Театарската претстава „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир, во режија на Викторија Шевченко, а во изведба на киевскиот академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина, е првата претстава одиграна во рамките на драмската програма на годинешното 62. издание на фестивалот „Охридско лето“. Две и полчасовната претстава се игра во предворјето на црквата „Света Софија“. Дел од актерската екипа најави дека „Кротењето на опаката“ е, всушност, современо читање на Шекспир, кое, како што рекоа, никого нема да го остави рамнодушен.
– Среќен сум заради улогата во претставата и што можам да ја отелотворам на сцената. Самата претстава е несекојдневна, специфична. Режисерката има сменето буквално сѐ, има специфичен пристап кон шминката, костимите… и имаше храброст да промени дел од текстовите на Шекспир. Шекспир малку го скративме, малку го препишавме и додадовме нешто наше, но сметам дека ќе им се допадне на сите гледачи. Современото читање на Шекспир нема да остави никого настрана – рече актерот Владислав Красиков, кој ја игра улогата на Петручио.
Целото дејство во претставата се одвива околу младата Украинка Маргарита Овчарова, која ја толкува улогата на Кетрин, млада и богата девојка за која се водат напори да биде скротена.
– Ќе прикажеме современа интерпретација на Шекспир, што ќе биде мошне интересно за публиката. Самиот процес на реализација на оваа театарска претстава беше многу интересен – рече Овчарова.
Виталиј Томњук, раководител на Одделот за култура, националности и религија на градскиот совет на градот Буча, потенцира дека денешната трагедија во Украина не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор и го уништува културното наследство, туку, како што кажа, им ги одзема и животите на многу цивили, меѓу кои и на професионалните уметници.
– Секој го брани својот фронт, воен, волонтерски. Секој има свое оружје. А за нас тоа оружје е културно и уметничко. Украинските музички групи, пејачи, театарски колективи низ светот одржуваат хуманитарни концерти за поддршка на вооружените сили на Украина и на жртвите од војната. Во оваа војна веќе не може да се поставува прашање дали има место за културата. Бидејќи оваа војна е токму борба за нашата украинска култура – рече Томњук.
Како што најави селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Сања Арсовска, со театарската претстава „Кратењето на опаката“ започнува интернационалната драмска програма на фестивалот.
– Се радувам што украинските актери наместо со звуците на аларм за тревога, на проектили и истрели, ќе играат и ќе се чувствуваат безбедно токму на сцената на фестивалот – истакна селекторката Арсовска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, подвлече дека годинешното фестивалско издание е на половина од својата реализација.
– Фестивалските вечери изминативе 20 дена минуваат со квалитетна програма и полни гледалишта. За повеќето настани се бара и карта повеќе, што за нас е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет и содржини привлечни и атрактивни за пошироката публика. Остануваат уште 20 фестивалски вечери во кои ќе понудиме квалитетна програма и вечери за паметење. Оттука, со право можам да најавам дека „Охридско лето“ и со ова 62. издание ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите – рече директорката Поповиќ.
Театарската претстава „Кротењето на опаката“ се игра на „Охридско лето“ со поддршка на Амбасадата на Украина во Македонија, како содржина во рамките на традиционалната Украинска вечер на фестивалот. Киевскиот академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина е најголемиот и најстар театар во регионот на Киев, основан уште во далечната 1934 година.