Срам ми е што го пишувам ова. Како Македонец се срамам.
Добивам мејл од мојот пријател, нашиот ингениозен сликар Сергеј Андреевски, синот на еден од моите книжевни татковци – книжевниот гениј Петре М. Андреевски, во кој тој бара поддршка од мене и од истакнати наши јавни личности и институции – да не пропадне, да не се уништи меморијалната поставка во чест на овој писател во с. Слоештица, Општина Демир Хисар! Од што да се уништи?! Од влага, несоодветен покрив и просторија, од хронична негрижа и јавашлук да пропаднат ракописите и личните предмети на класикот?!!!
Или вистинското прашање е: не од што, туку од кого да пропадне? Пишувале синот и пријателите на Петрета писмо до господата локални и глобални политички моќници – ама наишле на тотален бојкот! Па зар до тоа дојдовме – семејствата да се грижат за столбовите на македонската култура, а не државата?!
Јасно е: ќе пропадне тоа од едикојси наместен локален полтрон на некои политички избори. Или, како што напишав во една колумна за претходните (а и овие сега не влечат поука) – кои сте бре вие?! Ќе пострада Петре од едикојси, или, да се огласам со револт – еј, кои сте бре вие рака на Петрета да кревате?!
Што му правите на човекот што и кога ја љубеше Дениција учествуваше во создавањето на првата македонска држава?! На човекот што ги нареди македонската книжевност и нејзината поезија до светските величини? Човекот што неодамна, во предговор за руското издание на „Пиреј“, го нареков македонски Толстој во прозата, зашто навистина, барем со „Пиреј“, Петре е за македонската книжевност истото она што е Толстој со „Војна и мир“ за руската!
Кои се тие политички бирократи и паланечки анонимуси што не си ја ценат светската вредност што ја имаат во дворот?! Тоа е паланечко однесување опишано во многу книги! И јасно ми е зошто Македонија никогаш до 1945 година немала држава, а од 1945 ја имала само формално, зашто политичарите, леви, десни или средни, се однесуваат како да не сакаат држава! Како да не сакаат да постои Македонија! Додека сами не се цениме, нема никој да нè цени.
Затоа, господине премиер (мој сосед во Влае), господине министер за култура (мој пријател и знаменит актер во моја претстава), ВЕ МОЛАМ, доколку моето име нешто ви значи, ИТНО ПРЕЗЕМЕТЕ МЕРКИ поставката за генијот Петре М. Андреевски да стане државна сопственост и да се стави под целосна државна заштита! И казнете ги оние што не одговараат на барања и кои доведоа до тоа – јас, ученик на Петрета, да се срамам со ова писмо.
Да докажуваш дека Петре го заслужува тоа – минимална почит од сопствениот народ, е како да докажуваш дека Сонцето свети. Е па, свети. Нема да го угаснете ни со влага, ни со мемла, ни со молк и бојкот. Молкот и бојкотот се само духовна мемла.
Венко Андоновски, писател, професор и дописен член на МАНУ
Градоначалникот на Демир Хисар тврди дека меморијалната поставка е во одлична состојба
Градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, со соопштение во јавноста вчера реагираше со тврдење дека меморијалната поставка се наоѓа во одлична состојба и дека објектот и експонатите се редовно одржувани.
– Објектот е во сопственост на Општина Демир Хисар, а неговото управување е доверено на невладина организација избрана на јавен повик, спроведен и усвоен од страна на Советот на општината, во согласност со сите законски и демократски процедури. Во текот на последните четири години, Општина Демир Хисар спроведе повеќе конкретни активности за афирмација на ликот и делото на Петре М. Андреевски, меѓу кои преименување на градската библиотека со неговото име, изработка на впечатливи мурали на Домот на културата посветени на неговото дело, како и поддршка на културни настани и проекти што ја слават неговата книжевна оставина – потсети градоначалникот Најдовски.