Талентот што го поседува Ридли Скот секако е неоспорен, но се чини гладот за „оскарот“ не пресушил. Од неговиот богат опус може да ги наведеме криминалистичката мелодрама „Телма и Луиз“, која наиде на интерес, воената драма „Паднатиот црн јастреб“, собирајќи извонредна актерска екипа, и препознатливата научна фантастика „Блејдранер“. Eнтузијастичкиот порив ниту одблизу не запира тука, туку напротив, а тоа се потврди минатата година, кога го оживеа ликот во истоимениот филм за Наполеон, а по долго чекање од две децении откако го создаде фамозниот „Гладијатор“, со сличен интензитет јуриша кон второто продолжение, а нам не ни останува ништо друго освен да му посакаме неговата замисла да стане реалност, освојувајќи златна статуетка на претстојните доделувања.
Филмот започнува со интересен пролог со ретроспективната борба на Максимус во арената и потоа на специфичен начин низ шаренолика анимациска претстава нѐ вовлекува во приказната. Шеснаесет години по смртта на Марко Аврелиј, настаните во Рим заземаат неочекуван тек, со Римската Империја раководат инфантилно нарцисоидните природи на фарисејските браќа, кои не умеат да ја спречат епидемиската навала од корупциско-хазардските игри. Следната цел на новооформената армија на Рим е Нумидија, последниот африкански бастион на слободата, за набрзо да биде покорен од страна на остроумниот Акациј, кој го толкува чилеанскиот бонвиван Педро Паскал и е едно од најпријатните изненадувања во филмот. Се надеваме дека тоа е име што почесто ќе го слушаме во иднина и дека му претстои блескава кариера доколку продолжи да работи со ист интензитет. Главната улога му е доделена на Пол Паскал како Хано, за кого не сум баш сигурен дека е најдобриот избор на Ридли Скот, за разлика од претходниот брилијантен перформанс на маркантниот Расел Кроу. Сепак, за ваков профилен карактер недостига и харизма.
Потврденото актерско име со сигурност е Дензел Вашингтон. Ја паметиме неговата трансформациска моќ, во улогата на корумпиран полицаец („Тренерски ден“), на политички лидер („Малколм Икс“), пилот („Лет“) или боксерски ас („Ураган“) – за него нема никаква пречка за конкретната цел. Овде е во улогата на безмилосниот садистички деспот Микриниус, кој безмилосно гази секого пред себе што ќе се обиде да му го попречи патот при замислената цел за да го освои римскиот трон. Честа на Рим но и на „Гладијатор“ успешно ја брани раскошната нордиска убавица Кони Нилсен, единствената глумица што настапуваше и во претходниот дел, овде е во улогата на мајката Лусила на Хано, која му ја разоткрива долго чуваната тајна за неговото вистинско име Лусил, кој е син и на Максимус.
Секако тоа ги разгорува сомнежите кај него и е во недоверба, но на доказниот прстен од мајка му, која му го подарува, е впишано името на татко му, што ги растргнува облаците на сомнежот, па потоа осоколен крои план да го врати Римското Царство на патеките на достоинството и честа. Прстенот стигнува до рацете на генералот Акациј, кој ја повикува храбрата воена коњаница да се појави. Тој се наоѓа зад портите на заткулисните игри на непотистичкиот Рим, но не успева да се оттргне од корупката на кодошката уста, при што ќе биде деградиран од високиот војнички чин и еполетите, а тоа носи консеквенции што го втурнуваат во жесток гладијаторски дуел со Хано. Не сакајќи да подлегне на суетните акробации, на подмолен начин го губи животот.
Прецизното зумирање на крупните планови од лицето на Акациј при умирањето се слични на оние од епскиот спектакл „Бен Хур“, кога Масала (Стивен Бојд) иако е на смртната постела, го признава заговорот воден против него и го почитува пријателството со неговиот некогашен пријател од детството Бен (Чарлтон Хестон). Едниот од пакосните браќа постојано со себе на рамо носи мајмун и во патолошки размери има поголема доверба во него отколку во човек, па затоа прави преседан кога го устoличува мајмунот на високата позиција. Дали алегоријата на мајмунот е рефлексија за неговата малициозност или нешто друго, на ова прашање веројатно може да ни одговори само режисерскиот аристократ од Лондон, Ридли Скот.
Кога би сумирале сѐ, до каков заклучок можеме да дојдеме за мегаспектаклот „Гладијатор“? Дали Ридли Скот го направил вистинскиот избор при селекцијата за главната ролја да му ја додели на анонимниот Пол Мескал, Кони Нилсен (Лусила) солидно го доловува својот изборен профил, додека Педро Паскал е генералот Акациј и е најсолидното име во филмскиот избор, но затоа пак, Дензел Вашингтон брилијантно се снаоѓа во улогата на негативецот Макрициус. Вреди да се спомене дека се непотребни импровизираните сцени на морето во арената, кое е преполно со ајкули, при борбената пресметка на двете спротиставени регати, како и Марвеловите грандиозни крволочни кучиња во песочната арена, кои ја нарушуваат пријатната атмосфера. Кога би оттргнале некои од овие аномалии, филмот можеби би имал посериозна гледачка понуда, но со оглед на тоа што деновиве ја прочитав веста од еминентниот филмски магазин „Сајт енд саунд“, Ридли Скот во иднина има уште шест замислени проекти, па и не би нѐ изненадило и нешто подобро, бидејќи очигледно има уште многу нешта недокажани.