Националниот „Поетски слем Македонија“ годинава по 14-ти пат се одржа во Прилеп. Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп, а беше отворена со изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш. За годинашниот поетски натпревар беа пријавен 24 автори од повеќе градови, кои продефилираа низ центарот на Прилеп и рецитираа поезија на повеќе локации.
Дефилето заврши во клубот „Таверна“ каде што се одржаа две промоции на поетски книги – „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“) од Пијан Славеј (Бранислав Николов) и „Модра мрежа“ („ПНВ публикации“) од Марина Шокева. Настанот почнува во 19 часот.
Официјалниот слем-натпревар се одржа во киното „Мис Стон“. Настанот продолжи со отворен микрофон, каде што настапија и гостите од публиката. Поетската дружба продолжи во резиденцијата „Ана Плетварска“ во селото Плетвар. Третиот фестивалски ден се одржаа промоции на книгите: „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова-Лори („Чудна шума“) и „Додека спиеш“ („Чудна шума“) на Биљана Стојановска. Промоциите ќе се одржат во клубот „Таверна“ со почеток во 19 часот. Специјална гостинка на фестивалот беше Шенон Саливан од Берлин, која одржа свој музичко-поетски перформанс. Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и на италијански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.
Последниот фестивалски ден учесниците присуствуваа на литургија во црквата „Света Петка“ во населба Точила, а се одржа и поетско читање во манастирот Трескавец. Традиционално за манифестацијата се печати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
„Поетри слем Македонија“ досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство. Годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското. Дизајнот на фестивалскиот плакат е на уметникот Владимир Лукаш.