Сентиментот на носталгичното ехо

РЕЦЕНЗИЈА

Имам делумно познавање за бразилската и мексиканската, а нешто повеќе за аргентинската, но не и за перуанската кинематографија.
Но, добро, како и да е, ја запознавме Клаудија Рајнике, солидно режисерско име, со одличниот филм „Кралици“ (2024), кој пожнеа значаен успех на филмските фестивали.
Да започнеме со ред.
На фестивалот во Берлин беше наградена од жирито и публиката за најдобар филм, сличен рецепт покажа и во Швајцарија, а бурните овации не изостанаа ниту во Локарно и Санденс, кој го отвори фестивалот чиј основач е Роберт Редфорд. Зад талентот на Рајнике стои солиден багаж на едукација: Факултет за антропологија и визуелни уметности на Флорида и мастер студии по социологија во Лозана.
По воведот, може да се префрлиме на сижејната тематика.
Дејството е сместено во Перу, во раните 1990-ти, кога владеат хиперинфлација, безработица, зачестени емиграции, но и милитаристички пресметки меѓу десничарските власти против комунистите. Автентично е доловен социјалниот амбиент од тогашното време во дослух со Хоперовата кореографија, која претходно ја практикуваа режисерски имиња како Вендерс, Џармуш, Сорентино.
Самохраната мајка Елена (Химена Линдо) доаѓа од привилегирани друштвени кругови и е во исчекување на ново работно место во Минесота. За да ја постигне таа цел, потребен ѝ е потпис од разведениот сопруг кај нотар за добие американска виза. Таткото Карлос одеднаш се појавува на роденденот на ќерка си, без претходна најава.
Слични асоцијации пронаоѓам со рускиот филм „Враќање“ (2003) на Андреј Звјагинцев, каде што таму е таткото со синовите, а овде со ќерките, кои сака да ги прошета по песочните дини на плажата. Тој изигрува грижлив татко пред ќерките и во моментот кога сака да се поздрави со една од нив, таа ладно го отфрла правејќи фаца на збунетост како стрелка од маус кога се рестартира компјутерот.
Кога би имало медали за патолошко (Минхаузен) лажење, без сомнение Карлос ќе ги собере највисоките. Зашто кога би изнуркал срамот низ пајажината на семејните табуа, тогаш некој би морал да плати за престапот. Самата негова интерпретација на безличен анемичен физикус без емоции сигурно е режисерска утка и најбледо издание од целиот филмскиот кастинг.


Затоа честа на филмот ја одбрануваат двете сестри како натуршчици: тинејџерката Аурора (Луана Вега) и помладата Луција (Абрил Џуринович), кои прикажуваат потенцијал на созреани актерки. Нивните нежни срца за родителска љубов клокотат во ритамот на часовниот соларник, кој се ближи при крај, но, за жал, на себичната мајка сѐ ѝ е поважно од ќерките.
Требаше да дојде полицискиот час за Луција, која гледа со идолопоклонство кон сестра си, и Аурора наивно да тргнат во одисеја по татко им, кој ги излажа дека живее блиску до нив во луксузен апартман со џакузи. За жал, тие паѓаат во мрежите на корумпираната полиција и во тие моменти проработува мајчинскиот аларм, кој ги вади од маргините на амбисот.
Аурора ја влече патриотскиот повик на либерализам за Перу, вклучувајќи го и нејзиното момче со веселото друштво. На слатката Луција очите ѝ играат во главата, но и сентиментот на фантазмите за скорашната поврзаност со татко ѝ.
Дали ангелот на надежта ќе ги соедини повторно во семејство како што беа некогаш во најубавите времиња и повторно ќе одекнат фанфарите на радоста?
Конечно, Карлос го става парафот пред нотарот и Елена ја добива посакуваната американска виза.
Потоа настанува неочекуван пресврт; сумирајќи ги настаните, Елена како да е маѓепсана со волшебно стапче изјавува дека не сака да ја напушти Лима и предлага да одат на заеднички ручек. Tие тргнуваат со колата и Карлос повторно ги подотвора вратите на заблудата влегувајќи во небулозна психоза пред ќерките и Елена. Тој раскажува дека на тајно место има сокриено грне со многу пари, кое го чуваат гаврани, а само тој го знае нивниот јазик како знак на сигурност. Елена клима со главата со потврдна афирмација како учениче, а крупниот план е насочен кон сестринското обединување на љубовта со стисок на дланките.
Кога би направиле критична класификација, тоа би изгледало вака:
Химена Линдо (Елена) нема конструктивна психологија за ликот, со исклучок во сцената кога оди во потрага по своите ќерки.

Тинејџерската сензација од Лима, Луана Вега (Аурора), ја одигра секоја сцена речиси до перфекција, а зенитот го постигна при расправијата со сестра си Луција (Абри Џуринович). Иако е релативно мала, навестува охрабрувачки талент за посветла иднина.
И доаѓаме до најголемото промашување во актерскиот кастинг.
Таткото Карлос нема никаква харизматичност ниту допадливост туку, напротив, одбивност. Но можеби тоа е и целта на режисерката, па да не бидеме толку критични во ставовите.
Колку за споредба, во завршната сцена на брилијантната комедија „Били лажгото“ на Џон Шлезингер, со Том Кртни и неодоливата Џули Кристи, таа нетрпеливо го чека, но тој не се појавува во возот. По одминувањето на вагонот го гледаме Били како втопен во сопствените лаги салутира небаре е генерал на вод што го крши срцето на Лиз (Џули Кристи).
Оваа компарација ја направив бидејќи кога го гледате Карлос имате чувство како да стоите пред празно музејско платно, а Били има некој симулакрум на симпатичност.
Секако, тоа е разликата на бисерниот сјај меѓу Шлезингер и Рајнике, која има уште многу да учи и докажува доколку сака да се приближи до успехот на Шлезингер.

Александар Василевски