До 10 мај, скулпторот Сашо Саздовски и визуелната уметница Пандора Апостолоска Саздовска ќе учествуваат на Интернационалниот симпозиум во Алжир во организација на Министерството за култура. Пандора Апостолоска Саздовска, инспирирана од алжирската култура и архитектура, ќе го искористи престојот за правење урбани улични фотографии, кои ќе ги претстави и пред македонската публика по враќањето. Сашо ќе изработи мермерна скулптура со наслов „Последниот бастион“, која ќе спојува различни елементи од алжирската историја. Минималистичка по својата содржина таа ќе ги претставува телата на војниците, кои се слични на алжирските тврдини и минариња во долина М’заб, која е под заштита на УНЕСКО. На телата им недостигаат нивните глави, повикувајќи на нивното враќање, кои биле насилно одземени од некогашниот француски колонизатор.
Францускиот музеј на човекот во Париз сè уште чува околу 18.000 черепи од алжирскиот народ од колонијалните војни од 19 век, кои учествувале во борбата за независност. Алжирците бараат од музејот нивна експропријација – враќање за да може да им се оддаде почит и соодветно да бидат погребани.
Свеченото поставување на скулптурите во јавениот простор во центарот на градот Алжир ќе биде на 8 мај (четврток), а ќе ја отвори министерот за култура на Алжир, Зухиар Балалу. Авторот му ја посветува скулптурата „Последниот бастион“ на својот татко Александар Саздовски-Пацифист (1950-2023)
Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 г. дипломирал на Академијата за ликовни уметности, а во 2002 година магистрирал на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје, Македонија. Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно истражувачка. Во своите истражувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор.
Пандора е визуелна уметница, активистка и истражувачка. Во 2004 г. дипломира на Академијата за ликовни уметности, на отсекот сликарство со реставрација и конзервација. Уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи ги и Музејот за современа уметност во Македонија, Националниот музеј во Индија, Музејот на Марк Ротко во Летонија, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, и др.