Сензибилниот лелек на патриотизмот

Во денешниот број одлучив да проглаголам за возбудливиот политички трилер „Гараж Олимпо“ (1999) на Марко Бекис, во кој пронаоѓам слични аналогии со бразилскиот „Сѐ уште сум тука“ (2025), на кој се осврнав неодамна.
Антонела Коста (Марија) е милитантна активистка што се бори против диктаторскиот режим во Аргентина. Таа својот џепарлак го заработува на чесен начин учејќи сиромашни лица како се чита и пишува, а живее со својата мајка Дијана (Доминик Санда), која изнајмува соби од нивната куќа.
Станува збор за некогашната убавица што во почетокот на 1980-тите кршеше срца, а една од најзначајните улоги ѝ е во љубовната мелодрама „Прва љубов“ (1970), која е дебитантска режија на Максимилијан Шел, кој се потпишува и во главната улога.
Еден од нивните потстанари е Феликс (Карлос Ечеверија), кој полека но сигурно почнува да пројавува првични импулси кон срцето на Марија, но и покрај евидентниот талент, не го видовме понатаму во позначајно остварување.
Едно утро, државната воена полиција ја киднапира Марија пред очите на мајка ѐ и ја носи во „Гараж Олимпо“, една од најозлогласените подземни затворски ќелии во Буенос Аирес, додека надвор животот навидум тече по нормален тек.
Сцената што следуваше е многу разочарувачка, затоа што сме сведоци на безмилосниот џелатски манифест од страна на Тигре (Енрико Пинејро), кој му наредува на Феникс да ја преземе одговорноста за младата затвореничка.
Тогаш на виделина изнурнува неговиот хиенски нерв на љубоморна суета, бидејќи токму тој ја предаде Марија.
Од друга страна, приватниот живот на Пинејро е преполн со изненадувања, првенствено мислам на неговата маестрална техника за пилотирање, а освен актерскиот талент, кој извонредно диригира, пројавува интерес и кон режисерското столче, па затоа не без причина во земјата на гаучосите е наречен аргентински Мајкл Мур.

Најреномираното име од целиот кастинг е Ана (Кјара Кастели), која ја игра пријателката на ќерката од генералот Тигре. Се прашувам и миговно одговарам зошто токму Кјара не е носителка на главната улога, туку е споредна, со оглед на тоа што е најискусна, со многу богата филмска историја. Веројатно сензибилниот лик со кадифено лице и нежни очи од Антонела Коста не беше само потврдна легитимација за главната ролја туку уште посигурен излез од портите на анонимноста, кој би ја вивнал кон актерското соѕвездие.
Неодамна го гледав прекрасниот омнибус „Над облаците“ (1995), во режија на генијалниот двоец Вендерс и Антониони, каде што филмската екипа е на завидно ниво кога имате ѕвезди од типот како галската ведета Ирен Жакоб („Три бои црвено“), Џон Малкович („Опасни врски“, „Во линија на огнот“), Жан Рено („Големото синило“), француската дива Фани Ардан и незаменливиот латински љубовник Марчело Мастројани, а ќе ја додадеме и Кјара Кастели, која уште тогаш веќе имаше солиден филмски багаж зад себе.
За да биде приказната повозбудлива, со своето наивно лице не може да влее сомнеж покрај крутата стража, која будно патролира пред вратите на Тигре, а токму таа е експерт за поставување експлозиви.
Горните ракурси како да сакаат да нѐ сепнат во замката на ноктурната полетност, без притоа да ја селектираат автентичната визура на внатрешната голгота на „Гараж Олимпо“ од аргентинската престолнина, каде што Марија секојдневно е под капата на голготата. И покрај галонските волтажи на нехуманост, кои го распекуваат нејзиното тело до бесознание, таа не потпаѓа под фарисејското ехо од режимската камарада и стоички не изустува ни збор за сопартиските пријатели. Иако нејзиното нежно лице не добива трансформациски дисбаланс, срцевите артерии пулсираат во зајачки ритам.
Во меѓувреме напливот на еротски порив на Феликс кон Марија сѐ повеќе се зголемува и тие започнуваат тајна врска. Неговиот колега на подмолен начин ја конфискува куќата од Марија и мајката, па затоа Феликс го губи местото за престој и станува „цимер“ со неа.
Траорната атмосфера од пеколните ќелии, каде што се слуша секојдневниот лелек на страдалниците, прекрасно ја стилизира мизансцената на меѓусебниот разговор меѓу Марија и Феликс, во кој како да сме во дослух со сликарскиот валер на Караваџо. Иако можеби наложената тортура го претставува Феликс во темно светло, кај него извираат плодовите на либерална сплотеност кога ја носи Марија на прошетка низ центарот на Буенос Аирес. Тие се однесуваат како љубовна двојка, а Марија му возвраќа со интимна прегратка, која и таа ја чувствува за него.Но, при самата помисла дека треба да се врати на монотоното лудило на ништожност ја излудува и прави обид за бегство. Милитантниот дух на истренираниот Феликс ја фаќа Марија и ја враќа во затемнетите ќелии, но на влезот ги пречекува полн камион со левичарски патриоти што треба да се префрлат во „нов“ затвор.
Всушност судбината е многу постраотна, а со автентичниот приказ на маестралниот бинокулар од Марко Бекис ве полазуваат морници.
Следува прекрасната патриотска песна „Маршот на Аргентина“, а од авионот што лета над водните пространства се отвора една голема врата и низ, покрај голем број патриотски херои, жива е фрлена во морето и храбрата Марија, која стана дел од аргентинската историја.
Инаку, би сакал да кажам дека на филмскиот фестивал во Солун, на кој присуствував, успеав да стигнам до маестро Бекис и главната актерка Антонела Коста и да им честитам за постигнатиот успех и освоената награда Сребрен Александар, чие дело заслужено ја освои солунската публика.

Александар Василевски