Осумдесет години Македонски народен театар
Македонскиот народен театар (МНТ), најстарата национална професионална театарска институција и темелот на културата на Македонија, ја испишува сопствената историја, a од почетокот на 2025 година и достојно го одбележува јубилејот – 80 години.
– Чуварот на културните и традиционалните вредности низ годините преку репертоарската програма ги чува и ги негува театарскиот јазик и идентитет. По формирањето и натамошното постоење, поминува низ разни периоди: создавање и негување на ансамблот и на публиката, на творци што ќе учествуваат во обликувањето на претставите, одржувањето на репертоарот и гостувањата во и од светот. Создава место на европската и светската мапа преку поставување дела од севкупната класична и современа драматургија, но и преку постојано ангажирање светски реномирани режисери. МНТ се стреми кон ширење на театарската уметност во јавноста, пред сѐ насочена кон публиката, нејзина анимација и едукативно театарско будење, како и приближување до младината за активно размислување на темата култура и театар. Во чест на јубилејот, нашиот долгогодишен соработник Зоран Кардула направи голема чест за најголемата театарска куќа во нашата земја и со неговиот препознатлив дизајнерски печат го создаде логото „80 години Македонски народен театар“. Сите ние и секоја следна генерација сонуваме, мечтаеме кон патувањето и создавањето нови креативни светови. МНТ е приказна што започна да се развива веднаш по ослободувањето, во ноември 1944 година, од страна на група истакнати театарски дејци, да се прикажува во декември истата година преку пет едночинки и да се испишува со почетокот на 1945 година: на 3 јануари со вработувањето на 60 актери и технички, административен и сценски персонал и на 3 април со кревањето на завесата, премиерата на претставата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески – велат од театарот.
МНТ денес работи со веќе постојниот уметнички ансамбл, со тенденција за збогатување со нова и млада актерска сила. Во чест од кревањето на црвената завеса и од првата изговорена реплика, откога поминаа 80 години, на 3 април годинава ќе се одржи голем спектакл со мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето“ по повод чествувањето „80 години Македонски народен театар“, во режија на Дејан Пројковски. Со овој спектакл ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар (љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината). Претставата ќе претставува аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност.
Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе што се зад кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Публиката ќе биде на едно големо мултимедијално патување во театарот на сонцето.
– Прославата „80 години Македонски народен театар“ продолжува со премиерната изведба на претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, еден од најеминентните режисери во нашата земја и надвор од границите. Свечено ќе се одигра на 23 април, со моќна, масовна и бравурозна екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин, режисерот на претставата. Значајно е што ова дело за првпат се поставува во Македонија – велат од МНТ.
Покрај тековната репертоарска програма и повторно враќање на сцената на неколку претстави (кои не се играа подолг временски период, а тоа се претставите „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“), репертоарот на МНТ ќе се збогати со новите претстави поддржани од Министерството за култура и туризам на Македонија. Станува збор за претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, „Три сестри“ според драмата на А.П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска Трпеноска, и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. „Земјата на заборавените сказни“ е уникатна театарска авантура, која ги слави духот на природата и моќта на имагинацијата. Во свет на технолошка зависност, три деца ненадејно влегуваат во волшебниот универзум на словенската митологија, патување што ќе ве насмее, изненади и трогне. Автори на овој проект се Симон Трпчевски, кој по 30 години повторно соработува на сцената на МНТ, и реномираната писателка Билјана Црвенковска. Претставите ќе бидат поставени на големата сцена, а режисерите што ќе работат на овие значајни проекти, како Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ и Срѓан Јаниќијевиќ, се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и монографијата „80 години Македонски народен театар“. В.Д.