Потсетуваме дека седмиот Конкурс за краток расказ „Бибер“ е во тек. Кратки раскази можат да испратат авторки и автори што пишуваат на албански, македонски, босански, црногорски, хрватски или на српски јазик.
Темите на седмиот конкурс се проширени, па авторките и авторите можат да изберат на која тема ќе одговорат.
– Не се откажуваме од традиционалните теми на конкурсот „Бибер“: покрај раскази што го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Седмиот конкурс го посветуваме на студентките и студентите во Србија, кои во изминатата година ни одржаа безброј лекции за ненасилна борба, солидарност, заедништво, поддршка, љубов, волја, храброст, емпатија, помирување, почитување и други важни општествени вредности. Длабоко го цениме она што студентите го направија и започнаа, па затоа овој конкурс отвора простор и за раскази за нив и нивната борба за правда, слобода и еднаквост – велат организаторите.
Конкурсот е отворен до 24.5.2026 година. Изборот на пристигнатите раскази ќе го направи жирито во состав: Данијела Репман, Лејла Каламујиќ и Жељко Белиниќ. Најмалку дваесет избрани труда ќе бидат објавени во повеќејазична збирка. Конкурсот го организира тимот на „Бибер“ на Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.