, објавен во Белград (1875). Пет години подоцна тој во Софија ќе ја објави и првата македонска граматика „Слогница речовска“ (1880, чијшто полн наслов е „Славянско-насельениски-македонска слогница речовска за исправуванъе православски-язическо-писание“). Автор е и на првата македонска историографска книга „Славјанско-македонска општа историја“, но и на една од најубавите родољубиви поеми на преродбата „Самовила македонска“ (1878), како и на поетската книга „Македонска песнарка“ (1879).

Петнаесет години по публикацијата на тријазичникот на Пулевски и десет по публикацијата на неговата граматика на македонскиот јазик, пред 135 години се појавува и првиот европски научен труд посветен на проучувањето на особеностите на македонскиот јазик, докторската дисертација на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг, со што особеностите на македонскиот јазик како предмет на научно проследување стекнуваат легитимитет и на највисоко академско рамниште во рамките на европската наука за јазикот.
Во овој книжевно-историски контекст треба секако да биде спомната и 100-годишнината од објавувањето на „Абецедарот“ – букварот на македонски јазик наменет за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина, којшто, за жал, никогаш нема да стигне до македонските ученици на кои им е наменет, а подоцна во текот на Граѓанската војна во Грција, 27-години по неговото запленување, ќе бидат збришани и сите македонски училишта во Егејска Македонија, коишто ги имало околу седумдесет на број според некои извори.
Асномска Македонија, врз стиховите на Рацин како основоположник на современата македонска литература, ќе изнедри плејада поети и книжевници од различни поетски генерации што ќе ја прослават македонската поезија во светот, а наедно во Македонија ќе ја донесат и светската. Без нималку претерување можеме да утврдиме дека токму македонската поетска реч, со посредство на интернационалниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, во периодот на нашиот социјалистички развиток, е нашиот најзначаен културен амбасадор во светот. Нашата поетска реч е онаа со која нововостановената нација станува видлива и препознатлива во светот. Годинава навршуваат и 60 години откако СВП од 1965-та прераснува во интернационален поетски фестивал. Едно мало поетско читање во Струга во 1961-та, по повод 100-годишнината од публикацијата на Зборникот на Миладиновци, небаре со „ефектот на пеперутката“ ќе прерасне во грандиозна, светски препознатлива манифестација, којашто мигновено ќе ја постави македонската поетска реч во фокусот на светската поетска и културна сцена. Прв претседател на Одборот на СВП во 1962 г. станува токму поетот Ацо Шопов, патронот и на денешнава манифестација „Денови на поезијата“.
Денес ги чествуваме и годишнините од раѓањето на современите македонски поети и поетеси: Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 од раѓањето), Гого Ивановски (100), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95), Адем Гајтани и Саме Лимани Жарноски (90) и Игор Исаковски (55), како и 95. роденден на Георги Сталев.

На овие поети светлината на Новиот ден им поставува сосема инакви предизвици одошто на нивните претходници. Тие се огласуваат небаре струни на еолска харфа којашто трепери под прелетот на сенките и сеништата што ги фрла светлината на тој Нов ден. Поетите многу нешта мигновено знаат и предусетуваат и не можејќи да ги премолчат ги извлекуваат од длабините на својата пронижаност со светот на начин на кој тоа ѝ е возможно само на поетската мрежа за неуловливото. Во контекст на чествувањето на 80-годишнината од кодификацијата на стандардниот македонски јазик, би ја спомнала раната песна на Славко Јаневски, „Азбукарска балада“ (1944), којашто го содржи во мало сиот негов натамошен книжевен проект: и поетски и раскажувачки, а којшто е одговор на антиципирањето, препознавањето на замките на „новиот ден“ и „новите почетоци“.
Свесна сум дека ниту една песна не може да се долови во сиот нејзин далекосежен заграб на неуловливото, како што веќе спомнав понапред. Оттаму, да допуштиме натаму да говорат самите стихови. За да ги слушнеме, секако, самите треба да се престориме во чувствителни инструменти што вибрираат во пресрет…

Наташа Аврамовска