Педесет години Кинотека на Македонија

Во пресрет на 45-то издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на Македонија, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура во Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“. Во Кинотеката филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда, од 20 часот, а во Центарот за култура во Битола секој понеделник, од 20 часот.
Ретроспективата ќе започне на 7 февруари со филмот „Персона“ (1966), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда „златна камера 300“ за животен опус на „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман. Брилијантно одглумен од Лив Улман и Биби Андерсон, мајсторски снимен од редовниот соработник Свен Никвист, ова е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20 век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет.
Вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е „Париз Тексас“ (1984), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на специјалната „златна камера 300“ за посебен придонес во светската филмска уметност во 2002 година и „златната камера 300“ за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс. Тоа е трогателна студија на карактери напишана од реномираниот американски драматург Сем Шепард. Ова е најпознатиот роад-филм на Вендерс. Станува збор за едноставна и бавна приказна – медитативно аудиовизуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон.
Трет е Британецот Роџер Дикинс со филмот „Големиот Лебовски“ (1998), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на „златната камера 300“ за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен. Тоа е американски филм од 1998 година, напишан, продуциран и режиран од најпознатите браќа на современиот американски филм, Џоел и Итан Коен. Филмот е крими-комедија, лабаво инспирирана од делата на Рејмонд Чендлер, со сложен заплет, кој на крајот не е толку важен, колку што остава простор да се развијат широка палета исклучителни и неверојатни карактери. Филмот денес е еден од најпрепознатливите филмови на браќата Коен, каде што се присутни сите елементи од нивниот стил: ексцентрични ликови, генијални комични секвенци и духовити идиосинкратични дијалози.

Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е „Влези во празнината“ (2009), снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на „златна камера 300“ во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Деби, француско-аргентинскиот режисер Гаспар Ное. Станува збор за психоделичен приказ на животот по смртта. Најкомплексниот филм на Гаспар Ное, францускиот кинопровокатор, со текот на времето стана култно остварување. Сè почесто овој интригантен киноракопис зазема место во листите за најдобри филмови досега во 21 век. Филмот првично е промовиран на Канскиот филмски фестивал, а по завршната постпродукција во 2010 година, се најде на репертоарот на светските арт-хаус киносали и кинотеки. Музиката во филмот игра значајна улога и е комбинација од електронски пејзажи и психоделични звуци. Како главно влијание, Ное ги потенцира филмовите на Кенет Ангер, Кјубрик и Брајан де Палма.
Она што ќе го прикаже Кинотеката во февруари изобилува со квалитет. Сè е на рамништето на 50-годишниот јубилеј на институцијата. Доволно е да се појде во Кинотеката и да се погледне нејзината понуда. В.Д.