Срамот и бестијалноста

Рецензија

  • (Кон претставата „Процесот Пелико“ по драматургија на Серван Декл и Мило Рау, во режија на Мило Рау и копродукција на „Венскиот театарски фестивал“ и фестивалот „Авињон“. Српската верзија е во продукција на „неБитеф“ во Белград, Србија. Учествуваа: Весна Тривалиќ, Тихомир Станиќ, Милан Мариќ, Никита Миливоевиќ, Небојша Ромнчевиќ и др.)

Жизел Пелико, Французинка, сосема обична жена, жителка на мало француско гратче на шеесетина години, е силувана од својот постар маж Доминик Пелико во текот на десет години. Силувана е во несвесна состојба, дрогирана, а по него, во силувањето во тие десет години учествувале и педесет мажи, додека педесет и првиот маж не бил обвинет за силување на Жизел Пелико, туку на својата сопствена жена. Колку и да звучи невозможен целиот овој краток, но застрашувачки опис, сепак е стравотен настан што се случил, и тоа во многу малечко и тивко гратче наречено Мазан, блиску до еден од најтеатарските градови во светот, Авињон. Претставата на Мило Рау во драматургија на Серван Декл е составена од стенограмите на судењето на Доминик Пелико и на другите педесет силувачи. Она што значи пресврт во ова судење е инсистирањето на Жизел Пелико судскиот процес да биде јавен, да се отвори вратата на јавното мислење, а со тоа конечно да се отворат ужасите зад вратите на малите мирни гратчиња каде што наизглед не се случува ништо значајно, мали здодевни гратчиња што во мракот на тивките соседства кријат таков вид грозотии.
Претставата на Рау е документаристичка до последен атом, и тоа во најесенцијалното значење на овој збор затоа што кореспондира со голиот материјал од судењето на Доминик Пелико и сите други учесници во судскиот процес. Мило Рау инсистира на едноставноста и на суровоста на тој материјал, свесно не навлегувајќи во фикционализирање на тој материјал иако и тој начин на мислење има свои аспекти. Конечно, голем процент од романите и драмите со векови се фикционализирани за да го трасираат тој секогаш посакуван симпатички мост кај публиката. Но во оваа претстава тој процес е заменет со едноставно читање на стенограмите од судењето и, секако, сведочењата. Конечно, кога се работи за судски процес и во фикционализирањето на кои било случаи, овој вид текстови се оставаат на ефектот на својата автентичност. Се чини дека и Мило Рау и Серван Декл сметале на тоа кога ја креирале драматуршката поставка на целата претстава. Претставата, која трае повеќе од четири часа, особено е трогателна и би рекол дека го предизвикува истото чувство како кога би била фикционализирана. Слушајќи ги сведочењата, особено она на Жизел Пелико, доаѓаме до заклучок дека токму суровоста на целиот материјал ја предизвикува спонтаноста на актерите и актерките, а со тоа и нашето сочувство. Четирите часа на солзи и тремор кај публиката би рекол дека се еден вид документаристичка констернација што ја соочува токму публиката со неверојатниот акт на понижување, кој во оваа форма речиси е неверојатен. Тоа го прави овој театарски чин исклучително иновативен, најмногу поради комуникацијата со публиката.

Навраќајќи се повторно кон фикционализацијата, би потсетил на тоа дека судскиот процес на некој начин е форма што го дозволува сето тоа. Секако, Серван Декл не навлегла во други интерпретации на суровиот текст, веројатно поради можно разводнување на дејствието, но и поради деконструирањето на еден случај што можеби е еден од многуте застрашувачки во светот, но на некој начин е и случај што не одекнал многу на глобално ниво. Судскиот процес по правило во себе содржи документаристички материјал, па „Процесот Пелико“ е и претстава што во театарска смисла е сведоштво за тоа дека во театарот и во дваесет и првиот век сè уште има место за истражување на неговата форма.
Преплавени од емоции и од мисли што наведуваат на тоа дека човековата бестијалност нема граници, го напуштаме Факултетот за драмски уметности во Белград, местото од каде што и започнаа студентските блокади и во студената декемвриска ноќ се обидуваме да ги средиме мислите и да се запрашаме што всушност нè одушеви најмногу во оваа претстава: формата, која укажува на тоа дека фактот е можеби и посилен од неговата фикционализација, или самиот случај, кој по исто така стравотниот настан на масовно убиство од страна на дванаесетгодишно дете во основното училиште „Владимир Рибникар“ во Белград можеби и не нè згрозил повеќе од него. Дваесет и првиот век е век на гревови. Оние најопасните и најстрасни и се чини дека е век во кој човекот има најмногу потреба од крв. „Процесот Пелико“ е акт на срамот на човековиот род, но не е најголем ако се потсетиме и на други ужасни настани што го посрамиле човековиот род до крајна мера. Споменувајќи си дека речиси и да не остана ниеден гледач без солзи во очите, се потсетуваме на сето она што значи човеково понижување: холокаустот, масовните гробници во последните црни датуми во регионот, претходно спомнатиот случај „Рибникар“, историските понижувања со кои овој регион може многу да се „пофали“, трговијата со луѓе, со органи итн. Си помислуваме дека концентрацијата од солзи не е само од оваа претстава, која навистина плени со силата на сведоштвата, туку од откинатите мисли што секој од нас свесно ги потиснува заради егоистичките причини со кои го продолжува својот животен век, „колку што дал Господ“.
„Процесот Пелико“ во изданието на тој „неБитеф“ го одиграа српски актери и актерки, драматурзи, кореографи, активисти, чин што има уште поголемо значење имајќи ги предвид политичката состојба на земјата и огромната поделеност во општеството, состојба на која баш и не се резистентни и нашите држави наоколу.

Иако само за неколку дена, текстовите, сведоштвата што го градеа тој процес во нивните интерпретации дејствуваа извонредно влијателно. Овде, секако, би ја издвоил Весна Тривалиќ, која триесетминутниот монолог на Жизел Пелико го одигра речиси со задушен здив, со тремор што говореше заедно со текстот за жената чија девастација станува епска; интерпретација што се движеше по остриот раб на липотот, но силна, со фантастично задржана емоција, рационална и храбра до последната буква. Наспроти неа, Тихомир Станиќ го одигрува нејзиниот бесчувствителен сопруг Доминик Пелико, кој, симплифицирајќи го и банализирајќи го случајот каде што и другите силувачи се изјаснуваа дека го извршиле делото, но дека „немале намера да го сторат тоа“, одигра лик на човек што, полн со цинизам, своите тивки и долни страсти успеал да ги артикулира во „елегантна“ бестијалност. Овде мораме да ги споменеме и Милена Радуловиќ и Нада Шаргин, кои како наратори на целиот процес на некој начин се и раскажувачи на една несреќа што особено Милена Радуловиќ ја приближува со своето учество во движењето #Me Too во Србија. Учеството на активистите за човекови права, на драматурзите (Небојша Ромчевиќ), театарските режисери (Никита Миливоевиќ) и на личности од јавниот живот што на некој начин влегле во конфликт и клинч со политичката гарнитура ѝ дава една многу интересна димензија на целата претстава, која, пак, од друга страна, говори за екстензивноста на самата фактографија и нејзината универзалност.
„Процесот Пелико“ конечно е претстава што е од огромно значење затоа што е дел од тој „герилски“ „Битеф“, популарно наречен „неБитеф“, кој ќе остане запаметен по многу нешта, фестивал што го пополни оној вакуум што се создаде со неприфаќањето на програмата од страна на одборот на фестивалот и го превенира неговото можно рушење. Ослободена од секоја намислена форма и креирана актуализација, претставата „Процесот Пелико“ е сврзно ткиво на човекот кон неговото рацио, додека „неБитеф“ е сврзно ткиво на „Битеф“ досега, кон „Битеф“ од сега. Претпоставувам дека и двата процеса се многу тешки, но претставата ја напуштивме со голема доза надеж. Можеби ни требаше тешкото и неподносливо отрезнување од информациското искуство, но и малку утопија…

Сашо Огненовски