Рецензија
- (Кон претставата „Хеда Габлер“ по драмскиот текст на Хенрик Ибзен, во режија на Тимофеј Кулјабин и во продукција на НТ „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Главни улоги: Радина Карџилова, Дарин Ангелов, Иван Јуруков, Дејан Донков, Ана Пападопулу)
Хенрик Ибзен во својата драма „Непријател на народот“ вели: „Гледаш, поентата е дека најсилниот човек на светот е оној што стои најсам“. Оваа мисла минува низ главата при прочитот на режисерското видување на ова класично дело на Ибзен од страна на Тимофеј Кулјабин, кој со режијата на „Нора“ во истиот театар покажа ингениозна инвентивност. Се чини дека осаменоста е опсесивен мотив на големиот норвешки класик, но во видувањето на Кулјабин, таа „осаменост“ што Хеда Габлер ја практикува низ своите фотографии се претвора во отуѓеност, која е амблематска појава на грешниот дваесет и први век. Претставата на Кулјабин се случува „сега и овде“, што е уште една иновација во неговиот режисерски артизам, всушност, дејствието на претставата се случува во и надвор од театарот, така што делови од сцените можеме да проследиме како снимки низ улиците на Софија. Овде се прашувате која е причината за оваа временска преориентација и за особеното театарско прекршување на протокот, кој временски има свој естетски и филозофски контекст во драмата, но во претставата е реалитет што ни се случува како во документарен филм. Хеда Габлер во делото на Ибзен нема многу време. Таа е ќерка на генерал и има една есенцијална мажественост во себе, која носи храброст помешана со суицидност. Исклучително интересно за Ибзен, но инспиративно и за Кулјабин, кој во режисерскиот концепт ја внесува клаустрофобичноста како социјален пандан на отуѓеноста. Сите фотографии на Хеда Габлер се илузионистички данс макабр каков што сме навикнале да гледаме во визуелните проекти на Марина Абрамовиќ. Молчалива, залудно искрена, оваа Хеда преку својата недостапност и наивна таинственост го открива светот на денешната резигнација, која станува јадење без зачин: блуткава. Тимофеј Кулјабин со ова видување на Хеда Габлер нè носи на патување низ нашето никогаш несогледано „сега и овде“, во еден реалитет што никогаш, ама баш никогаш не го согледуваме итајќи кон нешто што сме го зацртале, а кое дождот го измил, па не можеме да видиме каде сме тргнале. Времето, според концептот на Кулјабин, е голем непријател затоа што неговото течение е незапирливо и затоа реалитетот во оваа претстава не само што ни го носи чувството на „сега и овде“ туку нè поведува на патување во кое нашата свесност за течењето на времето е примарна. Кулјабин, покрај интимните прашања на ликовите, особено на Хеда, го поставува и прашањето за осознавањето на временските текови.
Во овој особено интересен концепт, како и во „Нора“, највпечатливи се ликовите. Хеда на Радина Карџилова е бунтовна, внатрешно тензична, но неизрекливо молчалива. Нејзината тишина е трактат од многу јазици, а оваа бескрајно талентирана актерка го одигрува тоа маестрално, давајќи му совршено точен акцент на секој изговорен збор, на секоја задушена мисла, на секој здив. Хеда во нејзиното тело и нејзиниот духовен корпус е Хеда на дваесет и првиот век, аргументирано нихилистичка, неприкосновена, но суицидна дури и на прв поглед, лик што долго би го паметеле.
Наспроти неа е секогаш расположениот Тесман на Дарин Ангелов, кој со својата динамика и животна радост и со исклучителната позитивна енергија како да ѝ го става животот на својата избраничка на подавалник. Свесен за својата залудност, Тесман на овој прекрасен актер е горчливо весел, лик што Дарин го одигрува со безброј ситни валери што одушевуваат. Како најавена суицидност, некаде меѓу нив двајцата е и Давид Левборг, ликовен критичар, кој одличниот Иван Јуруков го одигрува со голема умешност градејќи лик на очаен бонвиван чиј нихилизам во извесна смисла станува лајтмотив на целата претстава. Тука ќе ја споменеме и воздржаната и елегантна Теа Ралева на Ана Пападопулу (имињата на некои ликови се одомаќинети), која својот лик го одигрува со една тивка емотивност, а како нејзина спротивност се појавува и Дејан Донков, кој својот Филип Брак го потопува во реторика и резонерство. Секако, Бојка Велкова како Јулија Тесман и Албена Сраврена како домашната помошничка Берта се исто така релевантни ликови чија енергија е од големо значење за целата претстава.
Визуелниот момент на ова видување на „Хеда Габлер“ на Олег Головко е осовременет докрај иако има една колоритна асоцијација на седумдесеттите години, додека музиката на Тимофеј Пастухов, иако не многу наметлива, нè потсетува на елегичноста на приказната на Хеда и храброста на себепогубувањето.
Во еден момент, Хеда во претставата вели: „Ослободување е да се знае дека и покрај сè, однапред смислен чин на храброст сè уште е можен“. Овде се чини дека Кулјабин го поставува круцијалното прашање: дали суицидноста може да биде уметност и колку современиот живот и отуѓеноста се мотив за уметничкиот чин на самопогубувањето. Хенрик Ибзен на многу наврати низ своите дела зборува за трагиката на женската неснајденост и нејзината меланхолија. Би рекол дека Кулјабин низ својата режисерска естетика обраќа внимание токму на есенцијата на човековата неснајденост во кое било општество. Универзалноста на неговото читање на делата на овој класик е токму во неповторливоста на чинот на напуштањето. Хеда Габлер е уште една премиса во ова многу плодоносно истражување, кое отвора прашања за некоја друга интерпретација. Би рекол, во тоа е и убавината на театарскиот чин.
Сашо Огненовски

































