По турнејата на претставата „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“

Гала-вечер со Сичуанската оперска трупа од покраината Сичуан, Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“ и театарското друштво „Џингџу“ од Пекинг, по повод Кинеската нова година, насловена „Културна Кина · Прекрасниот Сичуан“, се одржа минатата недела во Македонскиот народен театар во Скопје. Настанот се организираше со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија и Министерството за култура и туризам на Македонија, а коорганизатори беа Кинескиот меѓународен центар за културна размена, Македонскиот народен театар и Народниот театар–Битола. Претходно претставата имаше своја изведба во Народниот театар во Битола и презентација на настан во Охрид.
На почеток на претставата, амбасадорката на Кина, Џијанг Сјаојан, ја поздрави публиката и ја потенцираше важноста на пријателството меѓу Кина и Македонија, кое датира од далечното минато, и посочи дека токму преку културата и уметноста тоа пријателство може уште повеќе да се продлабочи. Таа во своето обраќање порача: „Нека светлината на културата го осветли патот на заемното разбирање меѓу цивилизациите, за заеднички да создадеме посветла иднина, каде што различните нации и цивилизации на оваа планета хармонично коегзистираат, секоја цветајќи во својот уникатен сјај“.
Публиката во салата на МНТ уживаше во перформансите (вкупно 12 сценски дела) на кинеските уметници и ги награди со долготраен аплауз. Звуци, движења и боја, фасцинантна изведба на менување маски, раскошни костими, елегантни и енергични изведби… приредија кинеските уметници, кои како изненадување за публиката приредија и инструментална изведба на македонската народна песна „Ој девојче, девојче“… По тој повод разговаравме со неколкумина кинески уметници и членови на кинеската делегација што изминатата недела беа во посета на Македонија.


Ју Каијуан, професор, национален уметник од прва класа

Единствен и уникатен настан на културна размена

Гала-вечерта „Културна Кина – Прекрасниот Сичуан“ донесе богата мешавина од традиционални и современи сценски изрази. Како беше конципирана програмата?
– Како наследник на Националното нематеријално културно наследство на операта, основач на Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“ и претседател на одборот на Образовната група, во Македонија дојдов по покана на Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија со цел да го претставам овој единствен и уникатен настан на културна размена. Во конципирањето и реализацијата на програмата соработувавме со Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“ и тука, специјално за македонската публика, ги донесовме најкласичната и најкинеска есенција и најубавата програма што ги претставува кинеската култура и традиција.
Сичуанската опера е препознатлива по својот визуелен сјај и техниката на менување лица. Колку беше сложена подготовката на оваа претстава?
– Оваа програма вклучува музика, танц и сичуанска опера – која може да се најде само во Кина, а исто така ја претставивме и впечатливата техника на замена на лица. Сакавме на луѓето во Македонија да им ја покажеме суштината на Кина и да им го претставиме најдоброто од Кина и нејзиното богато културно наследство. Низ ваквата културна размена меѓу Кина и Македонија сакаме да го збогатиме пријателството меѓу двете земји. Веруваме дека уметноста нема граници и дека низ ваков вид културна размена заедно можеме да постигнеме поголемо разбирање меѓу двете земји и меѓу двете нации.
Како овој спектакл го зајакнува културното пријателство меѓу Кина и Македонија?
– Нашата цел е токму тоа – да го зајакнеме пријателството меѓу Македонија и Кина. Веруваме дека низ вакви активности можеме да дојдеме до подобро заедничко разбирање и да ја подобриме идната соработка. Нашата програма била изведувана низ светот и секогаш била одлично прифатена. Гледам дека и на луѓето тука во Македонија им се допадна она што го видоа. Тоа можеше да се забележи и по бурните аплаузи и многу ми е мило што можеше да се види дека македонската публика ја вреднува и ја разбира нашата култура.


Баи Џонгхуа, извршен директор

Операта е најдобриот начин на раскажување
приказни во кинеската историја

Делата во програмата се занимаваат со легенди, историја и со духовност. Колку е важно раскажувањето приказни во кинеската сценска традиција?
– Нашата програма е многу „кинеска“, станува збор за традиционална форма на уметност, комбинираме музика, танц, акробатика и борачки вештини во многу уникатна форма на кинеска култура. Кинеската култура се протега илјадници години, а кинеската опера е најдобриот начин на раскажување приказни во кинеската историја.
По настапите низ Европа и учеството на 12. Светски игри во Ченгду минатата година, каде продолжуваат ваквите културни турнеи?
– Кинеската опера покрива многу теми и мотиви. Таа беше претставена на 12. Светски игри во Ченгду, каде што ја демонстриравме убавината на сичуанската опера пред светските спортисти. На церемонијата на отворањето беа изведени перформанси со менување лица како дел од сичуанската опера, претставувајќи ја богатата културна традиција на Кина. Изведувачите носеа разнобојни маски што прикажуваа добро познати ликови од операта, кои ги менуваа од едно на друго лице. Светските игри во Ченгду не се само голем спортски настан туку и платформа за интернационална размена. Верувам дека во иднина ќе имаме уште многу вакви изведби низ светот и дека многу луѓе и нации низ оваа претстава ќе ги разберат подобро кинеската култура и традиција.


Ју Дан, главен планер

Надминување на јазичната бариера преку говорот на телото

Каква улога игра културата како форма на меѓународна комуникација и разбирање меѓу луѓето?
– Во последните 20 години, ние постојано нудиме ваков вид културни перформанси низ Европа. Првото шоу беше во Романија. Од своето романско деби во 2006 година, Сичуанската оперска трупа настапувала низ повеќе земји во Европа: Франција, Швајцарија, Обединетото Кралство, Германија, Италија, Бугарија и Србија. Во 2026 година, во соработка со Струковиот универзитет за уметности „Ченгду“, ја претстави турнејата „Културна Кина · Прекрасен Сичуан“ во Србија и во Македонија. Веруваме дека ваквите перформанси, кои комбинираат повеќе кинески културни елементи, ќе им помогнат на луѓето низ Европа подобро да ја разберат кинеската култура и дека ќе се надмине јазичната бариера само низ говорот и движењето на телото. Низ досегашните гостувања можевме да забележиме дека европската публика може да ги разбере кинеската култура и цивилизација.
Какви се Вашите впечатоци од посетата на Македонија?
– Ваквиот вид уметност се издигнува над јазикот, публиката во Македонија добро го прифати нашиот перформанс, верувам дека ова е добар начин да се зајакне пријателството меѓу двете земји. По оваа претстава се надевам дека луѓето од Македонија, кои ќе имаат шанса да ја посетат Кина, ќе сакаат да дознаат повеќе за кинеската култура. Мене многу ми се допаѓа културата во Македонија и се надевам дека ќе има повеќе вакви шанси за меѓусебно запознавање во иднина.

Автор: Весна Дамчевска
Превод од кинески: Јанг Јанјан