Македонија во делата на странските сликари е чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции во перфектна хармонија. Тоа искуство било фасцинантно и невидено за западните сликари, вели авторот на „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“
Влатко Милошевски, основач и автор на „Арт-лексикон“
Влатко Милошевски, по професија инженер по електротехника, кој живее во Холандија, е автор на извонредниот лексикон на странски сликари што биле инспирирани во творештвото од престојот во Македонија. Ова несекојдневно истражување од веб-страница прерасна во книга, која беше промовирана на 1 август во Охрид. Во „Лексиконот на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 година“ се застапени над 250 сликари и над 500 фотографии.
Лексиконот на странски сликари во Македонија, кој излезе и во печатена форма, почна како онлајн проект, еден од највпечатливите што се појавиле во дигиталниот простор во последно време. Кажете ни нешто повеќе за идејата и како дојде до нејзина реализација?
– Кога се појави ковид-кризата, решив да го објавам целиот материјал што го собирав во минатите петнаесетина години на веб-страницата www.artlexicon.mk. Реакцијата од посетителите беше спектакуларна. Ме побараа Македонци од целиот свет. Особено трогателна беше пораката од еден Македонец во Авганистан, кој секоја вечер ја читал страницата, која го „телепортирала“ дома. Ме побараа и Грци, Бугари, Срби, Турци, кои нудеа помош и споделуваа нови информации за сликарите што ја посетиле Македонија. Уметноста е мост што ги зближува луѓето од регионот Македонија. Ме побараа Британци, Американци, Французи, Германци, Австријци, чиј дедо се борел или ги оставил коските на Македонскиот фронт во Првата светска војна. Веб-страницата е посетена од околу 150.000 читатели годишно, што на некој начин го прави Лексиконот да биде најпосетена виртуелна ликовна изложба во историјата на Македонија. Потоа ја отворив страницата на Лексиконот на Фејсбук, со поинаков концепт. Секој викенд објавувам кратки приказни со кои се претставува некој од сликарите, како и македонските дела на тој сликар. Одзивот беше уште посилен. Очигледно јавноста е жедна за ваква содржина. Во 2021 г., овие фејсбук-приказни беа прочитани од околу 250.000 посетители. Добивам пораки од читателите дека за нив веќе станал ритуал саботното или неделното утро да го почнат со кафе и приказна од Лексиконот. Овој масовен интерес ме поттикна да го објавам Лексиконот и во печатена форма. Тука огромна улога одигра еден мал и високомотивиран тим на доброволци: новинарот Зоран Андонов, кој го презеде главниот товар во средувањето на текстовите и фотографиите и кој се вклучи во истражувањето и прерасна во коавтор, потоа лекторките Зора Бушовска (англиски јазик) и Весна Костовска (македонски јазик), како и Небојша Гелевски и неговото дизајн-студио „Кома“.
Книгата, која беше промовирана на 1 август во Охрид, прегледно и систематично ги претставува сите странски визуелни уметници што во периодот 1850-1950 година создале дела на територијата на Македонија. Тешко ли беше да се соберат сите овие податоци?
– Во минативе петнаесетина години, речиси секој ден посветував околу пет часа во пребарување на музејските архиви на музеите во Лондон, Париз, Вашингтон, Виена, Берлин, Будимпешта, Белград, Загреб, Софија итн. Една проста математика покажува дека во Лексиконот се вложени повеќе од 20.000 часа работа. За многу сликари во Лексиконот некогаш се потребни години да поминат да се дојде во контакт со вистинскиот човек, или да се појави вистинската книга или референца што ја содржи бараната информација. Резултатот е повеќе од импресивен. „Лексиконот на странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“ содржи информации за над 250 сликари и над 500 фотографии од нивните македонски дела. Книгата е напишана на македонски и англиски јазик и е испечатена на висококвалитетна хартија, со тврд повез. Тоа ја прави идеален подарок за нашите странски пријатели и многу оригинален културен, историски и туристички промотор на Македонија.
Вие сте страстен љубител на уметноста, повеќе од петнаесет години истрајно и внимателно го собирате знаењето во овој многу специфичен дел од историјата на уметноста. Што ќе можеме да видиме од вашата колекција на изложбата во Охрид?
– Во Охрид ќе бидат претставени околу педесет дела од мојата приватна колекција, која има над 200 дела. Меѓу нив ќе бидат три дела на чешкиот етнолог и сликар Лудвик Куба (1863 – 1956). Потоа тука се можеби последните преживеани седум цртежи од германскиот сликар Хајнрих Рихтер-Берлин (1884 – 1981), направени во Скопје, во 1917 година. Овој сликар пред Големата војна работи заедно со Пабло Пикасо и Жорж Брак во Париз, а во 1939 година во Берлин речиси сите негови дела се изгорени од нацистите, кои ја забраниле модерната уметност. Потоа ќе бидат претставени исто така можеби последните шест преживеани дела на германскиот сликарот Ернст Рихард Дитце (1880 – 1961), исто така направени во Скопје, околу 1916/1917. И овој сликар има бурна биoграфија, неговото студио е уништено за време на бомбардирањето на Дрезден, на 15 февруари 1945 г. Тука се и тринаесетина графики на францускиот сликар Алмери Лобел-Рише (1880 – 1950), кој бил дедо на поранешниот француски амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние. Секое дело на изложбата е еден вид културно-историски артефакт на Македонија од тоа време.
Лексиконот не е интересен само за заинтересираните за историја на уметност, затоа што приказните се напишани така што го предизвикуваат љубопитство дури и на некој што е комплетно „неедуциран“ за оваа проблематика. Како ви успеа тоа?
– Во приказните, на еден „денбрауновски“ начин, историите на уметничките дела се шират индиректно, заплеткувајќи се во многу важни историски, општествени, уметнички и политички контексти. Некои од нив имаат карактер на трилер или аура на фантастичност околу нив, но во целост се базирани на веродостојни податоци и исцрпни истражувања. Фејсбук-нацијата има краток распон на внимание. На Фејсбук мора да го зграпчите вниманието на читателот со првите зборови од приказната и да бидете концизен. Потребно е да се најде вистинската мешавина на историја, уметност и лична драма за да се предизвика посакуваниот ефект: пријатно изненадување, љубопитност и гордост кон нашиот ликовен аманет.
Кои дела или приказни поврзани со нив би ги издвоиле како најинтересни?
– Тоа е исто како де ме прашате кое е вашето најомилено дете во семејството. Секоја приказна е едно мое кратко љубовно писмо до Македонија од периодот 1850-1950. Во некои од нив е вткаена мојата меланхолија за мојот роден град Скопје, на пример приказните за првата железничка станица, земјотресот, Шаховската олимпијада, почетоците на модерната. Во други приказни се откриваат не многу познати информации за Првата светска војна и македонскиот фронт. Некои приказни одат подлабоко во времето на отоманска Македонија, примамлива за странските авантуристи и патеписци. Во секоја приказна, главниот лик е сликарот што нѐ посетил и што ја доживеал Македонија како уметничка муза и инспирација.
Како е претставена Македонија во делата на странските автори, може ли да се изведе некаква општа слика?
– Македонија во делата на странските сликари е една чудесна и непозната земја, во која се измешале јазици, вери и традиции во една перфектна хармонија. Земја во која луѓето на улица, по пазарите, пред црквите или џамиите во муабетот префрлале од македонски на турски, па на влашки или албански јазик. Секој се разбирал со секого. Секој живеел со секого, заедно. Тоа искуство било фасцинантно и невидено за западните сликари, и овие теми на секојдневен живот доминираат во нивните дела.
Поседувате и богата сопствена колекција на уметнички дела. Што е највредното во неа и како успевате да дојдете до овие вредни парчиња уметност?
– Сите дела се купени пo светските аукционерски куќи низ целиот свет. Воопшто не е лесно да се победи во наддавањето. На пример, за едно македонско дело на некој француски сликар постои интерес и од локалната француска публика и од музеите каде што тој сликар е застапен и од грчките или бугарските колекционери, кои исто така собираат уметнички дела поврзани со Македонија. Цената е исто така многу значаен фактор. Кога цената на некоја слика ќе ја надмине границата што можам да си ја дозволам, со голема тага го гледам делото како оди во непознат правец. Секое дело го поврзувам во мислите со животните приказни на сликарот или со историските настани околу тој сликар. На пример, многу е впечатлива и тажна приказната за германскиот сликар Густав Вундервалд (1882 – 1945), кој вил војник во Скопје и во Велес за време на Првата светска војна, Од него имам едно масло на платно што претставува пејзаж на Велес во 1916 година. Густав Вундервалд е таткото на стилот нов објективизам, кој доминирал во Германија во 1920-тите години, за да биде целосно забранет од нацистите. Во време на нацизмот, Вундервалд е целосно заборавен и се бори за живот цртајќи реклами, за да загине во Берлин во првите денови на крајот на Втората светска војна, од пиење затруена вода. Исто така имам емотивна врска со цртежот со туш на хартија направен во 1848 г. од британскиот ексцентрик, сликар, писател и музичар Едвард Лир (1812 – 1888), која го прикажува пристигнувањето на уметникот во Охрид, од правец на Велгошти. Овој сликар има култен статус во Британското акварелно сликарство од 19 век. Би вило прекрасно доколку целата моја колекција се донесе дома, во Македонија, и биде перманентно отворена за јавноста. Како прв чекор кон остварувањето на оваа желба, првите педесетина дела од колекцијата ѝ се претставени на македонската јавност од 1 до 5 август, во куќата Уранија/МАНУ во Охрид.