Во чест и сеќавање на поетот Игор Исаковски, човекот што ја означи генерацијата современи македонски писатели и ги креираше ритамот и духот на времето во кое твореше, во „Лабораториум“ се одржа поетско читање наречено „Ти пишувам од сржта на тишината“.
– На десетгодишнината од неговото физичко заминување се собираме за да ги славиме поетот и неговите стихови. Животот е краток, но уметноста е бескрајна. На Игор животот сосема добро му прилегаше, но бесмртноста му прилега уште подобро – велат организаторите на настанот.
На настанот читаа: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Александра Димитрова, Елизабета Шелева, Сузана Спасовска, Валентина Бактијаревиќ, Џабир Дерала, Ана Голејшка Џикова, Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Ива Петреска, Бранислав Николов, Илинка Делчева, Ѓоко Здравески, Владимир Мартиновски, Марко Кочишки, Биљана Стојановска, Славица Диневска, Тони Димков, Павлина Атанасова, Елизабета Баковска, Љупчо Јолевски, Ненад Стевовиќ, Долорес Атанасова-Лори, Ана Зафирова…
Игор Исаковски (1970 – 2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Основач е на културната установа „Блесок“. Објавени книги: „Писма“ (роман, 1991), „Црно сонце“ (поезија, 1992), „Експлозии, трудна месечина, ерупции…“ (раскази, 1993), „Вулкан – Земја“ (поезија, 1995), „Небо“ (поезија, 1996, 2000), „Гравири – Блуз говорница“ (многу куси текстови, 2001), „Песочен часовник“ (раскази, 2002), „Длабоко во дупката“ (поезија, 2004), „Пливање во прашина“ (роман, 2005), „Стажирајќи за светец“ (поезија, 2008), „Ноќта е најтемна пред разденување“ (поезија, 2009), „Вулкан – Земја – Небо“ (поезија, 2010), „Љубовна“ (поезија, 2011), „Смртта има коса од морска трева“ (поезија, 2013), „Дека да“ (поезија, 2015). Уредил четири антологии, најновата е „Шест македонски поети“, објавена во Велика Британија, 2011. Преведуваше поезија, проза и есеи од (и на) македонски, англиски, српскохрватски-босански-црногорски и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски се објавени 60 книги. Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји.