Отворен 10. „Букстар“
Десеттото јубилејно издание на фестивалот на европска култура „Букстар“ беше отворено во „Лабораториум“ во присуство на голем број гости, писатели, поети, преведувачи, издавачи, но и вљубеници на пишаниот збор. Фестивалот го отвори писателката Румена Бужаровска, која во својот говор ја истакна важноста на нашиот јазик.
– Да се биде мал јазик без огромна писмена традиција може да се гледа и како предност. Едноставно, ние го немаме товарот на вековните јазични и книжевни традиции, товарот на споредувањето, товарот дека толку многу е напишано и измислено, што нема простор за ново. Всушност, ние сме тие што ја имаме слободата да измислиме. Ние сме тие што живо го создаваме јазикот, тие што ги градиме основите на културата, тие што јазикот можеме да го испишеме со нови значења. Ете каде сме сега: таму каде што никој досега не бил, на простор со бесконечни хоризонти – рече Бужаровска.
Според неа, како една од најмалите држави во федерацијата со јазик што беше кодифициран во 1945 година, нејзината генерација, а и тие пред неа, растеле со идејата дека македонската книжевност и македонските преводи се инфериорни кон српскохрватските и руските.
– Често се слушаа поплаки дека нашата книжевност е здодевна и невредна за читање и дека не комуницира со новите генерации, а и дека не постои квалитетен македонски превод и дека поради тоа, секако, не треба да се читаат или да се купуваат преведените изданија на старите и современи светски класици. Сиве овие генерации, за жал, забораваа дека бевме растени со делата на автори како Оливера Николова, Ванчо Николески, Видое Подгорец и Бошко Смаќоски, во кои уживавме и кои благо и игриво ја формираа нашата култура, јазик и идентитет. Тие забораваа дека само за 30-40 години, на македонски беа преведени стотици книги од светската книжевност и дека во македонскиот јазик беа вложени голем труд и љубов од една релативно мала група луѓе што неуморно работеа на проширување на нашите светови преку јазикот и книжевноста, ќе ги споменам Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Влада Урошевиќ, кои преку својот индивидуален труд успеаја да влијаат врз цели генерации – рече Бужаровска.
Тема на првата книжевна вечер беа траумата и истрајноста, а публиката имаше можност да чуе разговор со авторките Паола Перети од Италија и Мирженка Чехова од Чешка. Настанот го модерираа Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ.