Беседа по повод монографијата „Мојот творечки пат“ (2024) на Стојан Стојков

Секој музички уметник е по малку Индус, затоа што ако во христијанството Бог создава со Словото, кај Индусите со звукот ОМ постанал светот. Можеби е тоа тој густ праатом на материјата за кој зборуваат астрофизичарите поврзан со Биг бенгот, праексплозијата што го создала Универзумот. Музиката на Сферите е нејзин производ. Во таа смисла и секој музички уметник е еден вид миркосоздател на музички свет. Композиторот посебно, кој интуитивно, повеќе од рационално, во своите композиции го средува и хармонизира музичкиот хаос од првобитната експлозија на ОМ или атом што ја содржел компримирано во себе Божјата музичка свест. Така работи и нашиот знаменит композитор Стојан Стојков, кој јасно стои во самиот врв на нашата музичка уметност. Композитор кому ништо не му е туѓо во неговата уметност и кој со необична имагинациска инвенција од камерните и другите лирски творби стигнува до големите музички форми, како што се симфонијата, балетот и операта. Една навистина богата и стилски префинета музичка имагинација. Оттука и не е случајно што таа е препознаена таква и надвор од нас, па неговите творби се изведувани на реномирани музички сцени во дваесетина земји во Европа, Америка и Азија.
Со Стојан Стојков сме дамнешни пријатели, не по рацио туку по интуиција на душата и талентот подарен од Господ, кај него музиката, кај мене поезијата. И во уметничкиот сензибилитет имаме многу сличности. Имено, затоа и ми се допаѓа неговиот интуитивен музички романтизам, во кој богато е вткаена и поезијата како инспирација и имагинација. Во неговите композиции е присутна цела плејада од македонски поети од неколку генерации, високо поставени на неговото петолиние, на кое, дозволено ми е како поет да кажам, во многу lucida intervala мигови слетуваат и ангелите. Во неговите поетски композиции посебно како вдахновение импресионира сјајното лирско созвучување на псалмите на Михаил Ренџов. А, да се пофалам, има прекрасно озвучено и некои мои песни. Работевме подолго заедно со духовното поетско-музичко проткајување и на балетската музика за која како инспиративен извор послужи мојата поема „Маж и жена со лице спроти ѕвездите“. Видов на самото место како овој расен музички уметник влегува во самото срце на поезијата, трансформирајќи ги со една речиси магична визија поетските слики во музички. На крајот од целиот тој мозаички поетски и музички спектар се склопи една сјајна балетска композиција во која музиката оди по патеката на една префинета уметничка визија. Ако даде Господ, може наскоро да излезе таа визија и на сцена.

Обично, кога брзоплетата критика сака да фали некои композитори, како комплимент истакнува дека тие се модерни или авангардни, додавајќи го честопати пред нив префиксот ултра. Но тоа понекогаш е несфаќање на модерното и авангардното. Што се однесува до Стојан Стојков, тој е навистина модерен во својата уметност и, следствено на тоа, авангарден, но на еден амалгамски и, би рекол, алхемиски начин. Тој располага не само со големо музичко знаење туку и со голема музичка интуиција, па, имено, и затоа во своето творештво прави една сјајна синтеза меѓу класичното и модерното или авангардното. Сеедно. Тој убаво знае дека ариергардата е темел на авангардата и дека без неа не е возможен вистинскиот модернизам (не постмодернизам, што е нешто поинакво) во кој уметноста има своја жива, препознатлива онтологија. Во случајот музичка онтологија. Кај постмодернизмот го нема тоа. Но тоа е друга тема. Тука, во модернизмот како што го сфаќа длабински Стојков, имено, се вклопува и романтичарскиот елан витал на неговото творештво, а тоа е свртувањето и црпење изобилна инспирација од народното творештво. Така како што правеа всушност и романтичарите, кои, веќе се разбира, се класика. Во смисла на музичката слика на таквата синтеза на ариергардата и авангардата, класичното и модерното говорат и некои моќни инспиративни извори од кои се напојува музичката имагинација на Стојан Стојков, почнувајќи од Кукузел и полифиниите и уметноста на фугата на Бах, па натаму романтичарските и раскошни фолклорни музички бравури на Бела Барток, сѐ до модернизмот на големите руски композитори Шостакович и Стравински. Тоа е само фрагмент од тие извори.
Ризницата на фолклорот е огромна инспирација и креативна фасцинација на Стојков. Готфрид Бен зборуваше дека за еден поет е најважно да поседува моќ на фасцинација од јазикот. Пренесено на музички план тоа значи фасцинација од звукот што е материјал за музичката творба. А фасцинацијата, пак, сама по себе, го открива битието на уметноста. За Мерло Понти тоа најубаво и најелементарно се објавува во сликарството, но истото тоа важи и за музиката, која погрешно се смета за најапстрактна, а не е, бидејќи таа е сетилна и за неа има конкретно сетило од петте што ги поседува човекот, слухот. Така, таа е елементарна и конкретна како глината (во уметноста на вајарството) од која Бог со големо уметничко задоволство го создава своето богобразно создание Адам. Од уметностите сепак најапстрактна е не музиката, туку поезијата, бидејќи за неа не постои конкретно сетило, освен ако, иако апсолутно метафизичко, тоа не е битието. Можеби имено затоа и Хајдегер неа ја дефинира in medias res како „говор на битието“. Тој говор, следствено, треба да ја дополни празнината на отсуство на посебно сетило за него. Но секако, да не бидам разбран погрешно, говор на битието е и целокупната уметност, која најмногу и неповторливо, секоја на свој начин, го еманира него. Музиката, како што би ја дефинирал јас, „магијата на битието“, исто така. Целосно сум сигурен во тоа кога го слушам Стојан Стојков.

Во звучниот универзум на Стојков, и како поет, мене особено ми се допаѓаат неговите камерни лирски композиции, кои од почетокот до крајот (ги има десетици) создаваат една прекрасна голема симфонија, која е најблиска до уметноста на фугата со суптилни (специјалитет за префинетото уво) контрапунктски јазли низ кои се провира и блика лирскиот поток на музиката. Во нив, како што може да се забележи, доминира пијаното, но по него веднаш се флејтата и виолината. Се осмелувам да кажам дека тоа е Светото тројство во неговите лирски музички форми, пред сѐ на сонатата и сонатината. Во нив има звучен талог на есенцијализам и контемплативна музичка енергија. Има многу колоритност, или чиста сугестија на обоени тонови. Она што се дефинира со поимот синестезија, особено карактеристичен за модерната уметност, како за поезијата, така и за музиката и ликовната уметност. Рембо во песната „Самогласки“ ги обои вокалите, а Кандински во своите есеи за сликарството зборува за боите карактеристични посебно за секој музички инструмент и неговиот звук. Таа особеност на тоновите во чисти бои силно, речиси сетилно ја почувствувал и рускиот композитор Скрјабин, па така, нотите на своето петолиние, посебно за секој звук, ги бележел со бои. Не знам дали истото тоа го практикувал, посебно во своите камерни творби, Стојан Стојков, но факт е дека музиката во нив од сребрено сфумато се прелева во сино и окер кога синестетички се измешани сетилата, па увото гледа, а окото слуша. Тоа е значаен естетски парадокс во модерната уметност во која, како кај нашиот композитор, ритмички се сменуваат во својот звучен линеарен тек во еден префинет лиризам асонанците и дисонанците. Потоа на тој план, што е особено важно за него, тој необично смело и интензивно ги меша звуците на класичните со звуците на народните, фолклорни инструменти. Така, на пример, во редица композиции кај него, тапанот и флејтата, наизглед неспоиви (едниот инструмент со ангелски, другиот со темен подземен звук) извонредно тактилно соработуваат, се амалгамизираат и проткајуваат. А тоа може да го постигне само музички уметник што перфектно ја познава звучната душа на инструментите што му се орфејски покорни нему, на неговата длабока музичка интуиција и имагинација.

Еден сјаен композитор со Господов талент, кој, како што се гледа од сѐ што кажавме, имајќи го предвид неговиот префинет музички лиризам, има и скриена внатрешна интуитивна поетска дарба. Онака како што ја имале неа и многу знаменити композитори, какви што се: Шопен, Дебиси, Моцарт, Мануел де Фаља и други. Музиката на Стојан Стојков е музика на тивка екстаза и таа е вистинска свеченост не само за сетилното туку и за метафизичкото уво на битието и душата. Бидејќи метафизичкиот квалитет, кој Карлајн посебно го бара од поетите и поезијата, не ѝ е туѓ и на музиката. Посебно, кај нас, на музиката на Стојан Стојков. Неговата Монографија укажува на многу аспекти на неговата богата личност, покрај другото и на неговата сјајна педагошка професорска дејност.