Фестивал „Зрно“
Во рамките на фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“ е отворена изложбата „Рајска градина“ на Тијана Борбељ, која нѐ враќа во некои минати времиња, ни поставува прашања за сегашноста и ја загатнува иднината, преку нејзините фотографии од стари семејни албуми на „фолксдојчери“ од Војводина, најдени на пазари за старудии, кои таа ги облагородува со вез. Проектот го истражува концептот на рајот низ објективот на архивската фотографија и интервенциите во техниката на везење. Истражувањето произлегува од фасцинацијата со старите семејни албуми на германски семејства, најдени во пластични кутии на пазари на старудии или на интернет-платформи за продажба на половни работи.
– Размислувајќи за историјата на моето село, кое некогаш било населено со значителен број Германци, се соочувам со реалноста на нивното отсуство. Овие наоди отвораат прашања за исчезнувањето на овие заедници и нивното локално влијание. Мојата цел е да ги истражам и откријам подлабоките слоеви на врски што некогаш поврзуваа различни култури, додека ја барам земната божја градина. Преку архивските фотографии настојувам да создадам дијалог помеѓу минатото и сегашноста на човечкото искуство. Проектот не е само ретроспектива туку и покана за подлабоко разбирање на нашето колективно наследство и идентитет, истражување на патиштата до спознавањето на земниот рај – вели Борбељ, млада визуелна уметница од Србија.
Своите дела таа досега ги изложувала на групни изложби, а покрај тоа присуствувала и на неколку работилници за фотографија. Нејзините дела најчесто се базирани на документарниот жанр.
– Црно-белите фотографии од германските семејства во мал формат што ги купила на пазари за стари работи и портали за половни нешта бележат некое друго одамна поминато време, кое изгледа безгрижно, безбедно и среќно во овие минијатури на животот. Зарем сите ние не би посакале таков живот?! Тијана решава да додаде елементи од рајот на овие безгрижни сцени, додавајќи им боја и тактилност. Шарени цвеќиња и многу зеленило буквално се вткаени во овие фотографии со прецизното ткаење на Тијана. Трендафили расфрлани по крошните на дрвјата, цветен свод на куќата на шармантен маж, лалиња и сите други цвеќиња се појавуваат на можни и невозможни места на фотографските сцени на среќа, слободно време, формалност, љубов – вели за изложбата Ивана Томановиќ од Академијата за уметност од Нови Сад.
Изложбата „Рајска градина“ беше отворена во мобилната галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Претходно во галеријата на ФЛУ во „Сули-ан“ се отвори и изложба на Наталија Копкина од Хелсинки и Бабак Хаџи од Техеран, исто така во организација на фестивалот. Паралелно поставените фотографии на двата автора од навидум далечни култури и фотографски израз, поставени заедно, ни предочуваат суштински прашања за нашето поимање на нас самите. Изложбата ќе може да се посети до петок, секој работен ден до 15 часот.
Годинава активностите на „Зрно“ се одвиваат под мотото „Танцот на фотоните“. Следни настани се работилниците за благородни фотографски процеси во селото Смилево, под водство на врвни светски фотографи, кои се ретка можност за запознавање со фотографијата на вистински начин. Сѐ уште има неколку слободни места за учесници од Македонија во Смилево. Во соработка со „Македокс“ и НУ „Смилевски конгрес“ во Смилево на 20 јули (сабота) ќе се отворат и изложби на Миша Кескеновиќ од Словенија и фотоклубот „Ирис“ од Темишвар, а ќе има и проекција на филмот „Манаки приказна во слики“ на отворено, на сретсело, за да можат и странските и домашните посетители да се запознаат со бардовите на македонската фотографија и кинематографија.
В. Д.