Осумдесет години од постоењето на „Остен“

Активностите на „Остен-биеналето“ – Скопје, кои со голем успех се одвиваа во текот на целата 2024 година, ќе имаат своја завршница утре (6 февруари), во 19 часот, во Националната галерија на Македонија – „Чифте-амам“, со отворањето на официјалната изложба и доделувањето награди и признанија на уметници и соработници на „Остен“. Овој настан е уште позначаен со оглед на фактот што е првиот во низата настани планирани во оваа јубилејна година – 80 години од постоењето на „Остен“.
Симболично, на изложбата ќе изложуваат 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично доаѓаат во Скопје од различни страни на светот за да ги примат наградите. Ќе бидат изложени дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност.
– Подготовката на биеналето започна лани со објавување на меѓународниот повик, на кој се пријавија 273 уметници од 51 земја со 863 дела. Следуваа серија самостојни и групни изложби на пријавените уметници, меѓу кои и изложбата „Тркало на времето“ на извонредниот италијански уметник Марко Бањоли во „Чифте-амам“ во соработка со „Зеринтија“ – асоцијација за современа уметност од Рим, а со поддршка на Италијанскиот институт за култура и италијанската амбасада Скопје. Тоа беше соодветна најава на одлуката на Советот на „Остен“ за земја во фокус лани да биде Италија. Во мај во Скопје му беше врачена официјалната награда гран при за животно остварување на еден од најголемите уметници на денешницата, Микеланџело Пистолето. Според желбата на Пистолето да биде мотив за поврзување и обединување на луѓето и институциите во регионот, чинот на врачување се одржа во Музејот на современата уметност во Белград, како дел од програмата за неговата самостојна изложба „Превентивен мир“ – вели Корнелија Конеска, извршна директорка на „Остен“, која и му ја врачи официјалната награда гран при – скулптура од Петар Хаџи Бошков на Пистолето во Белград.
Настанот беше организиран во соработка со Музејот на современата уметност на Белград, Србија, „Зеринтија“ и со Марио Перони.
Во јуни започна официјалната програма на „Остен-биеналето“ со самостојната изложба на самоукиот надреалист и голем македонски сликар Вангел Наумовски. Беа претставени слики, цртежи и графики (од колекцијата на „Остен“). Беше формирано меѓународно жири, за чиј претседател беше избран Бруно Кора, Италија (претседател), истакната личност во светот на уметноста, познат по својот придонес како критичар, автор и едукатор уште од 1960-тите, куратор на многубројни уметнички биеналиња и изложби, вклучувајќи и на Алберто Бури, Ив Клајн, Лусио Фонтана, Микеланџело Пистолето и многу други. Во комисијата беше Пик Кеобандит од Белгија, основач и директор на организацијата „Инспиративна култура“ – организација за уметност и културна дипломатија, како и главен уредник на списанието „Таргет глобал“. Заедно со него во жирито беше и Маја Колариќ од Србија, историчарка на уметноста и кураторка, директорка на Музејот на современата уметност во Белград. Од неколкудневните активности на меѓународното жири произлегоа наградите.

Покрај наградените од Советот на амбасадори на „Остен“, Микеланџело Пистолето и Вангел Наумовски, во соработка со Светската асоцијација на визуелни уметности (САВУ) традиционално се доделени наградите: „Уметник на светот“ на Киро Урдин од Македонија, „Рембрант“ за извонредност во уметноста на Жан Богосиан од Белгија, „Балкански уметник“ на Данчо Ордев од Македонија. Меѓународното жири му доделува прва награда за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија на Павол Трубен од Словачка, прва награда за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија; прва награда за фотографија, видео, мултимедија на Филип Јовески од Македонија. Посебни награди од жири им се доделени на Сунгчан Ким од Ј. Кореја, Никола Марковиќ од Србија, Мари Тераучи од Германија, а посебни признанија од жирито на Аница Китаноска од Италија, Бруно Павиќ од Хрватска, Тодорис Трампас од Грција.
Советот на „Остен“ им доделува: „златен остен“ на Стивен Балог од Унгарија / САД, Анка Боериу од Романија, Пантелис Цацис од Грција, Лиа Лапити од Кипар, Јана Луловска од Македонија, награда „остен“ на Татиана Ан од Холандија, Џон Антони од Хрватска, Арлета Чехиќ од Босна и Херцеговина, Филип Лебланк од Белгија, Јудит Штурм од Германија / Шпанија. Наградата за индивидуално претставување оди кај Лисет Солорзано од Куба, за групно претставување за групата БАФ од Грција, а за национално претставување е избрана Италија.
– Амбасадорите на „Остен“ се уметници и професионалци во уметноста со кои споделуваме иста мисија, кои ја препознаваат нашата улога на современата сцена на визуелните уметности и кои нѐ поддржуваат во реализацијата на целите. По повод 80-годишнината од своето постоење, го назначуваме за амбасадор Бруно Кора (р. 1942) од Италија, истакната личност во светот на уметноста, познат по својот придонес како критичар, автор и едукатор уште од 1960-тите, куратор на голем број уметнички биеналиња и изложби, вклучувајќи на Алберто Бури, Ив Клајн, Лусио Фонтана, Микеланџело Пистолето, Јанис Кунелис, Јозеф Бојс… Потоа тука е Ларс Керулф Мулер (р. 1950) од Данска, историчар на уметноста, поранешен директор на „Борнхолм“ – Музејот за современа уметност, член на Управниот одбор за воспоставување на Националната галерија на Гринланд, за своите заслуги одликуван од кралицата на Данска, како и Оксана Жудина Бого (р. 1971) од Италија, претседателка и основач на OKСA-проекти – Европска асоцијација за интеракција и соработка во образованието, културата и спортот, потпретседателка на меѓународната фондација „Пушкин“, амбасадорка за култура и дипломатија на Дипломатскиот светски институт. Самото постоење на една ваква манифестација, која се потпира врз 80-годишна традиција, само по себе е успех, зашто стандардите се високо подигнати и одржувањето на нивото на манифестацијата е предизвик. Но тимот континуирано го подига реномето на Биеналето преку негување на со години воспоставениот организациски модел и негово постојано усовршување, комуникација со врвни професионалци во уметноста врз чие знаење и експертиза се базира системот на награди со кој им оддаваме признание, ги мотивираме и поддржуваме уметниците, градење постојана и современа комуникација со нашите најважни соработници – уметниците и заедно со сите нив стануваме дел од процесот на создавање трајни уметнички вредности како основа на светското движно културно наследство – вели Конеска.